Мултиетничка и социјална кохезија за време на криза

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Мултикултурализмот во Република Северна Македонија и социјалната кохезија, како и меѓусебното прифаќање и почитување на различностите е општоприфатен принцип и темелна вредност на уставниот поредок на нашата земја кој има клучна улога во секојдневното функционирање на граѓаните. Така, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се востановени како суштинска темелна вредност од која произлегува чувството за припадност, но и меѓусебно признавање на различните карактеристики на националностите кои живеат и творат во Северна Македонија.

Социјалната кохезија и мултикултурализмот се основни начела за кои учат најмалите уште од најрана возраст што е од исклучително значење за нивниот општ развој, но и основа за идно напредно разбирање и делување во насока на подобрување и воздигнување на мултикултурната соработка.

Социјалната кохезија во своето основно значење претставува чувство за припадност на заеднички простор или степен на консензус на членовите на една заедница. Така, социјалната кохезија особено зависи од социјалната интеракција во рамките на социјалната група, па така поголема интеракција значи и поголем степен на социјална кохезија. Додека пак, мултикултурализмот се дефинира како социјално-интеркултурно движење чија основна карактеристика е разноликоста при што се бара сите културни групи да останат рамноправни преку зголемување на достоинството, правата и признавањето на различностите на различните групи.

Прифаќањето на различностите во нашата земја отсекогаш било на високо ниво што е поттикнато од заедничкиот соживот помеѓу граѓаните кои од најрани години се среќаваат најпрво во заедницата од која потекнуваат, потоа во образовниот процес, а подоцна и во текот на работниот живот преку заедничко функционирање, помагање, прославување на празниците, но и воведување и вклучување на термините мултикултурализам и социјална кохезија во наставниот процес. Сето ова зборува за една хомогеност на оваа активност која доведува до меѓусебно почитување и славење на различностите, а истовремено ја зголемува и солидарноста и социјалната вклученост и хуманост помеѓу граѓаните.

Од друга страна, нарушувањето во мултикултурните односи на кои сме сведоци изминатите години (за време на кризата во 2001 година, зголемување на дискриминацијата по различни основи и сл.) доведува до напредок на стигматизацијата, предрасудите и дискриминацијата во нашата земја, која е најмногу поттикната од политичките односи кои владеат помеѓу различните партиски страни, а на крај најзасегнати од овие состојби се граѓаните кои се жртви на ваквите политички препукувања и несогласувања.

Кога станува збор за различната демографска поставеност на РСМ што секако е исклучителна предност за реално практикување на мултикултурализам и социјална кохезија со оглед на различните етнички групи во земјата, во изминатиот период се покажа како исклучителен предизвик кој и по две децении постоење како независна и самостојна држава не успеа да се зајакне и да се постави цврсто во регулирањето и општото прифаќање на културите на различните националности, а сето ова проследено со меѓуетнички конфликт и промени во уставното уредување и законската регулатива која се однесува на правата на заедниците во Северна Македонија. И покрај сите овие нефункционалности на системот предводен од различни политички групи, особено е важно да се истакне фактот дека граѓаните се свесни и демократски настроени за прифаќање на сите подеднакво без разлика на верска и национална припадност, раса, боја на кожа, социјален стандард, пол, род, сексуална ориентација и сл. Овие познавања се уште не се на завидно ниво, но треба да се поддржи и да се дејствува во насока на нивно подобрување и унапредување. Во контекст  на ова, од особено значење е зголемување на заложбите на граѓанскиот сектор во задржување на волјата, но и унапредување на знаењата поврзани со прифаќање на различностите и уништување на стереотипите и предрасудите кои доведуваат до дискриминација. Изминатава година, проследна со здравствена криза поради пандемијата со Ковид-19 покажа дека хуманоста, човечноста и солидарноста во нашето општество сеуште постојат и граѓаните се подготвени да споделуваат, да помагаат и да се поддржуваат едни со други и покрај лошата здравствена, економска, психолошка и финансиска криза во која се наоѓаат. Граѓаните докажаа дека во време на криза, со минимални средства можат да направат многу, а тоа е да си помагаат едни со други и да се заштитуваат во рамките на можностите кои им ги обезбедуваше државата.

Станица П.Е.Т. како здружение кое работи на правна едукација и транспарентност, а чии основни цели на работа и дејствување се поврзани со овозможување услови за мултиетничка и социјална кохезија и делување преку вклучување на лица од различни етнички, географски и социјален профил, ја цени како можност да се постигне реален и ефктивен придонес за позитивни општествени промени. Така, работата на здружението е посебно насочена кон едукација на граѓаните за прифаќање на различностите, но и зголемување на знаењата за препознавање, спречување и заштита од дискриминација по различни основи. Здравствените промотори и параправниците на здружението кои потекнуваат директно од заедницата имаат исклучителна улога во постигнување на овие цели, кои треба да доведат до повисоко ниво на мултикултурализам во нашата заедница. Ваквото делување кога би ја опфатило целата држава би достигнало едно завидно ниво, што ќе обезбеди основа за зголемување на довербата на граѓаните кон институциите на системот, а ќе има позитивен ефект и врз севкупното функционирање на општеството во целина.

Aвтор: СТАНИЦА П.Е.Т.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи