Честитка од претседателот Пендаровски за Илинден: Да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Слободата е највисокиот идеал и цел на еден народ. Таа започнува како идеја на една генерација која сака да биде своја на своето и самата да одлучува за својата иднина, вели претседателот, Стево Пендаровски, во честитката за 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.

„На 2 август 1903-та, борбата за слобода ја започна револуционерната илинденска генерација која во епохата на монархии прогласи демократска република, а во времето на тесногради национализми реши да гради соживот меѓу различните.

Борбата за слобода ја продолжи славната антифашистичка генерација која ги надмина пропагандите и поделбите и се сплоти околу идејата за слободен народ во своја, слободна држава. Како што сведочи и Манифестот, на 2 август 1944-та, делегатите на АСНОМ го остварија сонот за слободна македонска држава во која сите нејзини граѓани се еднакви и рамноправни пред законите, независно од нивните разлики и уверувања.

Годинава прославуваме 30 години од независноста, години во кои имавме и подеми и падови, три децении на успеси, но и на бројни надворешни и внатрешни искушенија кои предизвикаа длабоки кризи и поделби.

Во овие времиња на неизвесност за нас, но и за целиот свет, ќе мора одново да ги надминеме внатрешните поделби и да се обединиме околу изворните илинденски и АСНОМ-ски идеали.

Да ја вратиме довербата на граѓаните во државата преку јакнење на демократските институции и владеењето на правото. Да им овозможиме на младите тука да го градат својот свет и да ги почитуваме различните од нас, како претпоставка за општество на рамноправни граѓани. Слободата се раѓа како идеа, се стекнува со борба, а се одржува преку напорите на секоја генерација, на секој еден од нас“, вели Пендаровски.


Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи