„СВЕТЛИНА“ од Марта Макеска во петок во Ликовната галерија

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

На 27 август 2021г,петок од 20.00 ч. во Ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „СВЕТЛИНА“ од уметницата Марта Макеска.

Биографија за уметницата Марта Макеска

Макеска Марта родена 01.03.1971 год. во Прилеп. Дипломирала на ФЛУ Скопје 1996 во класата на проф.Рубенс Корубин.

Учествувала на ликовни колонии во Прилеп и Кичево, на групни изложби на ДЛУП и самостојна изложба во 2007 год. Вработена е како ликовен педагог во средно училиште во Прилеп од 1997год.

„СВЕТЛИНА“ – ( за изложба на уметницата Марта Макеска текст од Викторија Димеска, историчар на уметност)

Творечкиот сликарски опус на уметницата Марта Макеска претставен на изложбата со наслов „СВЕТЛИНА“ го сочинуваат многубројни монументални платна и минијатури, изработени во техниките – акрил на платно и колаж.

Културните – историски споменици,  кои што го симболизираат опстанокот на градот Прилеп низ вековите – Градскиот Саат, Маркови Кули и Богородичниот Манастир во Трескавец, се насликани на монументалните платна. Експресивниот израз и робустните форми, дополнително ја зголемуваат импозантноста на архитектонските структури и нивниот симболизам.

Автентичниот уметнички и креативен наратив, продолжува со претставите на селанки, односно млади девојки облечени во народна носија. Стилизираните женски фигури –  мајка со дете, девојка која игра или девојка која носи бардак, доминираат во централниот простор на композицијата. Во обид да создаде нераскинлива временско – просторна врска со минатото, уметницата вметнува парчиња полихромни везови врз насликаните традиционални облеки, украсувајќи ги со нив, краевите на ракавите, престилките или вратникот на кошулите. Везената ткаенина од кои што се извлечени разрежените парчиња, претставуваат дел од сочуваната семејна оставина. Старите и оштетени везени парчиња добиваат нова намена и постануваат дел од една поширока колажна композиција и уметничка визија. Колажните композиции постануваат сведоштва за реалноста на едно друго минато време.

Експресионистичкиот израз на формите, звучноста на боите и впечатливата психолошка изразност на ликовите на мајките и доилките во творештвото на Никола Мартиноски, претставуваат континуирана и неисцрпна испиранција во творештвото на уметницата Макеска. Нејзините впечатливи интерпретации на мотивот мајка со дете се одликуваат со стилизирираните фигури на мајката која што го држи своето дете во рацете, насликани во експресивен манир и со интензивни бои.

За почитувањето и негувањето на култот кон Мајката Божица, на македонската територија, сведочат – издлабените мегалитски форми со разни димензии во Цоцев Камен, Кратово и во Мал Сурун Прилепско (ок. 8000 година п.н.е.), како и теракотните неолитски скулптури со претствата на Големата Божица Ма (6500 – 3500 година п.н.е.) во Тумба Маџари или Церје кај Говрлево. Во средновековниот период, односно православното христијанство и католицизмот, Марија или Богородица – мајката на синот божји Исус Христос, добива посебно место и значајна улога. Успението на Богородица претставува еден од најзначајните празници во христијанската религија.

Во суштина, мајката претставува извор на животот и заштитник на семејството. Преку женската интуиција и мудрост, мајката го заштитува и згрижува своето потомство. Преку мотивот мајка со дете, Марта ја оживува сликата и симболот на мајчината љубов и нејзината заштитна улога.

Уметничкото творештво на уметницата Марта Макеска припаѓа на правецот –симболичен експресионизам. Преку експресивниот уметнички израз, бојата преку својата чиста форма и силениот интензитет добива предност, на сметка на формата во композицијата. Тргнувајќи од разните симболи, како што се: културно – историските споменици, кои што го симболизираат многувековниот опстанок на родниот град, крстот кој ја симболизра истрајноста на православната христијанска религија, колажните композиции со претставите на селанките и додадените елементи – везовите од традиционалната македонска народна носија, како и претставите со мотивот мајка со дете, како симбол на мајчината љубов, јасно одѕвонува првобитната замисла на уметникот. Желбата за опстанокот, истрајноста и трпеливоста, генерациското предавање на мудроста, претставуваат различни одлики со кои што се карактеризира мајчината љубов и нејзината заштитната улога – таа претставува ѕвезда водилка или зрак светлина која го осветлува патот низ темнината. (Викторија Димеска, историчар на уметност)

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи