Стојкоски: На младите МОРА да им се даде шанса да бидат дел од општеството

Во Крушево во јули се организираше младинската размена „Queen’s Tech“ на која се разработија теми поврзани со СТЕМ образованието, но и родовиот јаз кој што постои при вработувањата. Повеќе на таа тема разговаравме со Андреј Стојкоски од Прилеп, младински активист во организацијата за млади „Младински сојуз Крушево“, студент во завршна година на Градежен Факултет во Скопје, член на Управен Одбор на Националниот Младински Совет на Македонија – НМСМ, фасилитатор на младинската размена „Queen’s Tech“.

Кажи ни повеќе за младинската размена „Queen’s Tech“ и која беше целта на истата? Која беше твојата улога за време на младинската размена?

„Queen’s Tech“ е младинска размена организирана од страна на организацијата за млади „Младински сојуз Крушево“, која се одржа од 22 до 28 јули  2021 година во Крушево. На истата учествуваа 40 млади луѓе од 7 европски држави, меѓу кои Северна Македонија, Грција, Србија, Турција, Романија, Полска и Португалија. Младинската размена е поддржана од Еразмус плус програмата на Европската Комисија и Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. За време на овие седум дена, учесниците имаа можност да учат за темата преку активности кои се дел од неформално и информално образование.

Една од целите, беше да се разгледа прашањето за невработеноста кај младите и порастот на технолошките трендови, што ни носи повеќе можности за вработување. Бројот на работни места во S.T.E.M. областа се зголемува затоа што тие места се клучни за 4IR (fourth industrial revolution), а вклучуваат подобрена здравствена заштита, пристап до образование, и повисок животен стандард. Но, ако ја погледнеме листата на вработени во оваа област, може да забележиме дека жените се малку застапени во овие области, а особено во инженерството (во академија и пракса). Па, втората цел за одржување на размената беше и зголемување на свеста за родовиот јаз во S.T.E.M. областите.

Долгогодишното искуство со Еразмус плус проектите во кои учествував како учесник, тим лидер, национален координатор на партнерски проект и организатор, на оваа младинска размена ми ја донесе можноста, за прв пат, да ја имам улогата на фасилитатор (тренер). Овде, особено би сакал да ја искажам и мојата благодарност до тимот на „Младински сојуз Крушево“, како вистинското место за стимулирање на развој на младите луѓе, за довербата и дадената можност. Да се има оваа улога, во исто време е прекрасно искуство, но и предизвик бидејќи како што и претходно споменав, на истата имаше 40 млади луѓе од 7 држави, млади луѓе со 40 различни секојдневија, различни можности, искуства, сфаќања. Како млад човек кој го живее „S.T.E.M. секојдневието“ беше големо задоволството што низ сесиите од страна на учесниците имаше голем интерес и познавање на темата.

На младинската размена една од главните теми на дискусија беа технолошките трендови. Што е тоа СТЕМ oбразование и зошто е тоа важно?

Самиот збор S.Т.Е.М. (на англиски) е кратенка на зборовите Science – Наука, Technology – Технологија , Engineering – Инженерство и Math – Математика, па S.T.E.M. образование е нов пристап кон интердисциплинарно учење преку интеграција на овие четири научни дисциплини. Самата филозофија на S.T.E.M.ги поттикнува учениците кон креативно и критичко размислување за решавање на проблемите. Па, од тука потекнува и идејата за одржување на младинската размена „Queen’s Tech“.

За важноста на S.T.E.M. образованието мислам дека нема потреба нешто посебно да се зборува, бидејќи е повеќе од очигледна. Придобивките на S.T.E.M.образованието, практично се дел од нашето секојдневие, почнувајќи од најосновните работи како што се електрична енергија, телефон, производство на храна, градењето на домовите каде што живееме па сè до решенијата на  светските проблеми како што се пронаоѓањето на вакцини за пандемијата COVID – 19, патентите за намалување на  ефектот на климатските проблеми, преориентацијата на работниот сектор за борење против невработеноста и многу други. Сите овие придобивки се заслуга на сите професори, научници, инженери и останати вработени во овој сектор кои неуморно работат на подобрување и прогрес на светот.

Родовиот јаз особено доаѓа до израз во STEM полињата. Што мислиш за традиционалните или закоравени стеги кои ги одвратуваат девојчињата и жените да се занимаваат со некои професии? Дали има машки и женски професии?

Да бидам искрен, првенствено не бев ни свесен дека постои родов јаз во толкава мера бидејќи во мојата околина сум опкружен со успешни девојки и жени со долгогодишно искуство во оваа област, почнувајќи од мојата мајка која  повеќе од 30 години е успешен Градежен Инженер, остварена во сите полиња како што се изведбата на објекти, проектирањето , ревизијата, надзорот, процената, вештачењетои останатите, потоа мојата сестра која е соработник на Катедрата за Бетонски и Дрвени Конструкции при Градежен Факултет во Скопје и студент на докторски студии на универзитетот Рур Бохум во Германија, но и сите мои другарки и колешки кои се успешни студентки во градежништво, архитектура, програмирање, електроника, биотехнологија, машинство, медицина и друго, на универзитетите кај нас или во странство.

На младинската размена имавме сесија посветена на реалноста во државите учесници на проектот, каде што имаше шокантни податоци за родовиот јаз во споменатите држави. Во текот на сесијата, дискутиравме и за тоа кои се причините за таквите драстични разлики. Во денешно време, иако ситуацијата се подобрува, за жал сè уште има девојки кои сонуваат да бидат идни инженери, доктори или научници, но не успеваат да ги остварат своите соништа. Најчесто владеат стереотипите дека девојките треба да бидат помалку амбициозни бидејќи треба да балансираат семејство, домашни обврски и кариера, што во 21 век е неоправдано сфаќање, бидејќи обврските за семејство и домашните обврски се подеднакво обврски и на машките и на девојките. Ме радува фактот што во новите генерации на дипломирани студенти и идни вработени во овие области почнува да се создава баланс и да се надминува родовиот јаз.

A, „Дали има машки и женски професии?“ – НЕМА! Не постои машка и женска професија, туку само професија, за која личноста ќе се вреднува по образование, знаење, вештини, искуства, квалификации, а не по род, пол, вероисповед, раса, политичка припадност и сл. Повторно ќе се навратам на мојата мајка, како единствената жена – инженер  на објект при изведба на „Бизнис Центарот“ во Прилеп, изложена на стрес, надворешни влијанија, без санитарен чвор, а во исто време мајка на две мали деца, која работата ја опишува како незаборавнo искуство поради дружењето и огромната почит од страна на колегите, која останала до денес.

Името на младинската размена е „Queen’s Tech“. Според тебе, кои се „Queen’s Tech“?

За мене „Queen’s Tech“се сите девојки и жени кои живеат во секојдневието и предизвиците кои ги носи S.T.E.M. Првенствено, за мене „Queen’s Tech“ се мојата мајка и тетка кои доста долго се борат со предизвиците на градежништвото. Потоа, мојата сестра и братучеда кои почнуваат да се борат со предизвиците кои со себе ги носи ова поле. Но, и моите и другарките на сестра ми кои се успешни доктори, програмери, фармацевти, архитекти, машински инженери. „Queen’s Tech“ е и докторката каде одам на преглед, но и заболекарката каде што ги поправам забите. Понатаму, сите мои колешки кои ја победуваат битката со стереотипите за градежништвото како „машка професија“.„Queen’s Tech“се и сите останати девојки и жени кои студираат, сонуваат, работат и живеат да бидат жени инженери, доктори, професори, научници.

Денес, жените сочинуваат помеѓу 20 и 30 проценти од ИТ секторот ширум светот, а се предвидува дека во следните 5-10 години бројката ќе се зголеми на 40 проценти. Како да се допринесе за намалување на јазот?

Според мене, промената не може да настане „преку ноќ“. Првенствено, треба доста да се зборува на темата, особено од девојки и жени на кои ова им е секојдневие. На младинската размена, на моја голема чест и задоволство имавме прилика да ги слушнеме искуствата на Доц. Д-р Симона Богоевска, професор на Градежниот Факултет во Скопје и инж. Кристина Николовска, инженер по роботика. Позитивните импресии и интересот на учесниците уште еднаш потврди дека ако сакаме да постигнеме позитивна промена на темата, треба да зборуваат жени кои го живеат тоа секојдневие. Треба да покажеме дека успешните девојки и жени не се само оние кои се „сервирани“ на социјалните медиуми, туку и дека се тука, помеѓу нас.

Статистичките податоци за невработеноста на младите во Македонија се страшни, ние сме лидери по невработеност во регионот. Кои се причините според тебе за тоа, дали можеби имаме криза на вештини, од образование до вработување, дали младите грешат со тоа што не волонтираат можеби или колку значи дополнителната и практичната работа?

Младинската невработеност е проблем кој што се провлекува веќе подолги години. Свесни сме дека живееме во доста динамично време, па излишно е да ги бараме причините. Треба да пристапиме кон решавање на проблемот со младинската невработеност.

Како што и претходно споменав, живееме во доста динамично време, ера на дигитализацијата. Со напредокот на технологијата, постојано се создаваат нови работни позиции, се случува преориентација на работниот сектор, се појавуваат нови начини на самовработување, а најголемиот дел од овие промени се резултат на S.T.E.M. образованието и се случуваат токму во овој сектор. За да можеме да кажеме дека живееме во ова време, треба да бидеме во чекор со сите овие промени кои се резултат на технолошките трендови.

Се разбира, при барањето на работа еден од клучните фактори е формалното образование, но се чини дека пазарот на трудот диктира поседување и на вештини кои се стекнуваат преку неформалното образование, како што се меките и дигиталните вештини. Според истражувањето на McKinsey&Company 87% од компаниите искусуваат недостаток на вештини или ги очекуваат во рок од неколку години, а во исто време работодавците целат кон замена на традиционалните вештини со меките. Денес не може да се замисли аплицирање за интервју за работа без познавање на дигитални вештини, комуникациски способности, „човечки“ вештини, презентерски способности, вештини за работа во тим и.т.н.

Голем дел од младите луѓе постојано работат на стекнување на претходно споменатите вештини. Да, сметам дека волонтирањето е еден од начините да се стекнат овие вештини. А, дали грешат со тоа што не волонтираат, сметам дека не грешат. Волонтирањето е личен избор на секој човек, не може да биде наметнато затоа што на крај нема да се достигне ни самата цел. Но, доста важно е при волонтирање и лицето кое ќе те води низ тој пат. Од моето волонтирање во „Младински сојуз Крушево“, би кажал дека секојдневно се повеќе се подобрувам, стекнувам нови и ги подобрувам старите вештини затоа што е место каде што на младите постојано им се даваат шанси да напредуваат и  имаат можност да работат со професионални и искусни младински работници. Самото мое развивање од учесник до тренер се случуваше токму со поддршка од тимот на „Младински сојуз Крушево“.

Секоја дополнителна работа, практична работа или волонтирање е можност за стекнување на нови вештини или подобрување на старите. Па, моја препорака е да се користат таквите можности.

Колку сметаш дека младината има изградено критички став за проблемите во заедницата, за потребите и за решенијата кои се можни, бидејќи се чини дека владее некоја апатија кон се и младите се тотално незаинтересирани…

Јас сум дел од младината, верувам во младите луѓе и сметам дека младите луѓе сме движечка сила на општеството. Сето она што го зборував претходно за технолошките трендови е дел од нашето секојдневие. Не се сложувам дека младите се незаинтересирани. Сметам дека не им се дава простор да учествуваат во решавање на проблемите и потребите во заедниците во кои што живеат.

Ќе се навратам повторно на младинската размена, имавме сесија каде што учесниците имаа можност да се движат низ Крушево и да ги пронајдат потребите и проблемите кои ги има градот, а потоа на истите им бараа решение. Истите ги пронајдоа на два начина: дел од нив ги детектираа сами, а дел од нив ги пронајдоа при разговор со жителите во градот. Проблемите кои што ги пронајдоа се поврзани со иселувањето на младите, неповрзаност на градот со околните градови и села, голем број на кучиња – скитници, недоволна туристичка промоција на градот, мал број на корпи за отпадоци и др.

Поентата ми е дека младите се тие кои постојано ги пратат трендовите и постојано  имаат прилики да стекнуваат добри пракси кои може да ги имплементираат кај нас. Во денешно време младите се тие кои треба  да ја играат главната улога за решавање на проблемите на заедниците во кои живеат, дали во соработка со институциите или на други креативни начини, како на пример – започнување на социјални претприемништва.

На младите МОРА да им се даде шанса за да бидат дел од општеството. Општество без вклучена младина, практично не може да постои.

Што би сменил ти во општеството? Велат, дајте му на човек една недела власт и видете каков е. Ако ти ја имаш власта и моќта, што би сменил како приоритет?

Видете, младите сме ние на кои што останува градењето и развивањето на општеството во кое што живееме. Приоритет на секое општество, според мене треба да биде вложување во младината.

Како млад човек во општина Прилеп, првенствено би започнал од креирање на Локална стратегија за млади, која треба да биде јавно достапна. Формирање на активен Локален Младински Совет, кој ќе работи за потребите на младите. Вклучување на младите со идеи и предлози во работата на општеството за сите сегменти, од општествени проблеми до организација на културни настани. Исто би додал децентрализација и стратегија за младите во руралните средини. Достапност на институциите за младите и поголема информираност за работите што се случуваат во општината.

За крај, само би додал дека доколку сакаме да работиме на развивање и подобрување на едно општество, МОРА ДА ГИ ВКЛУЧИМЕ МЛАДИТЕ! Да сфатиме дека не може да развиваме општество во кое не живее активна и среќна младина!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи