Глигорова: Родителот да одлучи дали детето ќе учи во училница или онлајн

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Дали детето ќе следи настава во училница или, пак, ќе следи часови од дома, да биде избор на родителот, побараа денеска пред Владата претставници на движењето „Поддршка за онлајн настава.

„Правото на живот и правото на здравје е неприкосновено и е загарантирано со Устав. Според последната владина одлука донесена на 17 август, децата треба да почнат со физичко присуство од 1 септември. Но, имаме голем број починати и голем број заболени поединци и млади кои завршуваат со тешки клинички слики, па затоа сметаме дека оваа година треба наставата да биде онлајн. Триесетина ученици, кога ќе влезат во училница од 36 квадратни метри, невозможно е да бидат заштитени“, изјави Ана Глигорова, претставничка на движењето.

Таа потсети дека ние сме меѓу државите со најголем број починати.

„Родителите ќе мора да поднесуваат медицински белешки за своите деца и за своите блиски. Ние бараме комплетно да е онлајн наставата за сите, зашто тоа е многу побезбедно, односно бараме да може родителот со само едно писмо до директорот да се обрати дека сака детето да му учи онлајн, притоа заобиколувајќи ги сите бирократски процедури, т.е. да нема немедицински и медицински причини туку само да се почитува желбата на родителот. Во спротивно, комплетната одговорност ќе ја има Владата заедно со Комисијата за заразни болести“, потенцира Глигорова.

Последните податоци на УНИЦЕФ покажаа дека Македонија го забележа најдолгото затворање на училиштата за учење со физичко присуство, при што мнозинството ученици посетуваа настава на далечина вкупно 54 недели. Оваа бројка е значително повисока од просекот од 25 недели во регионот на Европа и Централна Азија. Оттаму истакнаа дека затворањето на училиштата треба да се разгледа само како последна можност, кога нема други алтернативи.

„Правото на избор, нема врска со препораките на УНИЦЕФ. Еве погледнете, студенти на 20, 21 годишна возраст, ќе одат на онлајн настава, ќе полагаат онлајн. Зошто тоа да не го прават децата?“, додава Глигорова.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи