ВИДЕО – Крушево стана прва општина во Македонија која доби Европскиот сертификат за безбедна Ковид дестинација

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Крушево стана првата општина во Македонија која од страна на Европскиот совет доби сертификат за безбедна Ковид дестинација. Овој сертификат ќе придонесе многу за привлекувањето на туристите од странство, затоа што Крушево веќе е ставено на мапата на Европа како град кој е безбеден од корона вирусот и туристите можат слободно да го посетуваат.

„Не посетија инспектори кои извршија инспекција над сите давачи на услуги, односно ресторани, хотели, сместувачки капацитети. Како се нудат услугите пред се, но и сугерираа како треба да се постапува. Ова е веќе испромовирано во повеќе европски медиуми, веќе сме на некоја промоција овој месец, но и веќе сме ставени на европската мапа за туризам и трговија која се промовира во сите европски држави“, изјави Томе Христоски, градоначалник на Крушево.

Задоволни од Крушево се инспекторите од Европскиот совет за туризам и трговија, кои престојуваа тука повеќе денови.

„Крушево поседува многу прекрасни работи за кои луѓето треба да слушнат, кои што луѓето треба да ги откријат и луѓето треба навистина да знаат дека Крушево е безбедна ковид дестинација“, истакна Антон Карач, Европскиот совет за туризам и трговија.

Во овој момент во Крушево има околу 100 параглајдеристи од повеќе држави и во тек е натпреварот „Flymaster open“, а се очекува наскоро одржување и на Украинското државно првенство, како и на натпреварот „Озон опен“. Во градот има и голем број слободни летачи од повеќе држави.

„За Русите Западна Европа е скоро затворена, некои вакцини во ЕУ ги признаваат некое не и така голем број Руси не можејќи да одат во Западна Европа доаѓаа тука, но имаше гости и од Швајцарија и Германија“, рече Мартин Јованоски, параглајдерист.

Овој ковид безбедносен сертификат има важност од 2 години. И угостителите очекуваат во наредниот период сертификатот да придонесе за привлекување на повеќе посетители како од странство, но исто така и од Македонија.

„Лани беше ситуацијата поинаква, имавме ваучери за домашниите туристи и тогаш некако се покри тој недостаток на странски туристи, но оваа година отворените граници си го направија своето. Но се надевам дека понатаму, нашите, домашниите туристи пред се ќе го свртат своето внимание во домашниот туризам“, додаде Лефкија Гажовска, платформа за развој на туризмот во Крушево.

Крушево во моментов има само 5 активни случаи и над 50% вакцинирано население, а угостителите максимално ги почитуваат сите пропишани протоколи.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи