ВИДЕО – Во Прилеп започна 10-от јубилеен „Prilep Jazz Weekend“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


По 10 јубилеен пат во Прилеп започна „ Prilep Jazz Weekend “, но поради новите протоколи истиот за прв пат нема да се одржи на летната сцена на Домот за култура, туку на малата сцена, во затворено и без публика. За љубителите на џезот Фестивалот ќе се емитува во живо на социјалните мрежи. Организаторите велат дека на овој чекор се одлучиле од една страна да се запазат мерките, а од друга страна пак да не се прави никаква поделба кај публиката.

„Годинава фестивалот нуди интересна програма која беше креирана тргнувајќи од мисијата фестивалот која што е поддршка на македонската џез сцена и секако во комбинација со протоколите заради ковид 19, да немаме многу гости од страна. Инаку изминативе 9 години прилепскиот џез викенд беше домаќин на многу балкански, па и европски џез музичари и е позициониран на многу значајни музички манифестации не само во Република Македонија, туку и пошироко во регионот и сите оние кои продефилирале на овој фестивал оставиле значаен белег во креирањето на фестивалската историја и исто така и врз креирањето на џез публиката“, изјави Снежана Ристеска, еден од организаторите на Фестивалот.

За музичарите кои се дел од овој фестивал пандемијата делувала на различен начин. Но најмногу им недостасува тоа што своите дела не можат да ги претстават пред публиката поради целата ситуација.

„Немам желба да создадам нешто и да направам ако знам дека нема каде после тоа, да вежбам и вежбам и вежбам после тоа треба некаде да го отсвирам. Тоа е кога немаш издувен канал каде да се изразиш, се затвораш во тебе и сигурно неубаво влијае комплетно на сите“, вели Иво Солдатовиќ, член на „Летечки пекинезери“.

„Од друга страна, ова беше интересно време оваа пандемија бидејќи имавме подолго време да се посветиме на продлабочено размисливање, а и инспиративно на некој начин и доста интересни дела, доста интересна музика настана за време на оваа пандемија, реков се надевам ќе добиеме повеќе шанса да ја презентираме, бидејќи од една страна ако правите музика или создавате нешто што мислите дека е интересно, секогаш е добро тоа да се престави адекватно“, додаде Мирко Попов, музичар.

Фестивалот оваа година го отворија Кантон 6, а потоа настапија „Летечки пекинезери“. Во наредните денови ќе се претстават Taxi Consilium, Тони Китановски и бендот Панда 5, „Tribute to Jazz messengers“ и SAYUGÀ QUARTET feat. JURE PUKL. Ова година Prilep Jazz Weekend фестивалот може да се пофали и со квалитетна OFF програма. На 29 Август на локалитетот Врбјанска Чука, кај село Славеј, публиката ќе има можност да го проследи перформансот LJUBOJNA AMBIENCE.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи