Македонија протера уште еден руски дипломат, Османи потврдува – но не кажа причина


Македонија протерала уште еден руски дипломат, потврди денеска министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Османи не откри детали нагласувајќи дека „информациите од тој тип се обично од доверлив карактер“.

„Бидејќи информациите од овој карактер се доверливи, само ќе кажам дека Министерството за надворешни работи, во рамките на своите надлежности, ги презема сите соодветни мерки и активности согласно виенската конвенција за дипломатски односи со цел да ја заштити националната безбедност на Република Македонија, како и безбедноста на нашите сојузници“, изјави Османи .

Станува збор за заменик-военото аташе А. Шевченко, кој според извори на Алмакос презел несоодветни дипломатски дејствија.

Во мај годинава, еден руски дипломат во земјава беше прогласен за персона нон грата, а како причина за протерување на дипломатот се посочуваат активности што не се во согласност со однесувањето кое се очекува од странски дипломат што служи во земјата домаќин.

На тоа протерување Русија во јуни одговори реципрочно и од Москва протера македонски дипломат. Тогаш од македонското МНР објавија дека вршителот на работите во македонската амбасада во Москва, Оливера Чаушевска- Димовска, била повикана во руското МНР каде  и била врачена Нота за прогласување „персона нон грата“ на наш дипломат – аташе од Амбасада на Македонија во Москва.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи