ВИДЕО – Коњаницата пристигна во Крушево-политиката да се тргне од Илинден, доста е поделби меѓу Македонците


Во Крушево пред малку пристигнаа 50-тината коњаници од повеќе места во Македонија тука во Крушево, со што започна одбележувањето на 118 годишнината од подигнувањето на Илинденското востание. Коњаниците прво беа пречекани со големи овации и аплаус во центарот на градот, а потоа по главната градска улица понатаму се упатија на платото на Гумење каде што и моментално се наоѓаме.

Мој соговорник е Гоце Трпковски, организатор на Илинденски марш 78-ма, односно најстарата коњаница која веќе 43 година по ред го одбележува празникот на ваков начин.

Го поздравувам цел македонски народ од мое име, од името на сите коњаници и им го честитам еден од најголемите македонски празници, 2 август Илинден. Еве како што гледате овде во градот на првата република на Балканот, односно Крушево, денеска Република Македонија, се собравме да го одбележиме овој празник. Прекрасна атмосфера, сите сме радосни и среќни што еве после големи патувања, големи горештини, големо невреме кое не следеше по патот, сите здрави и живи дојдовме во Крушево да го чествуваме овој празник, да учествуваме во програмата на градот Крушево, да положиме цвеќе на паднатите борци, да се поклониме на споменикот на Мечкин Камен и онака да го чествуваме празникот како што му доликува на сите Македонци. Гледате дека овде владее една прекрасна атмосфера, малку сме заморни од патувањето, меѓутоа сепак нашите овации се видливи и се надевам дека секој оној што ќе посака во иднина да учествува во Илинденскиот коњички марш ќе му биде вратата отворена, сепак Македонија да се доживее по селата, по градовите, по овој наш македонски народ. Во овие тешки времиња претставува голема чест и задоволство и така да апелирам и понатаму оваа традиција да продолжи и се надевам дека догодина ќе биде подобро, поздрави и едноставно ќе ги тргнеме некои проблеми. Апелирам до македонскиот народ, до сите оние релевантни фактори да бидеме смирени, да се обединиме, расколот и немирот што го имаме меѓу нас Македонците едноставно да прекине, да си подадеме рака еден на друг и како Македонија влеземе во ЕУ и да бидеме обединети како Македонци

Доаѓате од скопско Лисиче, колку дена патувавте и како помина патувањето?

Нашата коњаница е од Горно Лисиче, 43 години традиција која трае. Тргнавме 27 вечерта преку општината Петровец, Велес, општината Чашка, Богомила, Теово, секаде бевме пречекани онака како што доликува, потоа Кривогаштани, на влезот во Крушево се споивме со коњаницата која тргна од мавровско-реканскиот крај, односно коњаницата од Кичево, Бигорски манастир и сите заедно сложни, еве како што гледате на овој голем плоштад во срцето на Македонија заедно се собравме да го одбележиме овој голем празник.

Какво е чувството после толку денови кога ќе се пристигне тука на коњ на Гумење?

Ние сме презаморни, од организација, учество во коњаницата, меѓутоа денес кога ќе дојде тој ден забораваме на заморот, на големите температури, некогаш и големите дождови, целта е исполнета, меракот е направен, традицијата продолжува. Оваа македонска патриотска традиција се надевам нашите идни генерации ќе ја продолжат и многу пати уште многу години да се гледаме тука и на Мечкин Камен во Крушево.

Атмосферата е навистина прекрасна тука на Гумење и во целиот град во Крушево. Но оваа година има некои промени во однос на одржувањето на празникот, така да нема да има говор и главната прослава за Мечкин Камен е одложена за 18:00 часот. Како вие како коњаници кои повеќе години и вие лично доаѓате тука во Крушево, како го оценувате тоа?

Јас лично бев запознат со протоколот на претседателот Пендаровски дека оваа година ќе се промени протоколот, односно чествувањето, поклонувањето и положувањето цвеќе ќе се промени за во 18:00 часот. Сметам лично јас, во мое име дека политиката треба да се тргне настрана од тој голем празник, како што кажав и претходно треба да си подадеме едни на други рака затоа што многу малку Македонци останаа тука во Македонија. Доста е веќе крвопролевање, доста е монтирани случаеви, доста е обвинувања едни патриоти, други кодоши и мислам дека веќе редно е да прекинат тие глупости и јас мислам дека е добро што нема да има политички говори на Мечкин Камен, јас лично така мислам.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи