Почна собирањето потписи за независните кандидати за локалните избори

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Од денеска започна рокот за собирање потписи за кандидатите кои сакаат да се кандидираат како независни или за независни листи на кандидати за советници.

Потписите ќе се собираат во согласност со постојниот Изборен законик.

Независните кандидати мора да соберат најмалку 1 % од вкупниот број гласачи во општината. Тоа значи дека во општините во кои има до 10.000 жители со право на глас ќе требаат 100 потписи, во тие од 10.001 до 30.000 – 150 потписи, од 30.001 до 50.000 – 250 потписи, од 50.001 до 100.000 жители најмалку 350 потписи, во општини над 100.001 најмалку 450 потписи, додека во Град Скопје цензусот е 1.000 потписи.

Најдоцна до 23 септември ДИК на својата веб-страница, а Општинските изборни комисии во сите населени места ќе ги огласат утврдените листи за градоначалници и за советници.

„Од денеска почнува собирањето потписи кое трае до 30 август во 24 часот, потписите се собираат во подрачните единици на ДИК и кај нотар кој го избира претставникот на листата… Другите рокови се, јавен увид во избирачкиот список што започнува на 21 август, а завршува на 9 септември, листата на кандидати што треба да се поднесе до 11 септември, а изборната кампања почнува на 27 септември и трае до 15 октомври“, велат од ДИК.

Потписите се собираат пред службените лица на Државната изборна комисија и пред нотар на образец утврден од ДИК. Подносителот на листа определува пред кои нотари ќе се собираат потписи и за тоа ја известува ДИК, која на својата интернет-страница објавува листа на нотари пред кои подносителите на листа собираат потписи. Трошоците ги сноси подносителот на листата. Секој избирач својот потпис може да го даде за повеќе листи на кандидати за градоначалник. Подносителите на листата треба да имаат избирачко право и постојано живеалиште во општината.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи