Граѓаните со право на глас кои сакаат да се изјаснат на локалните избори закажани за 17 октомври, своите податоци во Избирачкиот список ќе можат да гиг проверат уште сега преку веб-страната на Државната изборна комисија (ДИК) – www.sec.mk или на https://izbirackispisok.gov.mk/.
Официјално, јавниот увид на Избирачкиот список за изборите ќе започне на 21 август и ќе трае до 9 септември. Тогаш ДИК на увид ќе ја стави новата состојба на податоци на Избирачкиот список, што ќе се користи на денот на изборите.
Во овој рок граѓаните барањето за запишување, бришење или дополнување во Избирачкиот список треба да го достават писмено до подрачните единици или канцеларии на ДИК или електронски да се обратат до Комисијата и притоа да достават соодветни докази.
Рокот за заклучување на Избирачкиот список со сите промени, како од граѓаните така и од политичките партии е 24 септември, додека Избирачкиот список финално треба да биде потпишан до 1 октомври.
На локалните избори годинава за првпат за проверка на идентитетот на граѓаните ќе се применат систем и терминали за вчитување на отпечатоци од прсти. МВР на 8 август до ДИК ги достави податоците на граѓаните, вклучително и отпечатоците од прсти, со што го испочитува законскиот рок од 48 часа по распишување на локалните избори, предвиден во Изборниот законик.