Две од жртвите во пожарот во Тетово биле во посета кај сопруг и мајка, ОЈО со барање за одземање на документацијата за модуларната болница

Facebook
Twitter
Email
Print


Истрагата потврди, ковид протоколите се прекршени – во пожарот настрадаа двајца цивили кои биле во модуларната болница, иако тоа е најстрого забрането. Ангажиран е вештак за електричната инсталација, земени се снимките од безбедносните камери, а лекарите кои биле во болницата се повикани на распит.

„Од доставените извештаи до обвинителството се утврдува дека од починатите, осум жртви се жени и шест мажи, на возраст од 29 до 78 години. Од нив 12 лица биле хоспитализирани како пациенти во ковид болницата. Од починатите, две лица и тоа сопруга на пациент и ќерка на пациентка се надворешни лица кои не биле хоспитализирани,“ се вели во соопштението од ОЈО.

Од Обвинителството посочија дека причината за нивното присуство во моментот на несреќата, односно дали биле подолго време присутни во болницата или влегле внатре по опожарувањето за да ги извлечат своите роднини, се истражува.

„Обвинителството презеде мерки за обезбедување на видео-снимки од ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, од и околу болницата, околните деловни објекти, станбени згради, куќи, како и обезбедување на целокупниот видео-материјал објавен, како од индивидуални поединци, така и од социјалните мрежи. Снимките се вештачат по издадени наредби од обвинителството и се очекува извештаите од нивната анализа да помогнат во расчистување на настанот“, додаваат од ОЈО.

Како што инфрмираат од Обвинителството сослушани се дел од сведоците од местото на настанот и дел од лекарскиот персонал кој бил присутен во Модуларната Ковид Болница ноќта кога е избувнал пожарот. Во меѓувреме, сослушани се и се сослушуваат и останатите лица кои можат да дадат потребни известувања во врска со настанатиот пожар.

Обвинителството издаде наредба на СВР-Тетово за одземање на целокупната документација во врска со изградбата на модуларната болница, од самата болница, а исто така и од правното лице – изведувачот на изградбата.

Основното јавно обвинителство во Тетово, во соработка со Основното јавно обвинителство во Скопје, презема неопходни мерки и активности за проверка на евентуални пропусти од страна на одговорните лица во однос на почитување на прописите заштита при работа, а меѓу другото, и на прописите од областа на противпожарната заштита.

„Имајќи ја предвид итноста и карактерот на трагичниот настан, во кој животот го загубија 14 лица, а во соработка и со други надлежни институтции, односно со Дирекција за заштита и спасување, со полициски службеници од ОКТИВ при МВР-Скопје, вешти лица од областа на електротехниката, како и претставници на ЕВН Македонија и нивни вешти лица, ги презема сите неопходни мерки и активности, со цел да спроведе итна истрага, во насока да се утврдат причините за трагичниот настан“, истакнаа од ОЈО.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи