ВИДЕО -Подземниот свет на Пешна-Крапа, потенцијално најдолгиот пештерски систем во државава

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Пешна – грандиозно ремек дело на природата. Таа е пештерата со најмаркантен и најголем отвор во Македонија. Висока е 30 метри, широка 45, а долга 124 метри. Се наоѓа на надморска височина од околу 600 метри, на 6 км. од Македонски Брод, кога се оди кон Поречието, лоцирана од десната страна на реката Треска. Заедно со спелеологот д-р Марјан Темовски и историчарот Ивана Настовска се упативме кон пештерата. До самата пештера води поплочена пешачка патека.

Се наоѓаме пред самиот влез во пештерата која го има најголемиот отвор во Македонија?

„Да, тука сме пред влезот на пештерата Пешна, во Порече. Станува збор за една пештера со маркантни димензии, со најголемиот пештерски влез во Македонија и една огромна сала која ја сочинува, а вклучитечно се наоѓа и еден поголем карстен извор и самата пештера претставува изворска пештера“, вели д-р Марјан Темовски, спелеолог.

 Навистина кога ќе ја гледаме оваа сала делува импресивно, маркантно, огромно нешто, дали вакви сали со оваа димензија се наоѓаат во други пештери во нашата држава?

 „Да, навистина остава еден значаен, маркантен впечаток кој и да дојде да ја посети добива впечаток колкави се овие димензии, стварно еден стравопочит кон димензиите на оваа пештера“, додава Темоски.

 „Дури беше споредувана од „Њујорк Тајмс“ со оние пештери од „Господар на прстените“?

 „Добро, интересно е тоа, секој може да си направи различни фантазии и да се најде некаде во некоја приказна гледајќи ги овие димензии кои овде ги имаме. Она што е интересно е што оваа пештерска сала со овие димензии е лесно пристапна до обичен граѓанин. За споредба во Македонија имаме и други пештери кои имаат пештерски сали со огромни димензии, далеку поголеми од димензиите на пештерата Пешна, меѓутоа за да се стигне до нив возможно е само преку користење на спелеолошки техники, на пример во „Солунска глава 5“, една од подлабоките пропасти во Македонија има една маркантна сала на дното од пропаста, но за да стигнете таму вие треба да се спуштате со јажиња користејќи ги тие спелеолошки техники, или „Грабожелска пропаст“ во Витачево во Тиквешијата, исто една таква маркантна сала. За разлика од нив кои можеме ние спелеолозите да ги доживееме тие впечатоци, „Пешна“ дава можност секој граѓанин да ја посети, да го види и да го има тој впечаток“, кажа Темовски.

 „Ако оваа сала е со тие димензии, тогаш какви се тие сали што ги кажувате, со кои димензии?

„Па чисто за споредба, таа во „Солунска глава 5“ има висина од 170 метри, ширина и должина од околу 150 метри. значи ако споредиме тука некаде му доаѓа околу 4-5 поголеми димензии па и повеќе него „Пешна“, навистина маркантни димензии“, истaкна Темовски.

Според спелеолозите оваа пештера на почетокот на нејзиното формирање не била со ваков отвор, туку далеку помал. Оваа димензија се добила со текот на времето. Но за жал бидејќи не се направени истражување немаме податок од кога точно потекнува пештерата Пешна.

„Овие димензии не ги рефлектираат димензиите кога оваа сала била активна, на формирање како пештерски канал, туку е зголемена со понатамоѓно рушење на таваницата и всушност влезот во пештерата е зголемен со отворање, т.е. површкинска ерозија и постепено ерозијата доаѓа на кај пештерскиот канал и со тоа ги имаме овие зголемени димензии. Инаку ако видите во внатрешноста, назад таваницата на пештерскиот канал е од прилика на некое мое ниво каде што сме сега, ова сето нагоре е дополнително срушено од таваницата. Тоа рушење се должи на повеќе процеси, значи може да биде замрзнување – одмрзнување, кондензација и нарушување долж пукнатините на стабилноста на карпите и нормално не е тоа некаде многу чест процес, меѓутоа може да се случи во секое време“, вели спелеологот Темовски.

Некаде од средината на пештерата, покрај самиот нејзин лев ѕид, гледајќи од позиција кога влегувате внатре во неа, извира река, чиј водостој не е константен и која река во текот на годината во сушните периоди може дури и да пресуши. Низ пештерата се расфрлани огромен број карпи кои се најверојатно производ на самото ширење и кршење на овој отвор во природен пат.

Полека стигнавме до самиот крај на пештерата, на 124 метри од самиот влез. Пештерата завршува со мали тесни канали. Иако се вршени истражувања овие канали не се пробиени. Но спелеолозите со голема сигурност се убедени дека Пешна преку овие канали е поврзана со пештерата Крапа, која се наоѓа на 5 км. од тука. Се претпоставува дека токму оваа река која извира во Пешна е водата која понира во пештерата Крапа.

Се наоѓаме на самиот крај на пештерата „Пешна“, на околу 124 метри од самиот влез. Тука на крајот од пештерата се гледаат некои мали канали. Дали некогаш имате истражувано во овие канали и дали продолжува овој пештерски систем некаде внатрешно во планината?

„Имаме истражувано 2006 година. Спелеолошката федерација на Македонија ги организираше спелеолошките клубови и вршевме истражувања тука. Како што гледате овој канал е затрупан со седименти, вклучително и тие малечки каналчиња кои ги гледате. Ние копавме за да пробиеме, да успееме да најдеме некое продолжување, меѓутоа за жал не успеавме. Логично беше да очекуваме продолжување со оглед на количината на вода која што излегува од пештерата, меѓутоа не успеавме и следната година веќе со првата поплава овој дел беше засипан наново и она што беше ископано беше затрупано. Дека има пештерски канали зад оваа пештера логично е да се заклучи со оглед на количината на вода која излегува од оваа пештера, меѓутоа исто така вршени се и хидролошки истражувања, со тоа што на 5 километри од тука, на 400 метри поголема надморска висина се наоѓаат понорите на Крапска река каде е фрлена боја и таа боја е излезена во врелото Асановец, но и тука во Пешна. Уште еден доказ кој нели докажува дека има поврзаност меѓу пештерата „Пешна“ и Крапска река. Седиментите кои ги наоѓаме во пештерата, ако може да видите во овие седименти се наоѓаат рекарски светкави минерали, тоа е минералот Липкун и тој го нема во карпите кои се наоѓаат во овој регион, тоа се мермери, меѓутоа во горниот дел од сливот на Крапска река има такви кристалести шкрилци кои што се составени од минералот Липкун, кој всушност ни ја дава потврдата дека седименти кои ги носи Крапска река и понираат во Крапскиот понор излегуваат овде во пештерата „Пешна“, рече Темовски.

Заинтересирани од овие тврдења, од Пешна заминавме кон пештерата Крапа, каде во неа понира Крапска река, која се вика така по селото Крапа кое се наоѓа во непосредна близина.

Во овој момент се наоѓаме пред Крапскиот понор, каде што понира Крапска река. Таа вода што претходно ја видовме во пештерата „Пешна“ се претпоставува дека потекнува токму од тука. Кога се направени првите истражувања околу ова?

„За прв истражувања се правени 1928 година, кога е фрлено боја во понорот тука во Крапа. Не е потврдена ни во „Пешна“, ни во околината. Следно во 1958 година за прв пат е потврдена боја која е фрлена овде, во изворот „Асановец“. Пешна била тогаш сува и потврдиле во неа. Постои извештај дека во 1975 е направено уште едно боење во кое е потврдено дека излегла боја и во „Пешна“ и во „Асановец“, така да водата која излегува во „Пешна“ е со голема сигурност онаа која ја гледаме овде како понира“, рече спелеологот Темовски.

Каде се наоѓа „Асановец“?

„Тоа е интересна ситуација, „Асановец“ се наоѓа на другата страна на „Треска“. Значи водата од овој понор овде всушност патува и под „Треска“ и излегува од другата страна на реката. Поголемиот дел од количината на водата излегува таму, бидејќи изворот во „Пешна“ кој што го спомнавме пресушува во текот на годината, значи летниот период таму вода нема, така да главниот извор на водата од овде, во тој крај е всушност таму“, вели Темовски.

Инаку Пешна се наоѓа на 5 км. од Крапа, а изворот Асаноец, кој е од другата страна на Треска на 6 км. Според истражувањата од 1975 година и боењето на водата утврдена било дека водата од тука до Пешна и Асаноец стигнала за 5 дена, односно дека таа се движи со брзина од 10 метри на час. Пред 15-тина години, овој пештерски систем е истражуван од француски спелеолози.

За колкав пештерски систем станува збор тука, дали се знае, дали се направени некакви испитувања, дали е влезено тука во овој Крапски понор?

„Тука се правени истражувања и во главниот Крапски понор и во вториот понор кој се најдува тука на околу 50 метри. Истражувањата се вршени од Спелеолошко друштво „Пеони“ во соработка со француски спелеолози од Ница. И двете локации, двата понори се истражени во должина од околу километар и нешто, километар и 200-300 метри, односно севкупната должина на истражени пештерски канали е околу 2.5 – 3 километри во овој простор овде, а најголемата длабочина е во главниот понор овде, 195 метри, а вториот понор е на 180 метри длабочина. Значи од оваа локација 195 метри длабочина е истражено и завршува со сифон. Постои можност за понатамошни истражувања, но сега е многу комплицирано, треба да се нурка тој сифон, или да се качуваат некои оџаци во тој дел“, кажа Темовски.

Значи станува збор за пропаст, слегуваш вертикално надолу?

„Да, пештерскиот систем се протега вертикално надолу, ние се наоѓаме на околу 1.000 метри надморска височина, „Пешна“ се најдува на околу 600 метри надморска височина, а „Треска“ е на околу 515 метри надморска височина. Значи на тие височини околу 450-470 метри разлика излегува водата која што овде понира, што значи имаме таков некој потенцијал на пештерскиот систем и сме до половина некаде стигнати во длабочина, а во должина оддалечени сме од 5 до 6 километри, 5 до „Пешна“, 6 до „Асановец“, но многу интересно е да се земе фактот дека овие 2.5-3 километри истражени пештерски канали се наоѓаат во простор од околу 300 метри од оваа локација. Значи тоа се разгранети пештерски канали, чија целокупна должина е во растојание од 300 метри према „Пешна“, додава Темовски.

 Ако на 300 метри имаме 2.5 километри, колку би било тогаш до „Пешна“?

 „Логично е да се очекува дека нема да бидат толку разгранети пештерски канали, значи во најмала рака можеме да очекуваме барем 7.5 километри пештерски систем, односно тоа потенцијално е најголемата, најдолгата пештера во Македонија“, рече Темовски.

Отидовме и 50-тина метри понатаму од ова место, до стариот понор каде некогаш понирала Крапска река. Во понорот сега не течи вода, а на теренот може да се забележи и старото корито од реката која водела до овој понор.

„Може да видите, ова е поранешното речно корито на „Крапа“, всушност реката истекувала низ ова корито и понирала на оваа локација. Денес е пресушена затоа што целата вода од Крапска река понира во главниот, сегашниот понор“, вели Темовски.

 Кога бил активен овој понор, другиот понор не постоел?

 „Веројатно постоел, меѓутоа мал дел од водата понирала на таа локација, поголемиот дел понирал тука, односно недоволно вода понирала за да ја собери цела површински, така да површински истекувала реката наваму до оваа точка. Со тек на време како се развивал и проширил тој понор, нормално водата ги раствора тие мермерни карпи, ги проширува и со тек на време се повеќе и повеќе вода успевала да собери. Останувала се помалку вода за оваа локација, односно постепено овој понор пресушил и цела вода ја собира во главниот понор, во сегашниот активен понор“, рече Темовски.

 Дали некогаш е истражувано на ова место?

 „Истражувана е и оваа локација од истата екипа која ја спомнав за главниот понор, Спелеолошко друштво „Пеони“ заедно со Французите. Истражена е во слична должина од километар и нешто со длабочина од 180 метри. значи всушност овие 2 локации, иако за мал дел физички не се поврзани, но вода доаѓа од тој понор и во овој, преставуваат еден заеднички пештерски систем, во внатрешноста се наоѓаат кањонски пештерски канали со речен тек, значи вода истекува во длабочина и во двата понори“, потенцира спелеологот Темовски.

 Значи ова е тоа место што викаме дека на околу 300 метри се наоѓаат 2.5 километри канали?

 „Да, во овој правец се движат пештерските канали и всушност во 300 метри должина во овој правец генерално ние имаме околу 2.5 – 3 километри канали“, кажа Темовски.

За да видиме точно што има во овие крапски понори и како водата понира во нив се вративме повторно тука, заедно со претседателот на Спелеолошката федерација на Македонија, Дарко Неданоски и членот на спелеолошкиот клуб „Златоврв“ од Прилеп Дамјан Макешоски. Сега ја носевме и целата потребна опрема за влегување во пештери. Неданоски влезе во Крапскиот понор.

Но за жал сликата не беше воопшто убава. Поради несовесноата на човекот местото каде реката понира во пештерата беше целото затрупано со пластични шишиња и ѓубре кое што реката го носела внатре во пештерата. Така што не можевме да продолжиме понатаму.

„Се наоѓаме пред првиот или активниот понор на Крапската река, каде што буквално цела река влегува внатре во оваа пештера и понира во големите пештерски канали. Со цел да ги покажеме прекрасните пештерски убавини на оваа пештера, на овој понор, сите тие сегменти и пештерски канали исполнети со вода, за жал мораме тоа да го спомнеме дека не наидовме на убава глетка, сите тие сегменти, сите тие пештерски канали беа исполнети со ѓубре, за жал од несовесните сограѓани, мештаните кои се тука во близина нели на овој понор. Цел тој отпад го фрлаат буквално во реката и реката кога нели надоаѓаат големи дождови по течението и каналот реката се крева и целото тоа ѓубре го носи право во понорот. Тоа е навистина голема штета за овој понор бидејќи не можеме да продложиме со нашите истражувања, не можеме да доистражиме до тоа што е недопрено до овој понор, бидејќи станува збор за голем систем на пештерски канали, за голема количина на вода која што понира длабоко во оваа планина и секако таа вода понира низ сите тие канали и излегува во одредени извори во локалното подрачје на овој понор“, истакна Дарко Неданоски, претседател на Спелеолошката федерација на Македонија.

На колку метри од самиот влез на оваа пештера започнува да понира оваа река?

„При самиот влез на пештерата имаме некаде околу 25 метри каде што можеме да го гледаме цел тој пештерски канал, тие пештерски делови каде реката се движи внатре низ центарот на тие пештерски канали, има мали меандри каде прави заобиколување и потоа за жал како што кажавме понира со сето тоа ѓубре и сите тие шишиња во тие пештерски канали, каде што е тешко достапно да дојдеме до тоа, но се надеваме покрај вакви иницијативи и поддршка од медиумите ќе успееме да направиме напори да ги исчистиме овие пештерски канали и да започнеме со нови и уште посериозни и професионални истражувања“, кажа Неданоски.

За да видиме што се случува во стариот понор, каде некогаш течела Крапска река, Неданоски и Макешоски влегоа и во него. Тесни и опасни вертикали кои водат надолу, каде на крајот од тој понор, на околу 180 метри длабочина, се наоѓа сифон, односно пештерско езеро.

„Мораше со поголемо внимание и пажливо да се движиме по тие пештерски камења кои се насипани, како што спомнавме. После имаме една кратка мала вертикала од 8 метри и каде што после тие 10тина метри веќе се отвора таа цврста калциум карбонат, поточно варовникот во тие канали и само се спуштаме и продолжуваме до 180 метри. На длабочина од 180 метри имаме 2 мали пештерски езерца, кои се не ни се сеуште истражувани, секако треба многу повеќе материјално технички средства и опрема за да ги доистражиме сите тие канали“, додаде Неданоски.

Се претпоставува дека ова е можеби најголемиот пештерски систем во Македонија, моментално за таков се води „Слатенски извор“, но сеуште овој не е истражен. Дали ваш како спелеолози, како федерација ова ќе биде иден предизвик да се доистражат сите овие пештерски канали?

„Точно така, ова е и преставува најголем потенцијален пештерски систем после „Слатенски извор“, бидејќи нели станува збор за неколку километри должина каде оваа вода понира и секако дека ние продолжуваме со нашите идеали за промоција на спелеологијата, како и науката, да допридонеси за општеството за развој во оваа наука, како и за биолошкиот, растителен и научниот свет тука кај нас, буквално се што опфаќа подземјето“, рече спелеологот Неданоски.

 Секако нудење на туристичка промоција на целиот овој регион тука во Поречието?

 „Точно така, тоа претставува огромен потенцијал, бидејќи овие работи се навистина реткост кај нас. Тука имаме огромен систем на пештери, подводни езера, значи цела река буквално, оваа Крапска река влегува во овој понор внатре во пештерата. Тоа е нешто што не може да се види секојдневно и уште помалку што не може секој да го види, бидејќи е потребно голема пред се психофизичка способност, многу поминати обуки, а секако одделот кој при влезот, при понорот би можеле да го гледаат сите нели туристи и љубители кои сакаат да се сретнат со нешто непознато, нешто ново да искусат, да видат како е буквално реката да влегува внатре во тие пештерски канали, мора да бидат со искусни луѓе, со спелеолози, спелеолози водичи, кои се премни да ги претстават сите овие прекрасни пештерски убавини“, вели Неданоски.

Овој подземен пештерски свет на системот Пешна и Крапа освен што плени со својата убавиина и мистика има и значајна историја.

Се наоѓаме во делот од пештерата каде што тука позади нас се наоѓа една тврдина. Дали се знае од кога таа потекнува?

„Се наоѓаме на локалитетот „Пешна“, кој на археолошката карта на Македонија датира од доцен антички период. Оваа тврдина која што е позади нас се наоѓа и е датирана од 14 век, односно среден век, но се смета дека во локалитетот „Пешна“ има од подоцнежни времиња живот, затоа што самата пештера дава услови и можности да може тука да се обавува еден живот. Затоа што имаме тука затворен простор од 3 страни, односно самата пештера дава можност да имаме затворен простор, да не дува ветар, да не врне дожд, па така луѓето може да се скријат тука, бидејќи знаеме дека во праисторијата луѓето се заштитувале и оделе во пештерите за да се засолнат од животните, но исто така и од елементарните непогоди, бидејќи тие не знаеле да си го претстават времето, односно она што им се случува, непријатноста, она што доаѓа од климатските промени. Па така имаме период кој може да е од праисторијата, но се уште не е материјално за жал докажан. Затоа на археолошката карта датира како доцен антички период, а тоа е така затоа што во подножјето на самиот локалитет „Пешна“ се пронајдени неколку гробници, односно тоа е една некропола од доцна антика која датира помеѓу 300тата до 600 тата година од наша ера. Според историските податоци кои ги имаме и археолошките истражувања кои се направени и поткрепени, се смета дека тука е изградена една доцна-античка рудничка населба, каде фигурирале и тука работеле и живееле луѓе. Оние гробници кои се најдени во долниот дел на самиот локалитет за жал дел од нив се ограбени од диви копачи, но она што го знаеме е дека во дел од нив се погребани луѓе кои работеле во самата рудничка населба, односно биле посиромашни, но е карактеристичен еден гроб кој е изграден од свод од тули, а тоа значи дека тој гроб припаѓал на човек кој бил од повисок сталеж“, истакна историчарот Ивана Настовска.

Овие тврдини што сега се наоѓаат во пештерата спопред преданијата се поврзуваат и со легендарниот Крал Марко и неговите сестри, Дева и Пешна.

„Точно е дека овие тврдини припаѓаат на 14 век. 14-от век е период кога владее Кралот Марко, односно е период на Прилепското кралство. За да биде малку појасно, Кралот Марко владеел од 1371 година па се до 1395 година, кога починал. Во тој измеѓу период се датираат токму и овие тврдини кои ги имаме позади нас. Интересно е тука што кружат приказни, но се сметаат и дека се вистини, затоа што Кралот Марко бил еден од четирите синови на Волкашин, но исто така имал и неколку сестри. Меѓу сестрите кои се запишани во историјата ги имаме Олгица и Милица, но исто така во народните кажувања ги има и сестрите Пешна, Дева, Кита, Модра и уште неколку други кои се спомнуваат. Токму овој локалитет, односно овие тврдини се поврзуваат за една од сестрите на Кралот Марко, односно за сестрата Пешна. Според прикажувањата и легендите кои кружат за Кралот Марко се смета дека изградил за секоја сестра по една тврдина, а една тврдина е токму оваа. Оваа тврдина е направена и изградена по барање на Кралот Марко за неговата сестра Пешна“, кажа Настовска.

Од спротивната сала на патот се наоѓа и една кула која се вика „Девина кула“. Дали таа е поврзана со овој локалитет?

„Точно и тие „Девини кули“ се поврзани со ова кале кое што го имаме тука. Тие се поврзани на тој начин што доаѓаат од исто време најпрво, односно на временската рамка припаѓаат повторно на 14 век, или во времето кога владее Кралот Марко, при владеењето на Прилепското кралство. Тие „Девини јули“ се малку во поголем размер за разлика од овој простор каде што се наоѓаме сега, тие се со поголема должина, ширина, но и со повеќе калиња. Исто така и тие кули се поврзуваат со една од сестрите на Кралот Марко, Дева, која се смета дека живеела внатре во тие „Девини кули“ затоа што Кралот Марко ја задолжил со неговата војска да биде тука и да бидат на тоа стратешко место. Бидејќи кога ќе погледнете на самите „Девини кули“ тие се изградени на една висорамнина од која на сите страни може да се забележи дали некоја војска доаѓа. Интересно е да се напомене дека кружат гласини дека оваа тврдина е поврзана заедно со „Девините кули“ преку таен премин, или тајни влезови, но за жал тие се уште не се истражени. Но од самата местополжба може, или постои таа веројатност да се поврзат тие кули затоа што се гледа дека местополжбата го дозволува истото. Интересно исто така да се напомене за „Девините кули“ е дека тие се направени на таа висорамнина и со фортификациски ѕидови, односно ѕидови за одбрана. Исто така треба да напоменеме дека имаме во подножјето на „Девините кули“ и една кула која е наречена „Зандана“ и во таа кула според кажувањата и легендите Дева ги внесувала и ги затворала оние работници или војската која не била послушна. Во “Занданата“ имало вода која што била повеќе од два метри наполнета и така ги казнувала всушност оние што не ја слушале неа. Друго што треба да кажеме за „Девините кули“ се неколкуте легенди кои што кружат. Една од легендите всушност беше и оваа приказна дека Дева била сестра на Кралот Марко, но постои уште една легенда во која што се верува дека тука живеел чичкото на Кралот Марко, Драгоман кој што во негово време дошла некоја девојка, момиче кое што живеело тука со него. Кралот Марко кога дошол на посета да ја провери тврдината, да види дали е во добра состојба, се заљубил во девојчето и сакал да ја земе за жена. Но доаѓајќи Османлиите од едната страна го грабнуваат девојчето и потоа започнува потрага по тоа девојче кое што е грабнато од овие „Девини кули“. Па започнале да викаат: Дево, Дево, Девице каде си, па така ги добиле имињата „Девини кули“. Тоа се две различни приказни за кои се верува дека се поврзани со „Девините кули“, додаде Настовска.

Богата историја, природни убавини, фасцинантен, недопрен и неистражен подземен свет, пештерски езера и неколку километри подземни пештерски канали. Со целото ова богатство овој регион секоја година е атрактивна дестинација за голем број туристи кои го посетуваат, како од нашата држава така и од странство.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2021 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи