ВИДЕО – Хераклеа Линкестис – градот на уникатните и светски познати мозаици и базилики

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Хераклеа Линкестис, градот на Филип 2 Македонски, кој го изградил околу 4 век пред наша ера, како граничен град или центар од каде би се водела одбраната од Илирите кои доаѓале од охридскиот дел. Се наоѓа во областа Линкестида, која го добила името по старо македонското племе Линки или Племето на рисот. Кога доѓаат Римјаните и го освојуваат градот тој се преместува од ридот, кој се наоѓа веднаш над денешниот археолошки локалитет, на местото каде денес се откриени градбите во Хераклеа.

„За формирањето на овој град податоци добиваме од Филипиките на Демостен. Имено, првата Филипика на Демостен која е од некаде 351-352 година, дознаваме дека Демостен запишува дека Филип Втори Македонски градел тврдини во стратешки центри во областа Линкестида. Всушност овие Филипики нас ни даваат и многу други податоци од кои дознаваме за различноста на античките Македонци со Хелените. Во една од Филипиките, Демостен во однос на Филип тој пишува дека ниту е Хелен, ниту е Варварин, туку е од чумата македонска од која нешто порано човек ни роб не би купил. Тоа се многу важни податоци за да направиме дистинкција, односно разлика меѓу античките Македонци и Хелените. Името на градот не е случајно што е Хераклеја Линкестис. Хераклеја, Херакле, античките кралеви се поистоветувале дека потекнуваат од родот на Херакле, значи не случајно што овој град го носи името Хераклеја. Линкестис ја означува припадноста, тоа е областа Линкестида, или Линк, што значи рис, ова е земјата на рисовите. Можеби е значајно да се каже дека во непосредна близина на Хераклеја во местото Црнобуки, селото Црнобука на локалитетот Градиште се претпоставува дека е пронајден градот Линк, во кој била родена мајката на Филип Втори Македонски, односно бабата на Александар Македонски, Евридика“, вели Аница Ѓорѓиевска, археолог.

 

„Град кој има римска физиономија, но сепак задржал многу елементи од староседелското население, од Македонците. Град кој ги има сите содржини што би ги имал еден римски град и град кој успеал да се развива низ текот на вековите благодарејќи на неговата местоположба на познатиот римски пат Виа Игнација“, додаде Енгин Насух, археолог.

Каде поминувал Виа Игнација, покрај локалитетот?

 „Во старите карти Хераклеја Линкестис се забележува како попатна станица на овој пат, значи пат кој доаѓа од Драч, поминува покрај Хераклеја Линкестис и продолжува за Солун и Мала Азија. Град во кој се движеле луѓе, стока, идеи, цивилизациски придобивки и слично. Сето тоа придонело овој град да изгради една специфична физионимија, но исто така и тоа доста влијаело врз неговото богатство и начин и точка на развивање“, рече Насух.

Според досегашните сознанијата од Хераклеа е откриен само 10 до 15% од градот. Односно откриен е строгиот центар на градот каде се наоѓаат поголемиот дел од јавните објекти. Резиденцијалниот дел се наоѓа во околниот простор кој се уште не е откриен и кој сега се наоѓа на приватен имот. Хераклеа со својата убавина и грандиозност предизвикувала внимание отсекогаш. За неа се интересирааат буквално сите европски држави.

Од кога датираат и од кога се забележани првите археолошки истражувања тука на локалитетот Хераклеја?

 „Интересот за овој град потекнува уште од 19 век, кога во Битола имаше голем број на дипломатски претставништва и конзулати. Со специјална потврда од султанот во тој 19 век им било дозволено да си вршат археолошки ископувања, а материјалот што ќе го откопале да си го носат во своите земји. Затоа не случајно денес во светот многу музеи се китат со предмети токму од нашата Хераклеја Линкестис. Морам да напоменам дека во таа насока најмногу предничи дипломатското претставништво на Британија. Имено, Лик, така се викал човекот, од почетокот на 19 век од Хераклеја истражил многу предмети и го однесол и денес се чуваат во Британскиот музеј во Лондон. Така бистата на говорникот Арсхин, две бисти на неидентификувани грчки поети се наоѓаат токму во овој британски музеј и интересно е што бројката на нивниот инвентарен број 1839 е тоа е годината кога се истражени токму од Хераклеја. Патеписецот Лик всушност бил и голем љубител и на нумизматичка колекција и тој во средината на 19 век една голема нумизматичка колекција токму од Пелагонискиот дел, посебно од Хераклеја ја продал во Кембрич. Дури имаме податок дека во Фицфилем музејот ја продал за 5.000 фунти. Значи вакви работи се случувале за жал на нашиве простори во тој 19 век и така на нашата Хераклеја и недостигаат многу предмети токму од тој период“, кажа архелогот Ѓорѓиевска.

Но освен во 19 век, земањето на артефакти од Хераклеа продолжува и во 20 век. Во 20-тите и 30-тите години на минатиот век тука истражуваат научници од Институтот „Кнез Павле“ од Белград.

„Имаме артефакти кои се наоѓаат во Белград. Значи во Белград ни се наоѓа познатата статуа на Атена Партенос, тоа е античка копија на онаа Атена Партенос која се наоѓала на Партенонот во Атина и по неа знаеме како таа оргининална Атена Партенос во Грција изгледала. И веројатно уште многу други артефакти за кои ние не ни знаеме дека постојат во депоата на странските музеи“, истакна Насух

 

„Не само предметите, многу е жално што од тој период недостига и една цела долкументација, а знаете за еден локалитет многу важно е да има документација. Всушност таа документација е лична карта на локалитетот“, рече Ѓорѓиевска.

Првите објекти кои денес ве пречекуваат кога ќе влезете во локалитетот се римската терма и судницата.

Ова е местото од каде што започнува туристичката тура на посетителите кога ќе дојдат на локалитетот Хераклеја. Што е она што прво ги пречекува тука?

 „Во моментот се наоѓаме кај Термата, еден типичен објект за римски град, изградена од 3-4 век од нова ера. Оваа Терма ги содржи сите елементи кои ги содржат сите римски терми во римското царство, но според големината можеме да заклучиме дека се работи за еден елитен објект во кој што веројатно немал секој дозвола да влези. Според нејзината големина и според сознанијата за големината на градот сметаме дека во градот има уште една Терма која се уште не е пронајдена и кој би била за една поширока употреба, додека оваа Терма била елитна Терма за елитни посетители. Но што биле термите? Термите биле место за рекреација, место за дружење, место за конципирање на политика, на бизнис итн“, истакна археологот Насух.

 

„Понатаму патот не води кон судницата, еден објект од десната страна во кој ни се претставени повеќе скулптури. За жал сега во моментот таму е изложена само божицата Немеза, која била божица на правдата и на судбината. Исто еден објект кој што во свое време служел и како судница, но веројатно и како еден јавен објект во кој што се донесувале одлуки кои влијаеле врз судбината на градот. Една специфична работа за судницата е пронаоѓањето на скулптурата на Тит Флари Орест, првосвештеник и заслужен граѓанин според написот на таа скулптура, кој што својата кариера ја започнал во Стибера во Прилеп. Значи таму е најдена исто скулптура од Тит Флари Орест во неговите помлади години. Веројатно тој човек имал плодна политичка кариера, така да со текот на времето од Стибера се доселил во Хераклеја веројатно како еден поголем градски центар и од каде што можел подобро да влијае врз случувањата во своето време. Зборуваме за реален човек, значи не зборуваме за скулптури на богови, императори, зборуваме за еден реален човек кој бил роден, делувал и веројатно умрел на овие простори“, додаде Насух.

Друг значаен објект од римскиот период е театарот. Грандиозен, маркантен објект кој денес е една од главните одлики на Хераклеа.

Се наоѓаме во еден од најрепрезентативните објекти за Хераклеја, а тоа е театарот. Што е најкарактеристично за овој објект?

„Да, театарот во Хераклеја, доста репрезентативен објект, објект кој што секој римски град кој држел до себе сакал да го има. Но не можел секој да го има, значи се работи за објект кој финансиски доста чинел и долго време се градел. Театарот во Хераклеја Линкестис почнал да се гради во 1 век нова ера, во употреба пуштен е некаде во 2 век нова ера. Место каде што римските граѓани се забавувале, место и каде што на некој начин се образувале. Ова е типичен римски театар, изграден строго според пропозициите на римското градителство, тоа може да се види кај делото 10 книги за архитектурата на Витруи, каде ги дава насоките за изградба на римски театар. Театарот во Хераклеја собирал некаде околу 2.500 луѓе. Содржината на претставите кои се прикажувале во овој театар, биле нормално за римско време борби, но сметаме дека не толку со гладијатори, колку венаторски борби, односно борби со животни. Сепак борбите гладијаторски биле малку поскапи, не можел секој да си ги дозволи. Значи се работи за венаторски борби, борби во кои учествуваат животни и веројатно во најголемиот дел животни од нашето поднебје. Ова што го гледате денес е дел оригинал, дел реконструкција. Значи зошто сметаме дека имало борби во театарот? Гледате овој долниот ѕид колку е повисок од каде што почнуваат седиштата и во неговите долни делови има отвори за столбчиња и уште 2-3 метри било заградено со некоја мрежа, значи да не може ниту едно животно да скокне во театарот и да повреди некој посетител“, потенцира Насух.

 

Страничните отвори во театарот служеле како места од каде се пуштале и чувале животните кои учествувале во борбите. А додека централниот отвор служел како место каде оној што се борел со животните можел да се сокрие.

„Значи тешко е да се претстави како изгледал овој театар во своето време, значи влезовите изгледале поинаку, биле наѕидани и источниот и западниот парадос биле наѕидани. Сцената, се работело за објект од 2 спрата, богато украсен со мермерна пластика. Значи зборуваме за еден театар кој велелепно изгледал во свое време, иако и во денешно време можеме да ја доживееме неговата грандиозност. Ова е театар кој и денес на градот Битола му служи за претстави во летниот период, значи зборуваме за театарски претстави, зборуваме за поетски дела, музички концерти, а исто така да напоменам дека и во свое време во овој театар покрај борбите со животни, сепак била пристапна и оној другиот аспект на театрите, мислам на поезија и проза. Значи имаме најдено во предниот дел статуси од тој пулпитум, значи пулпитум е една кружна бина каде што во делови од претставата во театарот излегувале уметници, поети, пантомимичари и други актери и кои изложувале дел од своите дела или парафразирале други дела. Значи имал еден културен аспект театарот, а не само театар за борби, или она што ние го знаеме за тие римски театри“, вели археологот Насух.

За да го изгради ова монументално дело архитектот ја искористил конфигурацијата на теренот и практично театарот го вкопал во самиот рид. Во централниот дел на театарот во Хераклеја се наоѓа местото односно ложата каде што седеле најголемите великодостојници за време на претставите. Се претпоставува дека овој театар собирал околу 2.500 луѓе. Во вториот ред на седиштата се напишани имињата на 6-те општини на Хераклеја и практично секој оној кој доаѓал од таа општина си седел на тоа место што е облежано за него. Она што е исто така интересно за овој театар е дека во него се влегувало со еден вид влезници, односно така наречени коскени жетони кои служеле за влез во театарот, а биле пронајдени од страна на археолозите на ова место.

Хераклеа низ годините станува е важен христијански и епископски центар, тоа уште се нарекува и вториот златен период за Хераклеа некаде во 5 и 6 век од нашата ера. Во тој период се градат познатите базилики на овој локалитет.

Се наоѓаме пред еден од покарактеристичните објекти пронајдени тука на локалитетот Хераклеја, а тоа е градската фонтана која е позади нас. Што е карактеристично за неа?

Па некако ние наулниците во Хераклеја имаме многу среќа при истражувањето затоа што при повеќето истражувачки проекти наидуваме на предмети со натписи, од кои што дознаваме многу податоци за градот. Конкретно за оваа фонтана дознавме дека е градена по повод 35 годишното владеење на најголемиот император Јустинијан, а фонтаната ја подига епископ Јован. Значи тоа е некаде 561-562 година. Може само да се претпостави после ова јавно додворување на епископот какви се средства не доаѓаат за самиот град. И опште земено можеби е важно да се каже дека епископите во овој ранохристијански период играат многу голема улога за градот. На пример кај историчарот Малх ние имаме податок дека кога Готите дошле во 472 година да ја освојуваат Хераклеја, тие направиле договор со еден од епископите и тој им дал многу злато и други драгоцени предмети и така градот курулил од опустошувањето. Меѓутоа малку покасно, во 479 година кога повторно доаѓаат готите и сакаат да го опљачкаат градот, веќе епископот излегува и им кажува дека нема што да им дадат. Тогаш настанува хаос, сите мажи ги собираат, градот се пали и тоа е едно од пострашните работи што му се случиле на градот Хераклеја. Всушност разгневен Теодориј, водачот на Готите запишано е дека од Хераклеја до Солун патиштата биле натрупани со трупови. Тоа е една од улогите на градот што ги игра епископот, како заштитник на градот. За значењето на овие епископи имаме и во записите на црковните собири каде што настапуваат самостојно хераклејските епископи. Значаен за тоа време е епископот кој што настапувал на соборот во Сертика во 347 година, тоа е Вагриус. Имаме уште неколку епископи, Бенигнус, Квинтилиус кои што настапуваат на соборите во Ефес, Халкедон и Констатинопол, но уште поважно е тоа што на неколку пати хераклејскиот епископ го заменува солунскиот викар. Значи тој е податок кој ни дава за право да мислиме дека многу значајно место имале хераклејските епископи на сите тие црковни собири“, кажа археологот Ѓорѓиевска.

Тогаш во тој период настануваат светски познатите мозаици, кои по својата вредност може да се споредуваат со оние во Северна Африка и Блискиот Исток.

„Се претпоставува дека една од најстарите базилики во Хераклеја е токму оваа мала базилика, која што е изградена со вкомпонирани објекти од стариот форум. Тоа е и општа пракса во Хераклеја, бидејќи и урбано е доста начичкана, некои од старите објекти да се вкомпонираат во новите градби. Токму таква е и оваа базилика. Интересно е да се каже дека сепак се појави и се афирмира христијанството, меѓутоа тоа што самата псида е правоаголна од надворешната страна укажува дека сепак сеуште не било официјализирано, затоа што со самото тоа што апсидата не ја прават полукружна туку правоаголна, сакале да скријат дека е овој објект токму наменет за христијаните. Објектот е граден врз гроб на маченик. Во Хераклеја познато е дека во театарот, кога ќе замре животот во театарот, а тој замира во 4 век, кога мајката на царот Хонорие станува голема христијанка, се забрануваат гладијаторските борби во самиот театар, меѓутоа во тие борби ги фрлале мачениците христијани за да умрат со маченичка смрт за самото христијанство. И всушност и поголемиот број на базилики во Хераклеја се градени токму врз тие гробови на маченици“, вели Ѓорѓиевска.

 Тогаш во тој период настануваат е светски познатите мозаици кои по својата вредност може да се споредуваат со овие во Северна Африка и на Блискиот Исток.

Се наоѓаме во центарот на големата базилика која е откриена тука на локалитетот Хераклеја и околу нас и под нас се едни од најзначајните артефакти пронајдени тука, а тоа се познатите мозаици на овој локалитет.

„Токму така, се наоѓаме во големата базилика на Хераклеја, меѓутоа можеби треба човек да запраша што е тоа што само на 8 и пол метри оддалеченост од малата базилика хераклејците ги натерало да направат една ваква маркантна градба со должина од 55 метри. се разбира тоа е големата љубов кон христијанството, тоа е зголемена верата во самото христијанство и тие кандидати за христијани и самите христијани морале да бараат свој поголем простор. Така оваа базилика е со 9 одделенија од кои што на јужната страна се наоѓа токму Катихмениумот, местото каде што стоеле кандидатите за христијани и важно е да се каже дека е трикорабна, на спрат. За тоа дека е на спрат зборуваат и контрафорите околу самата абсида. Но она друго што е уште поважно е што сите овие 9 одделенија се патосани со мозаици. Всушност она што е најзначајно, најбрилијантно, нај, нај во Хераклеја, тоа се мозаиците во сите овие базиликални објекти и во епископската резиденција. Во Хераклеја досега барем се откриени околу 1.300 метри квадратни мозаици. Ако направиме паралела дека откриена Хераклеја по површина зафаќа околу 7-8.000 метри квадратни, навистина концентрацијата на овие мозаици е фрапантна“, вели Ѓорѓиевска.

Дали се знае кој е авторот на тие мозаици и во кој период настанале?

„Значи како што кажав претходно, во Хераклеја некако имаме среќа при истражувањата. Во еден дел од наосот на оваа базилика имаме натпис од кој што дознаваме дека овие мозаици ги направил Дивиника Доместико, заради своите прегрешенија. Значи ние сите му простивме веднаш на Дивиника, какви и да имал прегрешенија, затоа што станува збор за навистина фрапантни, за прекрасни мозаици кои што потекнуваат од 5-от, односно 6-от век. Сите мозаици во Хераклеја се убави, но средиштето, триумфот на оваа обавина, ремек делото на оваа ранохристијанска уметност е мозаикот во нартексот на оваа голема базилика. Всушност овој мозаик претставува една религиозна сликовница и ние преку симболичкиот јазик ја листаме таа сликовница. Имаме борба на доброто и злото, имаме победа на христијанството, имаме пагански претстави, но она средиштето на оваа претстава е харистијата или пиење од изворот на животот, или уште поконкретно тоа е пресликување на псалмот 41 од Стариот Завет, кој гласи: Како што кошутата жеднее по водни извори, така душата моја Боже копнее по тебе“, истакна археологот Ѓорѓиевска.

Кон крајот на 6 и почеток на 7 век со нападите на Аварите и Словените градот полека ја губи својата физиономија, поголем дел од населението се иселува и градот осиромашува. Но се смета дека еден дел од народот сепак останал да живее тука се до 9 или 10 век кога започнал да се развива градот Битола од другата страна на ридот, на 2 км. од ова место.

Како и во минатото така и денес Хераклеа продолжува да плени со својата мистика, историја и убавина така што како и порано така и сега тој е еден од најпосетуваните археолошки локалитети во нашата држава.

Ова видео е дел од рубриката Збор 2 на порталот Инфо Компас, поддржано од Министерството за култура, во програмата од национален интерес во културата, од областа на музејската дејност и заштита на нематеријалното културно наследство, за 2021 година.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи