Пендаровски ги обиколи опожарените места во прилепскиот регион


Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска ја посети касарната „Мирче Ацев” во Прилеп и опожарените места во околината на селото Топлица.

Пендаровски на припадниците на Армијата им изрази благодарност за борбата која ја водат со огнената стихија и оцени дека е одлична нивната соработка со општинските власти и институции во регионот. Во посета на војниците и опожарени места во прилепско беше и министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Припадниците на Армијата распоредени во касарната, го информираа претседателот Пендаровски за тековните активности коишто ги преземаат при гасење на пожарите во прилепскиот регион. Како што посочија, во прилепската касарна се одвива координација со припадниците на Армијата од неколку околни општини, нагласувајќи ја одличната соработка на Армијата со другите институции.

„Огромна благодарност уште еднаш до Вас и до Вашите семејства. Никој нема да Ви го заборави овој извонреден напор што го правите. Се надевам дека пожарите нема уште долго да траат и ќе можете полека да се враќате на редовната воена служба и на Вашите семејства”, им порача претседателот Пендаровски на припадниците на Армијата.

При обиколката на опожарените места во околината на село Топлица, претседателот Пендаровски беше информиран за ангажираните армиски капацитети, како и за обврските на Армијата при локализирањето на пожарите во оваа област.

Во разговор со припадниците на Армијата претседателот Пендаровски ја нагласи нивната професионалност и посветеност. Во оваа насока, како што истакна претседателот Пендаровски, соодветно ќе биде вреднуван несебичниот ангажман на сите припадници на Армијата во изминатите денови.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи