Бројот на на претставки решени во корист на незадоволни осигуреници зголемен за 220%

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Во првите шест месеци годинава врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници АСО на три осигурителни друштва им изрече четири мерки од кои две се парични глоби

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО), заклучно со 30 јуни годинава, доби 82 претставки од осигуреници кои биле незадоволни од работата на осигурителните компании. Во споредба со истиот период лани, годинава бројот на поднесени претставки е двојно зголемен.

Од вкупно 82 претставки во првото полугодие годинава 16 се решени во корист на подносителите т.е. осигурениците кои во АСО пријавиле дека се незадоволни од тоа како компанијата ја решила пријавената штета. Тоа е за 220 отсто повеќе решени претставки во корист на осигурениците во споредба со истиот период минатата година.

Во 21 случај причина за претставката била висината на надоместокот што осигурителното друштво го понудило за компензација на настанатата штета. Тие претставки не се процесирани затоа што АСО не одлучува за висината за понудениот надоместок за штета.

Во корист на компаниите се решени 34 од сите поднесени претставки. За седум претставки е утврдено дека се поднесени без основ, две се повлечени од страна на подносителите, а за уште две постапаките се во тек.

Од аспект на видот на осигурување најмногу претставки – 33 се поднесени за штети настанати кај осигурување од автомобилска одговорност (најзастапената класа на осигурување која е задолжително со закон). За оштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 19 претставки, а девет поднеле незадоволни осигуреници од осигурување имот. Пет претставки се за осигурување живот, две за здравствено осигурување, а по една за осигурување посеви и плодови, патничко осигурување, каско осигурување, осигурување финансиски загуби и осигурување од ошта одговорност. Две претставки се поднесени за останатите видови осигурување.

Како причина за незадоволството на осигурениците во 29 случаи бил основот за исплата на штета, а во 21 случај висината за надоместокот. На рокот во кој компанијата треба да одговори по приговор се жалеле петмина подносители на претставки. По четири претставки има за рокот за обработка на штета и за исплата на надоместок, а две за висината на регрес. Уште десет претставки се поднесени по останати основи за поднесување.

Најмногу претставки во првото полугодие годинава се поднесени за работењето на „Уника“ – 13. По девет претставки се поднесени за „Халк Осигурување“, „Граве неживот“ и „Еуролинк Осигурување“. Осум за „Винер“, по пет претставки поднеле осигуреници за работата на „Кроација живот“ и „Евроинс“. По четири претставки се поднесени за „Сава осигурување“, „Триглав Осигурување“ и за работата на „Осигурителна полиса“. По една претставка за: АДОР „Македонија“, „Кроација осигурување – неживот“, „Граве“, Националното биро за осигурување  и осигурителното брокерско друштво „СН Брокер“. Во овој период нема претставки од осигуреници на: „Винер лајф“, „Триглав живот“ и на „Уника живот“.

Од вкупниот број на поднесени претставки 67 се поднесени од граѓани, а 15 поднеле правни лица.

Претставка до АСО се поднесува ако осигуреникот не е задоволен од одговорот на осигурителната компанија за оштетното побарување или ако не добил одговор во рок од 30 дена. АСО не разледува анонимни претставки или случаи за кои се води судска или друга постапка.

Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) е независно регулаторно тело кое го регулира пазарот за осигурување, врши надзор над работата на осигурителните субјекти, се грижи за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација и вклученост на населението.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи