„Позадини“ – изложба на Бојана Артиновска Трпческа во петок во ЦК „Марко Цепенков“


На 6 август 2021, петок, од 19.30 ч. во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Позадини“ од  Бојана Артиновска Трпческа. Изложбата е дел од програмата на Центарот за 2021 година, финансиски поддржана од Министерството за култура.

Текст за изложбата од Викторија Димеска, историчар на уметност

Како што човечката состојба и неговата енергија влијае врз опкружувањето, така и непосредното опкружување влијае врз внатрешната состојба на човекот. Притоа, преку интензивното влијание и дејствување доаѓа до нивно меѓусебно усогласување. Низ годините, научниците го истражувале влијанието на боите врз перцепцијата и однесувањето на човекот. Имено, бојата се појавува како резултат на интеракцијата на светлинскиот спектар и фоторецепторите во окото, односно различните бранови должини кои ги забележува окото, мозокот ги толкува како бои. Меѓутоа, разните категориите на боите, како и нивните физички спецификации се поврзани и со предметите, материјалите, изворите на светлина и физичките својства на светлосните зраци: апсорпција, рефлексија и зрачење. Исто така, неопходно е да се наведе дека кванитифицираниот збир на научни податоци и информации за физичките и психолошките карактеристики на бојата нецелосно го објаснуваат нејзиното психофизичкото восприемање.

Влијанието на бојата врз човекот претставува предмет на истражување на интердисциплинарни студии, првобитно со цел да се добие јасна слика за  начинот  на нејзиното дејствување и реагирањето од страна на индивидуи со разни културолошки традиции. Притоа, повеќекратно е потврдено дека влијанието на боите и начинот на реагирање зависи од повеќе фактори: возраст, род и култура. Воочени се одредени основни карактеристики и верижни последователни принципи кои што го објаснуваат начинот на влијание на бојата врз човекот: бојата може да содржи значење, значењето на бојата може да е научено или биолошки наследно, при перцепцијата на бојата човекот несвесно прави проценка, донесената проценка поттикнува одредено однесување и симболизмот кој што им се припишува на боите, како и реакцијата е непосредно поврзана со контекстот.

Екпериментирајќи со разни сликарски техники и технологија, уметницата Бојана Артиновска – Трпческа осознава дека уметничкото и естетското доживување на боите во една сликарска композиција предизвикува илјадници доживувања. Љубовта и поврзаноста со портретот како постојан  и чест мотив во нејзиниот творечки опус ја охрабруваат да истражува и во полето на фотографијата, користејќи ги подоцна истите фотографии како предлошка за сликани дела или цртежи.

За изработка на фотографиите, таа подготвувала разни позадини кои ѝ помогнале при подоцнежната реализација на колоритните композиции. Набљудувајќи ги горенаведените позадини Трпческа во нив препознала самостојни дела. Мотивирана од идејата за можностите кои што ги нуди самиот концепт, уметницата продолжила да слика со леснотија и неверојатна брзина, исполнувајќи и обликувајќи ги платната со боја и претворајќи ги истите во концептуално автономни творби.

Постепеното создавање на монументални и амбиентални дела е инспирирано од основните елементи во просторот кои што го опкружуваат човекот – вода, воздух, оган, земја, метал и етер. Уметницата не само што ги истражува, обликува и претвора фундаменталните својства низ боени сензации, туку и го манифестира просторот, односно празнината со неограничено простирање во сите правци и нејзините својства – висина, должина и ширина. Просторот заедно со времето претставуваат основни облици на постоење на материјалниот свет каде што секој предмет или објект има свое определено место. Во суштина, Бојана креира своевидни временски и просторни портали, кои што го вовлекуваат набљудувачот во одредена безвременска станица, дозволувајќи му активно да учествува и дејствува во создавањето на фундаменталните елементи и сили на универзумот. Амбиентите резонираат, треперат со одредени фреквенции на бои привлекувајќи и предизвикувајќи интерес, односно љубопитство во имагинацијата на соодветниот набљудувач и илуминирајќи го неговиот емотивен спектар преку разните фреквенции на боите.

Композициите имаат монументален размер, додека пак сликарската палета на бои е интензивна и впечатлива. Раскошниот сликарски опус претставен на изложбата е работен во техника – акрилик на платно, а уметницата слика со широки потези изразувајќи се експресивно и нанесувајќи ја бојата со  раце, вештачки сунѓер или сликарски четки.

„Додека ги набљудував сликите, согледав дека тие преставуваат автономни композиции и идејата за создавање на перформанс (изложба) дојде сама по себе. Решив да ги претставам делата не со намера да најдам соодветна позадина за портретите, туку за позадините да пронајдам соодветни портрети. Сакам случајните или намерните минувачи да станат интерактивни учесници и дел од интенцијално дизајниран простор, со цел за момент да се соединат со позадината и да се соочат со себе си, имајќи го на ум сознанието дека ќе бидат фотографирани. Замислата е секој да ја пронајде позадината со која што најмногу се идентификува, односно елементот и просторната димензија со која што се соживува. Делата ќе значат продолжување на животот на енергијата која што ја вложувам во нив. Вибрациите ќе продолжат да треперат во секое ново среќавање со делата, со секое ново застанување на разни модели пред платното. Идејта е набљудувачот да постане свесен за сопственото делување и влијание во просторот и времето“, вели авторот Бојана Артиновска – Трпческа

 Биографија за Бојана  Артиновска  Трпческа

Родена е во Велес 1977 година, каде завршува основно и средно образование. Факултет за ликовна уметност при Универзитетот Кирил и Методиј Скопје завршува  во класата на проф. Родољуб Анастасов на отсек сликарство и сценографија “

Од 2000 до 2003 година живее и работи како слободен уметник во САД. На први Август 2008 година во Музејот на НОБ во Крушево ја реализира својата прва самостојна изложба на манифестацијата „10 Дена крушевска Република“ под наслов:  – Во МЕНЕ.

Својата втора самостојна изложба ја оствари во 2011 год.во ликовната галерија во Прилеп. Насловена е ,,ГОЗБА”  и е своедвидно ретроспективно видување на нејзината дотогашна работа. Tретата самостојна изложба ја остварува во 2020 год.во Ниш, република Србија.насловена е ТРЕПЕТ.

Од 2005 година е член е на Друштвото за Ликовни Уметници Битола,од 2010г. е член  на Друштвото на Ликовни Уметници Прилеп, а од 2020 г.член на ДЛУМ.

Живее во Прилеп и во повеќе прилики соработувала како надворешен соработник со НУЦК Марко Цепенков и Театарска Работилница за изработка на kостими, сценографија и шминка за повеќе претстави.

Напоредно со сликарството и сценската уметност истражува и во полето на фотографијата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи