Како Халк го презеде приматот за најбирана банка кај новооснованите компании

Facebook
Twitter
Email
Print


Еден од придружните елементи при отворање на нов правен субјект е и одлуката за банкарска соработка. Притоа, уште при самото заведување на компанијата во централниот регистар може да се избере банка, каде за новата компанија автоматски ќе биде отворена сметка, која подоцна треба да се активира. Изборот на банка не значи дека компанијата е принудена да соработува само со однапред избраната банка, меѓутоа доколку банката покаже капацитет да ги сервисира потребите на компанијата, тогаш е во супериорна позиција да го зголемува своето портфолио. Токму затоа, банките посветуваат големо внимание на нивниот имиџ, високото ниво на услуга и стручност, како и трошковните аспекти за идните клиенти.

Порталот Pari.com.mk согласно податоците на БизнисМрежа.Мк и нивната платформа за бонитетни податоци, направи анализа за изборот на банка на новоотворените компании споредувајќи ги податоци за 06/2021 и 06/2020 година.

Во продолжение следува графикон кој сликовито ја изразува тековната состојба.

Заклучоците кои може да се изведат се следни:

  • Од вкупно 13 банки (една помалку во споредба со 2020 година, поради затворањето на Еуростандард Банка) само 7 успеале да го пораснат своето портфолио со стапки поголеми во однос на 2020 година.
  • Најголем добитник во 2021 година е Халк Банка, која успеала да привлече 206 новоотворени компании повеќе отколку во 2020 година.
  • Од друга страна намалена стапка на пораст, кога станува збор за привлекување ново отворени компании, најзабележителна е кај Уни Банка (24 компании помалку од 2020 година) и НЛБ Банка (со пад од 19 компании).
  • Последните 2 години на пазарот, кога станува збор за анализираниот сегмент, има водечка четворка (Стопанска Банка Скопје, Комерцијална Банка, НЛБ Банка и Халк Банка) која завзема ¾ од пазарот и нејзиното учество од година во година расте. Вкупниот удел на овие 4 банки во 2020 година изнесуваше 73%, додека во 2021 таквото учество се покачи на 75%. Пазарното учество на топ 4 банките за 2021 година, во корелација со вкупниот број на новоосновани компании е следно:

Порастот од 5%, ја доведе Халк Банка до епитетот најбирана банка на новооснованите компании.

  • Минатата недела банкарската фела ја заврши со спојувањето на Шпаркасе Банка со Охридска Банка, па токму затоа изминатото полугодие ќе го анализираме како заедничко. Новата групација во 2021 година учествува со 6% во вкупниот збир, додека вкупниот број на компании кои се одлучиле за овие банки бил 224. Во нив Шпаркасе Банка има учество од 63% и иако Охридска бележи пад во привлекувањето новоотворени компании (3 компании помалку во споредба со 2020 година), сепак на ниво на групација имаат пораст во апосолутни бројки при исто процентуално учество. Сепак и како заеднички субјект се далеку од големата четворка.
  • За одбележување е и податокот што Прокредит Банка има втор најголем пораст (40 компании во апсолутна бројка), меѓутоа нејзиното учество од само 2% е сигнал дека можеби до сега не посветувале доволно внимание на овој сегмент.
  • На дното на листата е Капитол Банка која за 2 години успеала да привлече само 11 новоосновани компании.

Она што радува е податокот дека во 2021 година има пораст на бројот на новоосновани компании, а банките се тие кои треба да покажат дека ја заслужуваат довербата која што првично им ја дале компаниите. Токму затоа, се повеќе се присутни маркетинг кампањи во кои се промовираат производите на банките, нивната грижа за клиентите, поддршката која им ја даваат на бизнис секторот и пред се на стартап заедницата, како и големиот број на технолошки иновации и функционалности со кои банкарското работење го прават брзо и лесно за употреба.

Редакција Пари

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи