Азески: 211 нови фирми се вклучуваат во процесот на дуалното образование

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески со реакција за дуалното образование во кое на негово изненадување се вклучуваат 211 нови фирми.

„Деновиве вниманието ми го привлече еден билборд на кој три наши фирми, истакнати членки на Стопанската комора на Македонија „Костал“, „ЛТХ Леарница“ и „ОДВ Електроник“  повикуваат на упис на четврта генерација на ученици за техничар за производно машинство и за техничар за индустриска мехатроника. Се разбира, со огромни букви беше назначено дека дуалното образование претставува инвестиција за иднината, и нормално веднаш беше побарана м-р Наташа Јаневска, нашиот образовен експерт да ја објасни моменталната состојба и бројките.

Следуваше второто мое изненадување за што Наташа прецизно ме информира дека оваа учебна година вкупно 211 нови фирми се вклучуваат во процесот кој беше „баук“ до 2017 година.

Меѓутоа на изненадувањата им немаше крај. Наташа повторно ме информира дека структурата на тие 211 фирми е следна: 188 фирми се приватни фирми (мали, средни и големи), 23 фирми се јавни и државни претпријатија и здравствени установи и 10 се занаетчиски дуќани.

Зарем е можно кај нас, нештата да се имплементираат на вистински начин, без големо бранување на јавноста.

Да, можно е, ако моделот е западно европски и ако тој кадар вистински е потребен на бизнисот, кој со себе ги носи карактеристиките – ненаметливост, упорност и истрајност.

Присуството на „Костал“ на билбордот, ми ги врати спомените во далечната 1976 година на охридскиот гигант „ЕМО“,  сместен на истата локација каде денеска е „Костал“, прв кој го примени моделот  што тогаш се нарекуваше средно стручно образование и беше со истиот партнер – Електро-машинскиот училишен центар.

Но уште поинтересно е, дека тој истиот „ЕМО“ настана 10-тина години порано, на локацијата на градската депонија. Значи, луѓето од депонија можат да направат фабрика со 150 милиони долари извоз и 4 илјади вработени која работела по највисоките светски стандарди, и исто луѓето можат да ја урнисаат како што тоа го направија во 90-тите години со „ЕМО“, и после 25 години, повторно да ја издигнат со најсовремени производни програми и со имплементација на моделот на дуално образование.

Е па драги мои пријатели, за да го промениме нашиот менталитет (кои нели е причина за сите наши проблеми), треба со име и презиме да кажеме дека депонијата во фабрика ја претвори Никола Матлиески – Пашата, а разурнатата, опустошена и разграбана фабрика ја возобнови Виктор Мизо, нашиот потпретседател на Стопанската комора на Македонија и творец на Асоцијацијата на напредни технологии.

Само ако ги истакнуваме позитивните примери, а јавно ги критикуваме негативните, ќе го смениме нашиот менталитет.

Меѓутоа, 2013 година е исто така важна за промена на менталитетот, бидејќи тогаш за првпат Стопанската комора на Македонија започна со активности за воведување на дуалното образование. Додека некој  „јаде бурек“, некој имплементира. Кој е тоа? Тоа е Стопанската комора на Македонија.  Но, имплементира и други работи за кои ќе пишуваме во наредната прилика.

П.С. Многу луѓе ме прашуваат како да се смени менталитетот кој е нашиот најголем противник. Јас би кажал само едно: „Секој од нас, да прави нешто што е поразлично од тоа што го правел досега. На пример, Ана која е дипломиран инженер, наместо од Охрид да оди во Скопје, таа од Скопје дојде во Охрид. Наташа наместо да остане во Министерството за образование и наука, дојде да работи во Комората. Мизо наместо „стечајна руина“ направи модерна фабрика… Промената значи мотив, но и пример за другите како реалноста може да изгледа и поинаку“,  пишува Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи