Денес е Света Петка, заштитничка од несреќи

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Денеска е 26 јули (по стар стил) Преподобната маченичка Параскева, кај народот повеќе позната како Св. Петка.

Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка..

Родена е во Рим од родители христијани. Од детството научена на верата во Христа. Најусрдно ревнуваше да ги извршува сите Божји заповеди. Со сведоштвото на нејзиниот вистински благочестив живот и вера ги упатуваше на патот на спасението и другите.

Кога и умреа родителите, го раздаде имотот на сиромасите, а самата се замонаши. Како монахиња со уште поголем жар и ревност ја проповедаше верата во Христа не криејќи ја од никого, иако во тоа време римските власти крваво ја гонеа христијанската вера.

Први коишто за проповедање на забранетата вера ја обвинија света Параскева беа некои зли Евреи. Ја изведоа на суд пред царот Антонин. Сите ласкања на царот не помогнаа ни најмалку да ја поколебаат Божјата слугинка во вистинитата вера. Тогаш ја подложија на огнени маки и ѝ ставија усвитен шлем на главата.

Но, Господ чудесно ја спаси и таа се избави и се оддалечи од Рим. Тргна од град во град да го обраќа тогашниот незнабожечки народ кон христијанското благочестие. Уште во два града беше изведувана пред кнезови и судии и измачувана заради Господа, но притоа вршеше големи чуда со силата Божја и брзо се опоравуваше од маките.

Како и секогаш, незнабожците нејзините чуда им ги припишуваа на магиите, а нејзиното опоравување на силата и милоста на нивните богови. Еднаш на кнезот мачител светата Параскева му рече: „Не ме исцелија твоите богови кнезу, туку мојот Христос, вистинскиот Бог“.

Најпосле некој кнез Тарасиј ја уби со меч. Таков беше славниот крај на многуплодниот живот на оваа светителка. Нејзините мошти подоцна беа пренесени во Цариград. Чесно пострада за Христа во вториот век.

Култот кон света Петка- Римјанка, кај нашиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести. Во православниот каландар постојат три личности со исто име света Параскева-Петка, поради што кај народот најчесто се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност.

Првата е света Петка-Римјанка, втората света Петка од Иконија и третата света Петка Епиватска, позната и како Трновска. Најпозната меѓу нив е третата на која празникот, познат под името Петковден и со домашни слави се празнува на 27/14 октомври. Поради тоа и другите две се идентификуваат со неа.

Со нејзиното име се поврзани и чудотворни икони и многу лековити води наречени петочни води. Оттука и празнувањето на петокот како посебно тежок ден во неделата. Според некои записи од минатото во некои наши краишта (Мариово) петокот се празнувал повеќе од неделата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи