ВИДЕО – Младите од Крушево јавно ги кажаа потребите: немање работа, подобра инфраструктура, развој на спортот, поголема хигиена, промоција на градот

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Поголема промоција на Крушево, немањето работа, подобрување на инфраструктурата, развој на спортот, изградба на паркизни, поголема хигиена, решавање на проблемот со кучињата скитници, ова беа само дел од проблемите кои младите од Крушево јавно ги кажаа на трибината која е дел од иницијативата „Од млади за млади“. Проблемите и потребите на младите лично ги слушаше и актуелниот градоначалник.

„Има иселување, доста има, а најголемата причина е работата“, рече Васе Ташески, жител на Крушево.

 „Поради тоа бегаат од тука, немаат тука ништо, ништо не работи, не функционира, една фабрика има само и таа не е стабилна, сезонски вработуваат со договори месец за месец“, додаде Ѓоко Петкоски, жител на Крушево.

 „Треба да ги искористиме природните ресурси кои ги имаме како општина, се со цел да се создадат услови за да има појак приватен сектор, не треба вработувањата да бидат само на сметка на администрацијата и државата“, истакна Спиро Божиноски, жител на Крушево.

Младите сметаат дека потребна е и поголема туристичка промоција на градот, но и секој од нив си кажа што него лично го мачи и смета дека треба да има приоритет при подобрувањето на квалитетот на живот.

„Да обезбедиме некои спортски турнири, со кои што би ја привлекле публиката од страна, љубителите на спортот, а исто така на таков начин ќе се привлечат и повеќе туристи. Треба да се работи и на подобра организација воопшто и на хигиената, на чистотата на градот, повеќе забави“, вели Димитар Ќосе, жител на Крушево.

 „Мислам дека се потребни повеќе вакви настани каде можеме да си ги искажеме нашите мислења, ставови и потреби. Мене на пример ми пречат многу кучињата скитници, кои се голем проблем, ги има насекаде низ градот“, вели Виолета Петрушеска, жител на Крушево.

 „Мене лично ми недостасува некој центар каде може да се рекреираме, да развиваме некое наше хоби, место каде може да ги покажеме нашите таленти“, додаде Марта Штерјоска, жител на Крушево.

Целта на целиот настан е да се изготви еден документ кој ќе биде доставен до сите политички партии, кои преку тоа ќе го слушнат гласот на младите и нивните барања ќе ги вклучат во своите програми за локалните избори.

„Доколку потоа партиите, идниот градоначалник на Крушево, идниот состав на Советот, ја прифатат програмата и реализираат дел од проектите сметаме дека ќе го поттикнеме социјалниот живот, ќе поттикнеме повеќе работни места, ќе поттикнеме да се намали овој процес на иселување, и младите да си го чувствуваат овој град како свој, во смисла на тоа да останат тука и после студиите и слично“, изјави Сотир Галбелоски, имплементатор на иницијативата „Од млади за млади“.

Младите во Крушево се надеваат дека политичарите конечно ќе го слушнат нивниот глас, желби и потреби и дека ќе престане масовното иселување од ова место.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи