Заев: Армијата остави траен печат на независноста на нашата татковина

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


По повод одбележување на 29 години од постоењето на АРМ се огласи премиерот Зоран Заев.

„Денеска е Ден на Армијата на Република Македонија, ден кога со особена гордост упатуваме искрена благодарност до припадниците на Армијата за нивната континуирана посветеност, професионалност и несебичен ангажман во заштита на територијалниот интегритет и безбедноста на нашата држава.

Армијата на Република Македонија остави траен и маркантен печат на независноста на нашата татковина, во чии темели се славните традиции на партизанските единици од Народноослободителната војна (НОВ) кои застанаа на страната на прогресивните антифашистички сили и ја ослободија територијата на нашата држава, пожртвувано учествувајќи во остварувањето на вековниот сон на нашите граѓани за сопствена држава.

На денешен ден, во 1943 година на Славеј планина е формиран првиот партизански одред, баталјонот „Мирче Ацев“, а денес, 78 години подоцна, нашата Армија на највисоко професионално ниво, заедно со војниците на земјите-членки на НАТО и согласно стандардите на Алијансата, учествува во меѓународни мировни мисии и дава свој придонес во зачувување на глобалниот мир и безбедност.

На овој ден, ние граѓаните упатуваме благодарност до сите припадници на Армијата за нивниот огромен придонес за безбедноста и суверенитетот на нашата држава, за нивниот придонес во процесот за приклучување кон најмоќниот воено-безбедносен сојуз – НАТО, за нивното учество во мировните мисии, помошта на граѓаните при елементарни непогоди.

Во име на тој огромен придонес на нашата армија, континуирано го подобруваме статусот на припадниците на АРСМ со постојан раст на буџетот со зголемување на платите, со нова лична и борбена опрема, со законска рамка за поддршка за создавање услови оптимално извршување на нејзините обврски.

Во име на Владата, во лично име, и во име на сите граѓани на Република Македонија ви благодариме за сите заложби, за сите несебични ангажмани, да помогнете, да ја осигурате и обезбедите перспективната иднина за сегашните и идните генерации.

Нека ни е честит Денот на Армијата на Република Македонија“, порача Заев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи