Комплетирани муралите на великаните Блаже Конески и Стале Попов

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Идејата за реализација на двата истакнати дејци за градот Прилеп и реактуелизацијата на нивните ликови преку мурали доаѓа од двата големи јубилеи, односно 100 годишнината од раѓањето на Блаже Конески и 30 годишнината од независноста на државата, истакна на дешената прес конференција претседателот на Центарот за современа ликовна уметност, Горан Ристески.

Според Ристески целта на ЦСЛУ е и во иднина да продолжат и да исполнуваат градски површини со истакнати дејци или модерни урбани мотиви со цел уметноста се повеќе да се доближи до обичниот граѓанин.

„Јас мислам дека идејата ни е добра, наидуваме на општа поддржаност, малку негативни критики кои ги добиваме во споредба со позитивните критики. Пријатно бевме изненадени во овие 7 дена буквално од сите генерации, луѓето ги препознаваат кои се и на нашите објави има преку 50 коментари каде граѓаните бараат уште, да не се запира со ова. Се надеваме дека и во иднина ќе одговориме на потребите на граѓаните и на уметниците“, изјави Ристески.

Муралите беа дело на тројца уметници, односно Сања Јездиќ, Александар Џинго и Ферди Булут. Според нив, создавањето на едно вакво монументално уметничко дело претставува подолготрајна процедура.

„Овој принцип на создавање на вакво уметничко дело, односно создавање на и изведување во ваква медија има подолгорочна процедура. Всушност, првичниот аспект е мотивацијата, односно од каде тргнуваме, за што правиме и која е инспирацијата за да се дојде до едно такво уметничко дело, нели ние тоа го имавме. Се припрема скица, скицата заедно ја уогласуваме или не се согласуваме, па ја дополнуваме. Скицата беше одобрена, самата процедура на работа е малку и ризична во овој случај каде што ние работевме на извесна висина, потпомогнати со дигалка. Се работеше релативно брзо бидејќи веќе знаевме што работиме, скицата беше пренесена со прожектор на ѕидот и работата одеше релативно брзо“, рече Александар Џинго.

Уметницата Јездиќ се надева дека тимот преку овие современи мурали ќе го доближе ликот и делото на двата великани до публиката, а особено помладата публика.

„Ние како тим сме задоволни од нашата работа, се надевам дека и публиката ќе биде исто така задоволна. Додека работевме имаше доста позитивни коментари за муралите. Во тимот сме тројца, Ферди, Александар и јас, се надевам дека ги претставивме со должна почит великаните на македонското литературно творештво и дека нивните дела преку нашите мурали во една современа ликовна уметност ќе ги доближиме до младата публика која веќе ги подзаборава сите оние историски личности од нашата држава и нашата историја“, рече Јездиќ.

Станува збор за мурали кои се изработени во маркантни димензии. Димензиите на Блаже Конески се околу 12 метри висина и 3 метри ширина, додека димензиите на муралот на Стале Попов изнесуваат 22 метри висина и 6 метри ширина.

Во рамките на овој проект предвидени се и два кратки документарни филмови за животот и делото на двајцата великани, Блаже Конески и Стале Попов.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи