Нови анти-ковид мерки од денес: Влез само за вакцинирани и прележани од Ковид во последните 45 дена

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Владата на Република Македонија на денешната редовна 99-та седница ги донесе најновите мерки, протоколи препораки за заштита на здравјето на населението од КОВИД-19, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести.

Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД-19 или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжителнo e воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД-19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Овие мерки стапуваат на сила по нивното објавување во „Службен весник“, односно од утре 18 август 2021 година.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани  на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИ -19 документи.

Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:

– сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или

– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или

– медицинска потврда со негативен резултат од RT PCR SARS-CoV-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД-19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

На оваа своја седница Владата го усвои и Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи