Балканските земји ќе имаат физичка настава со почитување на мерки

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Балканските земји објавија дека наставата од септември ќе биде со физичко присуство на учениците.

ГРЦИЈА

Училиштата во Грција нема да се префрлат на учење на далечина оваа година, а владата ќе побара други мерки за борба против можните епидемии на корона вирусот, рече грчкиот заменик министер за образование Зета Макри.

Училиштата во Грција ќе се отворат на 13 септември, како и обично, ќе има строги безбедносни протоколи. 75-80 проценти од наставниците се вакцинирани или барем имаат термин за вакцинација.

Учениците ќе треба да доаѓаат на училиште или со потврда за вакцинација (за возрасна група од 12-17 години) или со потврда дека прележале Ковид-19 во последните шест месеци. Во спротивно, тие ќе мора да прават тестови двапати неделно и да донесат потврда за негативни резултати при влегување во училиште.

Наставниците кои не се вакцинирани или не ја прележале болеста, ќе треба да прават лабораториски тест двапати неделно. Невакцинираните наставници ќе треба да прават тестови на свој трошок во приватни лаборатории. Во случај наставникот да не достави ниту еден од овие документи, тој/таа ќе биде суспендиран од работа без плата.

ТУРЦИЈА

Турција ќе ја започне наставата со физичко присуство на 6 септември, а наставниците и училишниот персонал кои не се вакцинирани ќе треба да прават ПЦР тест најмалку двапати неделно, рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Исто така, ќе има барање за ПЦР тест за студентите и вработените на универзитетите кои не се вакцинирани. Министерот за здравство Фахретин Коџа појасни дека задолжителните редовни ПЦР тестови што ќе се бараат од невакцинирани лица во Турција ќе бидат бесплатни.

Физичкото присуството од 6 септември е за сите одделенија. Учениците кои имаат оправдување да не учествуваат на часовите ќе можат да го продолжат своето учење на далечина преку креираните платформи.

Во Турција, со дозвола на родителите, може да се вакцинираат деца над 15 години, како и над 12 години со хронични заболувања.

Повеќе од 80 проценти од турските наставници досега се вакцинирани со барем една доза вакцина, а повеќе од 70 проценти се со две дози

РОМАНИЈА

Учебната година во Романија ќе започне со физичко присуство на 13 септември. Часовите ќе се одржуваат со физичко присуство до ниво на заболени од 6 на 1.000 души.

Родителите ќе добијат формулари во кои ќе можат да се согласат или да не се согласат со вакцинација на деца над 12-годишна возраст. Романија започна да вакцинира деца на возраст од 12 години и повеќе на почетокот на јуни.

АЛБАНИЈА

Албанија го одложи почетокот на учебната година и таа ќе започне на 27 септември наместо на 13 септември, според министерот за образование, спорт и млади, Евис Куши. Одложувањето има за цел „да ги пополни празнините предизвикани од обуката за пандемија“ преку обезбедување дополнителна обука. Поради оваа причина, периодот на дополнителна обука ќе започне на 1 септември, за време на кој од учениците нема да се бара да одат на училиште секој ден, но наставниците и целиот училишен персонал ќе мора да бидат достапни во редовните училишта.

Албанскиот премиер Еди Рама предупреди дека земјата може да воведе задолжителни вакцини за универзитетски професори и студенти.

СРБИЈА

Српскиот штаб за борба против корона вирусот одлучи учебната година во земјата да започне на 1 септември и училишните часови ќе траат 45 минути, соопшти министерот за образование Бранко Ружиќ.

Земјата предвидува три модели на работа на училиштата, во зависност од ситуацијата со епидемијата. Според првиот, учениците ќе седат заедно во клупи и ќе носат маски додека зборуваат, а вакцинираните наставници нема да носат маски додека не му пријдат на ученик на помалку од 1,5 метри. Вториот модел ќе важи за учениците од основно училиште од седмо и осмо одделение и за учениците во средните училишта, кои еден ден ќе посетуваат училиште и еден ден ќе учат преку интернет. Според третиот модел, кој ќе се применува во општините со најголем број заразени, ќе се спроведе онлајн обука за средношколци и комбинирана обука за учениците од основните училишта.

Општините во земјата ќе бидат поделени на зелени, жолти и црвени зони во зависност од текот на пандемијата, а во градинките и предучилишните групи децата нема да носат маски, како и вакцинирани воспитувачи.

ХРВАТСКА

Почетокот на учебната година е од 1 септември и веќе нема онланјн настава туку физичко присуство на учениците. Од министерството за наука и образование соопштија дека сите училишта биле подготвени за настава во време на пандемија и дека биле задоволени епидемиолошките услови. Се враќа и спортскиот живот во училишните сали. Оваа година ќе има и школски излети, но со придржување кон мерките. Ќе се организираат и училишни приредби, каде возрасните ќе мора да носат маски. Ќе има и родителски средби во живо.

Генерално, мерките се многу поблаги во однос на минатата година. Децата од 1 до 5 одделение кои досега беа во таканаречените „балони“ сега ќе можат да се мешаат. Маските остануваат задолжителни од 5 одделение па нагоре. Мерењето на температурата останува обврска за вработените, но и родителите ќе мора да им ја мерат температурата на децата дома. Ако некое од децата се зарази, во изолација нема да оди целото одделение туку само оние што седеле најблиску до него.

Само околу 50 отсто од просветните работници се вакцинирани.

СЛОВЕНИЈА

Во Словенија, новата учебна година започнува на 1 септември со услов за редовно тестирање на училишниот персонал во случаи кога нема вакцинација или прележан ковид. Директорите на училиштата добија уредба според која одбивањето на вработените да бидат тестирани за корона вирус може да биде причина за отказ. Сите вработени во училиштето кои не биле болни и не биле вакцинирани мора да се тестираат секоја недела, а неоправданото одбивање на тестирање ќе се смета за прекршување на должноста. Во овој случај, на вработениот ќе му се даде писмено предупредување пред отпуштање или ќе започне постапка за отпуштање, а истото важи и доколку вработените одбијат да носат заштитни маски.

Учениците, исто така, ќе се бара да носат маска во училницата, а кога не се придржуваат, директорот мора да ги извести нивните родители.

Се воведува услов за неделно тестирање на учениците во Словенија кои не биле вакцинирани и не биле заразени. Ова тестирање ќе биде бесплатно за учениците и ќе го финансира државата.

ЦРНА ГОРА

Учебната година во Црна Гора традиционално ќе започне на 1 септември, но часовите ќе траат 30 минути наместо вообичаените 45 минути, според државниот секретар на црногорското Министерство за образование, Милица Кадовиќ. Меѓутоа, Министерството за образование обезбеди опција за онлајн учење во зависност од ситуацијата со епидемијата.

БУГАРИЈА

Учениците од 1 до 4 одделение и децата во градинките во „зелената зона“, (што значи помалку од 100 пациенти на 100.000 жители), може да бидат без маски. Но ако тие деца се во жолта или црвена зона, тогаш деца од 1 до 4 одделение треба да носи маски.

Вакцинираните возрасни лица исто така треба да носат маски во училишната и предучилишната мрежа. Ако учениците треба да учат преку интернет, прво ќе излезат оние од 11 и 12 одделение, потоа од 8 до 10 одделение, потоа средните училишта и на крајот од 1 до 4 одделение. Најмладите ќе бидат на училиште што е можно подолго.

Целта е 50% посетеност на учениците на училиште.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи