Започна со работа најголемата фабрика за апсорпција на јаглерод диоксид во светот

Започна со работа најголемата фабрика во светот дизајнирана да го собира јаглерод диоксидот од воздухот и да го сместува под земја претворајќи го во карпа.

Фабриката наречена „Орка“, според исландскиот збор „орка“ кој значи „енергија“, се состои од четири единици, од кои секоја е составена од два резервоара.

За да се апсорбира јаглерод диоксид, фабриката користи вентилатори за да го влече воздухот во својот колектор, кој во себе има филтер. Откако материјалот за филтрирање ќе се наполни со јаглерод диоксид, колекторот се затвора и температурата се зголемува за да се ослободи CO2 од материјалот, по што високо концентрираниот гас може да се собере. Јаглеродниот диоксид потоа се меша со вода, па се депонира на длабочина од еден километар под земјата каде што се минерализира и полека се претвора во карпа.

Фабриката може да апсорбира до четири илјади тони СО2 годишно, што е количина што испуштаат околу 790 автомобили за една година. Минатата година, светските емисии на СО2 изнесуваа 31,5 милијарди тони, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Во моментов, постојат 15 активни постројки за директно вадење CO2 од воздухот во светот, кои заедно, според ИЕА, апсорбираат повеќе од девет илјади тони јаглерод диоксид годишно.

Директната апсорпција од воздухот е една од неколкуте нови технологии за извлекување на јаглерод диоксид од атмосферата. Научниците велат дека овој метод е клучен за намалување на глобалното затоплување, за кое се смета дека е причина за топлотните бранови, пожарите, поплавите и покачувањето на нивото на морето.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи