58% од младите веднаш би се иселиле од Македонија, 8 од 10 млади сметаат дека властите воопшто не се грижат за нивните потреби

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Денеска, по повод Меѓународниот ден на младите, Младински образовен форум (MOФ) ја презентираше студијата „Социо-политичко учество на младите: Нееднаквост, неизвесност и различни очекувања“, изработена во соработка со Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Младите се незадоволни од своето место во општеството, 58% од нив би се иселиле од Македонија, доколку им се укаже можност. Од нив, само 6,9% би се вратиле назад во земјата. Речиси 8 од 10 млади (77,3%) луѓе сметаат дека властите делумно или воопшто не се грижат за нив и нивните потреби..

Студијата покажува дека 69% од младите никогаш не биле консултирани од институциите, наспроти една третина (27%) кои биле консултирани на локално или национално ниво.

Влезот во Европската унија е важна тема за младите, но оптимизмот кај нив е опаднат во споредба со 2019-та. Речиси половина (44%) од испитаниците веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ, а просечната година во која сметаат дека тоа може да се случи е 2026 година.

Само една третина од младите (29%) сметаат дека властите се запознаени со нивните потреби и проблеми. Кога станува збор за младите лица со попреченост, само 8% сметаат дека властите целосно или прилично се грижат за нив и нивните проблеми.

Анкетираните млади покажуваат висока свест за гласањето, од нив на парламентарните избори во 2020 гласале 74,7%. Една петина од младите (20,3%) велат дека редовно преземаат активности за решавање на општествени проблеми, а една третина од тие кои делувале (33,4%) успевале да го решат проблемот.

Пандемијата не ги одмина младите, речиси на 15% им се намалила платата во текот на кризата, додека 6% ја изгубиле работата. Во поглед на образованието, младите кои се во образовен процес даваат просечна оцена 3 за квалитет на наставата за време на пандемијата.

За да се подобри животот на младите во земјата, дел од клучните препораки се да се гарантираат средства во државниот буџет за млади и младински политики, општините да формираат локални младински совети и да отворат младински центри, а политичките партии да се заложат младите да бидат застапени во програмите и на кандидатските листи на претстојните локални избори. Да се поддржува младинското организирање и законски да се гарантира средношколското учество. Институциите да работат на информирање и едукација на младите за потребата од вакцинација за спречување на ширењето на КОВИД-19.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи