Угостителите бараат да се укине одлуката за забранет влез на невакцинирани лица во угостителските објекти


Независната угостителска комора (НУК) бара од Владата веднаш да ја укине одлуката со која се забранува посета и влез на невакцинирани лица во угостителските објекти со став дека одлуката е неприменлива и неспроведлва без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема.

Писмото до Владата ви го пренесуваме во целост:

„Почитуван Претседател на Влада Зоран Заев,

На 97-та седница на Владата донесовте одлука со која од 16 август 2021 година се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при во секаков вид објект на отворено, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани) на отворено.

Како Претседател на Независната угостителска комора би сакал да Ве известам дека:

Угостителските објекти се јавни објекти достапни подеднакво на сите граѓани, домашни и странски гости и поголемиот дел од истите немаат услови да вршат деградација и селекција на вакцинирани и невакцинирани гости.

Донесената мерка е неприменлива и неспроведлива од страна на угостителите без соодветна законска регулатива и продолжени и пренесени овластувања кои во моментов ги нема.

Ниту т.н. нови редари, ниту било кој инспектор, ниту угостителите и вработените во угостителските објекти имаат законска можност или овластување и право да вршат проверка на лицата за нивната состојба на вакцинација со приложување на потврда за извршена имунизација.

Медицинската состојба на граѓанинот и гостинот е сензитивна информација и согласно законот за заштита на лични податоци со исклучок на службено лице и/или овластено лице – лекар нема право никој друг да врши проверка или прибирање на оваа информација ниту да врши селекција односно дозвола за влез во јавен објект на граѓаните по основ на оваа состојба

Во  моментов се уште согласно постојната важечка законска регулатива вакцинацијата е изборно право на секој граѓанин и не е задолжителна и како такво истата не смее да биде услов за нормално движење, работење и слобода на уживање на човековите права ниту услов за влегување во јавен објект и користењето на услугите на јавниот објект како што се угостителските објекти.

Со оваа одлука неприфатливо е угостителските објекти да се ставаат во улога на експериментален филтер за да се провери дали и како системот на селекција на граѓаните може да функционира на вакцинирани и невакцинирани.

Согласно погоре наведените причини бараме и очекуваме од Вас, ВЕДНАШ ДА ЗАКАЖЕТЕ СЕДНИЦА со единствена точка на дневен ред со која ќе СЕ УКИНЕ одлуката со која забранувате посета и влез на НЕВАКЦИНИРАНИ ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ.

Угостителите досега ги почитувале и спроведувале сите реални и неопходни препораки и протоколи за работа на угостителските објекти без разлика дали тие кореспондирале со тековните состојби, но оваа одлука НЕМОЖЕ ДА БИДЕ ИСПОЧИТУВАНА И СПРОВЕДЕНА БЕЗ ДА СЕ НАРУШАТ ПОВЕЌЕ ЧОВЕКОВИ ПРАВА И ДА СЕ ПРЕКРШАТ ПОВЕЌЕ ЗАКОНИ ПОГОТОВО ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА ЛИЧНИТЕ ПОДАТОЦИ.

Доколку не ја укинете оваа одлука сакам да Ве известам дека како сопственик на угостителски ЌЕ БИДАМ ПРВИОТ ШТО ЌЕ ГО ЗАТВОРИ УГОСТИТЕЛСКИОТ ОБЈЕКТ ЗА ПОСЕТА И РАБОТА СО ГОСТИ СЕ ДОДЕКА Е НА СИЛА ОВАА ОДЛУКА затоа што ниту имаме можности ниту имаме услови да вработуваме редари кои ќе вршат селекција на гостите по основ на тоа дали истите се вакцинирани или не.

Се надевам дека ќе излезете ВЕДНАШ во пресрет на ова барање и ќе ја укинете спорната одлука со што ќе овозожите непречено функционирање на угостителите и угостителските објекти согласно законската регулатива и соодветните препораки и протоколи за работа на угостителски објекти“, стои во соопшението на НУК.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи