Четири семејства останаа без своите домови, целосно пеплосани 4 социјални бараки во Варош

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Во голем пожар 11 жители останаа без своите домови. Денеска целосно изгореа 4 социјални бараки во населбата Варош под Марковите кули.

Пожарникарите и жителите во последен момент спасуваа човечки животи од огнот. Спасени се две неподвижни лица и три деца од кои едно седумесечно бебе. Сите се во добра состојба.

„Излегов надвор, да ја мијам колата, видов чад, видов дека гори кај соседите, третата барака, лепенка, гореше. Отидов, викнав во лепенката, бараката до нас, децата беа сами, ги извадовме децата. Се сетив кај соседите да го извлечат неподвижниот сосед, сам беше во просторија. И татко ми е неподвижен, и него требаше да го извлечат. Пожарната дојде веднаш, скршија, го извлекоја неподвижниот сосед, и татко ми беше извлечен, и гаснеа. Се што беше до нив, направија, ама ние изгоревме“, со вознемиреност раскажува Ангела Китаноска.

Тони Лоџев не бил дома, ама разбрал и е благодарен дека го спасиле татко му. Сега петчленото семејство е на улица и му треба помош.

„Не бев дома, додека дојдов ми кажаа дека го извлекле татко ми. Сето е уништено. Ние пет члена останавме на учлица. Тешко е. Не сме моќни. Ни треба помош. Сега сме без ништо“, вели Тони Лоџев.

Речиси 2 часа над 10 пожарникари со неколку возила го гаснеа пожарот кој бил пријавен околу 10:30 часот. Сомнежот е во спој на апарат за акумулатори, но не е потврдено. Социјалните бараки се над 20 години, ова не е прв пожар, а страдале и од гром.

Локалната самоуправа најави помош. Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски вели дека семејствата ќе бидат привремено згрижени.

„Сакаме да помогнеме. Ќе ги сместиме во институциите, а потоа локалната самоуправа материјално ќе помогне, а ќе направиме логистика за и другите да помогнат“, изјави Јованоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи