Царовска: Нема потреба од ширење паника, ако има потреба ќе се смени моделот на настава

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Нема потреба од ширење паника и неточни информации бидејќи МОН и Министерството за здравство дневно ја следат состојбата и доколку добиеме препорака за промена, во истиот момент ќе бидеме спремни да промениме се што ќе ни биде кажано, изјави денеска министерката Мила Царовска.

Во одговор на прашање дали ќе се ревидира одлуката поради континуираниот пораст на новозаразени со коронавирус, таа рече дека се следат препораките од здравствените власти и одлуката на Владата и Главниот кризен штаб, а моделот на настава ќе се смени ако Комисијата за заразни болести утврди да има потреба.

Второто сценарио е хибриден модел – наизменично една недела едни ученици во училница, а половина од паралелката – онлајн и третиот модел, како лани – физичко присуство за една група ученици, а за друга во континуитет наставата да биде на далечина.

„Најнепосакувано е второто и третото сценарио. Како што препорачуваат и од УНИЦЕФ и ОЕЦД и сите други земји кои се поразвиени од нашата, физичкото присуство е најпосакувано и најсоодветно и ние се подготвуваме за овој модел на настава, согласно препораките и на Кризниот штаб и одлуката на Владата. Во даден момент, доколку Комисијата за заразни болести утврди дека треба да го менуваме моделот, ние сме подотвени за сите три сценарија“, рече Царовска при посетата на ОУ „Климент Охридски” во Драчево каде што денеска беше претставена мобилна станица за миење раце донација од УНИЦЕФ преку УСАИД.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Патриција Ди Џовани рече дека е најдобро за учениците училиштата да бидат отворени и што подолго да останат отворени и дека за заштита од вирусот ќе важат истите антиковид-мерки што важат и за целата заедница.

„Планот е да почнеме со 100 отсто ученици да се вратат во училишните клупи, а понатаму ќе видиме. Она што е најдобро за заедницата е најдобро и за училиштата. Мерките што важат за сите, треба да важат и за училиштата. Треба да се трудиме вирусот да биде настрана од цела заедница, не само од училиштата“, рече Ди Џовани.

Таа нагласи дека здравјето на децата е најважно, но дека е важно училиштата први да се отвораат, а последни да се затвораат затоа што, како што рече, онлајн-учењето овозможи континуитет и насекаде во светот имаше брз премин за да нема прекин во наставата, но дека онлајн-учењето е само една алатка и не треба целосно да го замени образовниот процес.

„Самите деца сакаат да се вратат во училишните клупи, да бидат лице в лице со своите наставници и меѓу своите соученици. Истражување на УНИЦЕФ неодамна покажа дека 88 проценти од наставниците што работеле со физичко присуство сметаат дека децата немале проблем да се придржуваат до мерките, дури и повеќе од возрасните, а 50 отсто од родителите изјавиле дека би претпочитале нивните деца да се вратат во училишните клупи и дека децата може да се придржуваат на мерките за заштита – физичко растојание, носење маска и миење раце“, истакна Ди Џовани.

Додаде дека МОН со општините напорно работат да обезбедат услови за лесно преминување на онлајн-настава доколку има золемување на случаи на зараза.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи