Еко-свест: РЕК Битола емитува повеќе сулфур диоксид отколку сите електрани во Германија

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Термоцентралите на јаглен во Западен Балкан ги кршат законите за загадување на воздухот и предизвикуваат смртни случаи. Од 2018 до 2020 година имало скоро 19 илјади смртни случаи како последица на вкупните емисии од електраните на јаглен.

Загадувањето од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј во 2020 година е на истото високо ниво како и во 2019 година, посочува новиот извештај од CEE Bankwatch Network и Centre for Research on Energy and Clean Air (CREA), подготвен во соработка со Еко-свест.

Емисиите на сулфур диоксид остануваат најголем проблем кога станува збор електраните на јаглен. Двата оџаци на битолската електрана, Битола Б1+Б2 (60.422 тони) и Битола Б3 (24.091 тони), остануваат најголем извор на сулфур диоксид во земјата. Ова се количини што се 9 пати над она што е дозволено да емитува електраната и се повисоки од вкупните емисии на сулфур диоксид од сите електрани во Германија.

Емисиите на прашина (ПМ честички), велат од Еко-свест, остануваат сериозен проблем. Од таму наведуваат дека со 3.684 тони од ТЕЦ Битола и ТЕЦ Осломеј заедно, нивото е скоро исто како во 2019 и 2018 година – повеќе од двојно повисоко од тоа што е дозволено за земјата.

Директивата за големи согорувачки капацитети – ЕУ Директива за намалување на емисиите на опасни супстанци, која што е пренесена и во македонското законодавство како дел од предпристапните обврски за ЕУ преку Спогодбата за Енергетската зедница, наложува земјава да ги има намалено емисиите од големите капацитети заклучно со јануари 2018 година. Сепак, велат од Еко – свест, како што покажува извештајот, во 2020 година емисиите и панатаму се на опасно високи нивоа, повеќе пати над дозволеното.

„Во трите години откако Директивата стана задолжителна за имплементација во земјите од регионот, електраните во Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија и Косово редовно емитуваат шест и повеќе пати повеќе сулфур диоксид отколку што е дозволено. Како резултат на ова, од 2018 до 2020 година, се проценува дека само од електраните на јаглен од Западен Балкан се предизвикани околу 19.000 предвремени смртни случаи. Скоро 12.000 од овие се предизвикани заради надминувањата на граничните вредности за емисии на загадувачи што значи дека би можеле да се спречат доколку земјите ги исполнеле своите законски обврски“, велат од Еко – свест.

РЕК Битола е меѓу поопасните по здравјето на луѓето во регионот. Доколку емисиите биле доведени во законските граници, се наведува во соопштението, само во 2020 година би можеле да се спречат скоро 300 предвремени смртни случаи од рак, респираторни и кардиоваскуларни заболувања.

„Во последните 10 години нема скоро никаков прогрес во намалување на загадувањето од електраните на јаглен. Земјава и понатаму е сериозно зависна од јагленот како енергенс и покрај најавите за постепено негово напуштање. Но, дури и ако се остварат стратешките определби да се затворат двете електрани во наредните пет до седум години, недозволиво е тие да продолжат да загадуваат на овие нивоа. РЕК Осломеј мора итно да се престане да работи без понатамошни одложувања, а ТЕЦ Битола мора да ги намали работните часови за да намали барем дел од загадувањето што го предизвикува“, вели Невена Смилевска од Еко-свест.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи