Право на штрајк

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Правото на штрајк е право што е гарантирано со Уставот на Република Северна Македонија. Согласно Уставот, со закон може да се ограничат условите за остварување на правото на штрајк во вооружените сили, полицијата и органите на управата.

Главен правен извор со кој се регулира правото на штрајк е Законот за работните односи. Покрај ЗРО, остварувањето на правото на штрајк се уредува и со други посебни закони (Законот за мирно решавање на работните спорови, Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за установите, Законот за јавните претпријатија, Законот за здравствената заштита, Законот за основното образование, Законот за средното образование и др.), како и со колективни договори.

Субјекти на штрајкот

Субјектите на штрајкот може да бидат активни и пасивни. Активен субјект е страната што го организира и го поведува штрајкот. Согласно Законот за работните односи, право да повика на штрајк имаат синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво. Штрајкот организиран и поведен од група синдикално неорганизирани работници ќе се смета за незаконски штрајк. Пасивен субјект е страната против која е насочен штрајкот, а тоа е работодавачот, односно здружението на работодавачи на повисоко ниво. Штрајкот не мора секогаш да биде насочен кон основниот работодавач (работодавачот кај кого настанале причините за организирање штрајк), туку и кон спореден работодавач (работодавачот кај кого настанал штрајк во поддршка на примарниот штрајк). Во оваа ситуација, станува збор за т.н. штрајк на солидарност. Во секој случај, штрајкот мора писмено да се најави кај работодавачот, односно кај здружението на работодавачите против кои е насочен, а штрајкот на солидарноста кај работодавачот, кај кого се организира тој штрајк.

Причини (правни основи) за организирање штрајк

Штрајкот претставува еден од механизмите на решавање на колективните работни спорови. Колективниот работен спор е спорот што настанува помеѓу синдикатот (или неговите здруженија на повисоко ниво) и работодавачот (или неговите здруженија на повисоко ниво) во врска со склучувањето, измената или дополнувањето на колективниот договор (т.н. интересен колективен работен спор), односно во врска со толкувањето и примената на колективниот договор (т.н. правен колективен работен спор). Правото на штрајк во РСМ може да се применува во случаите на интересен, но и во случаите на правен колективен работен спор.

Услови и постапка за организирање штрајк

Постојат повеќе услови што му претходат на стапувањето на работниците во штрајк. Такви се: писмената најава на штрајкот, Правилата за работите што не смее да се прекинат за време на штрајкот и постапката на помирување. Сите претходно наведени дејства укажуваат дека правото на штрајк претставува право што се употребува како последна мерка доколку страните на спорот не успеат претходно да ги разрешат спорните прашања.

Законот за работните односи не го уредува иницијалниот дел од постапката за организирање штрајк во кој се вклучени одлуката за стапување во штрајк и начинот на произнесување за штрајкот од страна на членовите на синдикатот. Овие прашања вообичаено се предмет на уредување со внатрешните акти (Правилата за штрајк) на синдикатот, но тие немаат влијание врз законитоста, односно врз незаконитоста на штрајкот.

Писмена најава на штрајкот

Штрајкот мора писмено да се најави кај работодавачот, односно кај здружението на работодавачите против кои е насочен, а штрајкот на солидарност кај работодавачот, кај кого се организира тој штрајк. Писмената најава на штрајкот претставува задолжителна обврска за синдикатот чие непочитување доведува до незаконитост на штрајкот. Суштински елементи што треба да ги содржи секое писмо за најава на штрајк се: причините за штрајкот, местото на одржување на штрајкот и денот и времето на почетокот на штрајкот.

Правила за работите што не смее да се прекинат за време на штрајк

Во периодот додека трае штрајкот не смее да се прекинуваат производно одржувачките и нужните работи. Производно одржувачки работи се работите на кои мора да работат работниците за време на штрајк, со цел да се овозможи обновување на работата по завршувањето на штрајкот. Нужни работи се работите што се неопходно потребни со цел спречување загрозување на животот, личната сигурност или здравјето на граѓаните. Со Правилата за работите што не смее да се прекинат за време на штрајк се утврдуваат одредби за работите и бројот на работниците што на нив мора да работат за време на штрајк. Согласно ЗРО, Правилата за работите што не смее да се прекинат за време на штрајк се носат на предлог на работодавачот, но во спогодба со синдикатот. Ако синдикатот и работодавачот не се спогодат во рок од 15 дена од денот на доставувањето на предлогот на работодавачот до синдикатот за определувањето на работите што не смее да се прекинат за време на штрајк, работодавачот или синдикатот може во рок од наредните 15 дена да бараат да одлучи арбитража за тие работи.

Постапка за помирување

Обврската за спроведување постапка за помирување пред поведување штрајк претставува задолжителна законска обврска на која се подложни страните во колективниот работен спор. Согласно ЗРО, штрајкот не смее да започне пред завршувањето на постапката за помирување. Обврската за помирување не смее да го ограничи правото на штрајкот кога таквата постапка е предвидена со овој закон, односно пред поведувањето друга постапка за мирно решавање на спорот за која се договориле страните.

Во случај на штрајк или спор во дејностите од општ интерес или во дејностите во кои прекинот на работата би можел да го загрози животот или здравјето на луѓето или да нанесе штета од поголеми размери, страните во спорот се должни веднаш да пристапат кон мирно решавање на колективниот спор. Постапката за мирно решавање на колективниот спор завршува во рок од десет дена од поднесувањето на предлогот за мирно решавање на спорот. 

Одговорност за организирање или учество во незаконски штрајк

Законот за работните односи утврдува дека организирањето или учеството во штрајк во согласност со одредбите на овој закон и колективен договор не претставува повреда на договорот за вработување. Сепак, организирањето и учеството во штрајк, кој е поведен спротивно на закон (незаконски штрајк), предизвикуваат одговорност за организаторот (синдикатот), но и за учесниците во штрајкот (работниците).

Во случај кога станува збор за незаконски штрајк, работодавачот или здружението на работодавачи може да бара забрана за организирање и спроведување на штрајкот од надлежниот суд. Истовремено, работодавачот може да бара и надоместок на штета што ја претрпел поради штрајкот, кој не е организиран во согласност со закон. Одлуката за забрана на штрајкот ја донесува надлежниот суд за работни спорови во прв степен, и тоа во постапка што е итна. Организирањето или учеството во незаконит штрајк може да значи и откажување на договорот за вработување на работникот, односно престанок на неговиот работен однос. Доколку работникот за време на штрајкот направил некоја друга тешка повреда на договорот за вработување, согласно ЗРО, може да добие отказ.

Права на работниците за време на штрајк

Во услови на штрајк се смета дека договорите за вработување на работниците се суспендирани. Една од суштинските промени поврзана со правата од работен однос претставува скратувањето на правото на плата. ЗРО утврдува дека на работниците што се учесници во штрајк, за време на учество во штрајкот, работодавачот е должен да им уплатува придонеси од плата утврдени со посебните прописи на најниската основица за плаќање на придонесите. Останатиот дел од основната нето-плата на работникот може да биде надополнета на два начина. Првиот начин, пропишан со ЗРО, упатува на можноста од обезбедување надоместок на нето-плата од страна на организаторот на штрајкот, најчесто во согласност со правилата на солидарните фондови на синдикатот, доколку постојат такви. Вториот начин, вообичаено, произлегува од колективните договори. Така, според Општиот колективен договор за приватниот сектор во областа на стопанството за време на штрајк што е организиран поради повредени права на работниците уредени со закон, колективен договор и договорот за вработување, работодавачот на работникот му исплатува надоместок на плата во висина од 60 % од основната плата на работникот за време од 5 работни дена. Надоместокот на плата се исплаќа само доколку причините за организирање на штрајкот се: три неисплатени плати; неплатени придонеси и надоместоци; непотпишување колективен договор и необезбедени услови за работа. Работникот ќе се стекне со право на надоместок на плата само во случај ако легитимноста на штрајкот е во согласност со актот на соодветниот синдикат, односно ако добие легитимност од соодветниот синдикат.

пишува: Здружение Достоинствен Работник

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи