Заев од Пелинце: Нашиот трет Илинден се членството во НАТО, стремежите за ЕУ, просперитетот


Македонија денеска го празнува 2 август – Илинден. Ден со кој во 1903 година – со Илинденското востание и Крушевската република, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ –беа поставени столбовите на Републиката и на државноста.

Премиерот Зоран Заев ја предводеше делегацијата во Пелинце каде положи цвеќе, а го придружуваа вицепремиерите Груби и Николовски, како и министрите Оливер Спасовски и Радмила Шеќеринска. Цвеќе положија и делегации од пратениците од Собранието, кабинетот на шефот на државата и претставници на партиите.

Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите, порача премиерот. Тој кажа дека Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава, еднаква во друштвото на народите.

„Нема мерка која може да ја измери големата идеја за сопствена држава во која се вградени копнежот и жртвите на стотици и илјадници македонски дејци и остварувањето на тој копнеж“, рече Заев.

Заев посочи на континуитетот на дефинирањето на македонската држава кој продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903-та и на АСНОМ 1944-тата.

„Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на кои е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Македонија денеска се препознава во светот. Третиот Илинден не познава крај. Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден. На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден. Огнот што го распламтија плејадата македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци припадници на другите народи во нашата земја“, истакна Заев.

Меморијалниот центар во Пелинце, посветен на Првото заседание на АСНОМ, отворен е во 2004та и од тогаш таму се чествува Илинден. Во музејот се наоѓа копија на собата во манастирот „Прохор Пчински”, и спомен – собата во која се изложени документите од создавањето на македонската држава.

Денеска попладне премиерот Заев со Артан Груби, Николовски и Спасовски ќе присуствуваат во Крушево на централната прослава на Илинден која треба да почне во 18 часот.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи