Корупцијата ги нагризува темелите на демократското владеење

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Почнувајќи од основната дефиниција каде што корупцијата ја дефинираме како злоупотреба на доверената должност за материјална или нематеријална корист на поединец или група на поединци, образованието е неодминлив дел од борбата против корупцијата. Во самата пракса, борбата против корупција е долг процес кој не би можел да се реши само со носење на Закон за борба против корупцијата, при што е потребно преземање на порадикални чекори како и системска стратегија која би довела до поквалитетни резултати.

Демократската транзиција, речиси триесет години по независноста на нашата држава, сеуште има недостиг на ефикасност во справување со предизвикот, а за тоа потврдува и индексот на корупција[1] забележан во изминатата 2020 година, каде што во последниот извештај нема никакво подобрување и земјата продолжува да паѓа на листата.

Втора година по ред ние стагнираме во однос на борбата против корупцијата и истовремено назадуваме во рангирањето според Индексот на Транспаренси интернешнл. Во најновата анализа за 2020 година, Македонија падна на 111 место во однос на претходната година, со исто бодовно салдо од 35 поени.

Последователно на ова, може да воочиме дека потребни се релевантни подобрувања во самата стратегија. Општините во земјава, генерално, немаат развиено посебни практики и механизми за спречување на корупцијата. Свесноста за корупцијата и особено за судирот на интереси е на многу ниско ниво. Заложбите во насока на спречување на корупцијата и судирот на интереси сè уште се само декларативни. Дури 70% од општините немаат никаков документ за антикорупција. Кај повеќето од општините кои имаат усвоено некаква политика за борба против корупцијата, овие документи се од постар датум – од 6 до 12 години и не се ревидирани. Неколку општини на своите интернет страници имаат објавено антикорупциски документи, но одговориле дека немаат. Во ниту една општина која доставила одговор нема пријавено корупција во последните две години.[2]

Многу често ние ја губиме мотивација при борбата со корупцијата, а дел од нас веќе и го напуштаат родното гнездо во систем каде што Законот не е само впишан текст на камен и истиот во пракса функционира. И се ова се темели на тие триесет години тапкање во место каде што различните форми на корупција го засенуваат нашиот охрабрувачки показател на независност и придонесуваат товар за дополнително индивидуално справување со пречките во градење на личен интегритет.

Затоа образованието и младите се клучен момент и алатка во процесот и дел од борбата против корупцијата. Покрај информирањето на младите во основните и средните училишта и доближување на оваа тематика во процесите на нивниот индивидуален развој, потребно е да стане една од централните цели на образовниот процес (формален или неформален) и на тој начин би ја зацврстиле ефикасноста и би ја зголемиле свесноста при справување со предизвикот.

„Цивилизацијата е една трка помеѓу образованието и катастрофата без него.“ – Херберт Џорџ Велс

 Автор: Викторија Смилеска, Соработник во Коалиција на младински организации СЕГА

[1] https://www.transparency.org/en/cpi/2020/index/mkd

[2] http://nvoinfocentar.mk/wp-content/uploads/2020/05/Analiza-na-antikorupciskite-politiki-na-lokalno-nivo_final.pdf

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи