Социјално осигурување на работниците

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Правата (надоместоците) од социјалното осигурување во Република Северна Македонија се класифицираат врз основа на нивната припадност во поединечните гранки од системот на социјалното осигурување. Такви гранки се: здравственото осигурување, пензиско-инвалидското осигурување и осигурувањето во случај на невработеност.

Во рамките на системот на осигурување во случај на невработеност во Република Македонија, осигурениците може да остварат права на:

1) паричен надоместок;

2) подготовка за вработување (обука, преквалификација или доквалификација);

3) здравствена заштита;

4) пензиско и инвалидско осигурување во определени случаи;

5) вработување инвалидни лица со поволни услови во согласност со закон.

Основно право од осигурување во случај на невработеност е правото на паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност.

Паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност

Право на паричен надоместок има невработено лице што било во работен однос (и за кое е уплатуван придонес за осигурување во случај на невработеност) најмалку девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци.

Правото на паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност не може да се оствари во кој било случај на престанок на работен однос по кој лицето станало невработено. Осигурениците нема да се стекнат со ова право во случаите во кои работниот однос не им престанал по нивна волја (на пример: работникот/осигуреникот дава писмена изјава дека сака да му престане работниот однос, спогодбено престанување на работниот однос и друго) или вина (на пример: неоправдано изостанување од работа последователно три работни дена или пет работни дена со прекин во текот на една година или добивање отказ од страна на работодавачот поради кршење на работната дисциплина и друго). Тие нема да го остварат правото на паричен надоместок за осигурување во случај на невработеност и во други случаи што се предвидени со закон (на пример: поради престанок на работниот однос по сила на закон; одбивање обука, преквалификација или доквалификација за друго работно место кај ист или друг работодавач; исполнување услови за остварување старосна пензија и друго).

Времетраењето на исплаќањето на паричниот надоместок за невработеност зависи од времето за кое невработеното лице било осигурено во случај на невработеност. Вообичаено, паричниот надоместок се исплаќа за период од најмалку еден месец (доколку осигуреникот има минимален стаж на осигурување во период од девет месеци непрекинато или 12 месеци со прекин во последните 18 месеци) до најмногу 12 месеци (доколку осигуреникот има максимален стаж на осигурување над 25 години). Прописите за осигурување во случај на невработеност предвидуваат и одредени исклучоци, во кои паричниот надоместок за невработеност може да се оствари и во период подолг од 12 месеци.

Висината на месечниот паричен надоместок за време на невработеност изнесува 50 % од просечната месечна нето-плата на работникот за последните 24 месеци (за лица што имаат право на паричен надоместок до 12 месеци) или 50 % од просечната месечна нето-плата на работникот за последните 24 месеци и 40 % од просечната месечна нето-плата за преостанатото време (за лица што имаат право на паричен надоместок подолго од 12 месеци).

пишува: Здружение Достоинствен Работник.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи