Заев: Никој не побара, сами се понудивме за помош, бесплатна вакцинација, ПЦР тест и здравствен преглед за Авганистанците

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Нема бран на бегалци, терористи или какви било слични заплашувања. Се работи за тоа дали сме луѓе или не сме, вели премиерот Заев во врска со примањето на 450 Авганистанци кои до крајот на неделава треба да пристигнат во Македонија.

„Се работи за луѓе кои биле соработнци на сојузничките армии во Авганистан, вклучувајќи ја и нашата која од 2002 е сојузник во сите мисии на НАТО таму. Никој не побара од нас, сами се понудивме да преземеме и споделиме дел од одговорноста, човечноста и хуманоста по целосното заземање на Кабул од страна на талибанските сили. Се работи за миротворци, активисти за човекови права, новинари, студенти, жени. Секако како што соопшти владата ние веќе донесовме одлуки, ќе ги прифатиме сите граѓани кои доаѓаат по однапред определени списоци.  Државата ќе го плати превозот од аеродромот до хотелите, а веќе има такви кои понудиле сместување. Ќе се овозможи бесплатна вакцинација на тие што немаат,  иако најголем дел од нив се вакцинирани бидејќи работеле во институциите, ќе има и бесплатен ПЦР тест и ќе им се овозможи здравствен преглед. Трошоците за сместување ќе ги плати САД, но Владата донесе одлука да преземе дел од трошоците, па тие после ќе бидат рефундирани“, рече Заев.

Заев рече дека потврдената бројка на луѓе кои треба да пристигнат кај нас е 450 луѓе, но дека може да се јават дополнителни 50, 70, 90 луѓе.

„Капацитетите се огромни. Досега имаме хотели кои понудиле поголеми капацитети и места за 300 и 500 луѓе. Апсолутно се работи за луѓе со свои квалификации и верувам за време на нивното задржување во Македонија, ќе можеме да направиме нивно здравствено и секаквко згрижување, но секако и општествен ангажман. Најважно е да го покажеме хуманиот аспект, да ги зачуваме животите, да пружиме рака према деца, студенти, жени и миротворци, активисти за човекови права, политики“, изјави Заев.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи