30 години независност – 30 години учиме за дискриминација – Што и колку знаеме за дискриминацијата?


На 08.09.2021 нашата земја прослави 30 години независност. Независност испреплетена со различни опструкции, макотрпен пат, неправди, прекршување на основните човекови права, но и голем број убави и светли моменти за нашата татковина. Независни, самостојни и членка на НАТО. Иако полека, дел од нашите вековни заложби стануваат реалност заедничка за сите граѓани на Македонија.

Во изминатите години, постојано се среќаваме со поимот дискриминација, а граѓаните стануваат свесни за препознавањето и спречувањето на истата. Дискриминацијата во својата суштина значи секое правење разлика, искористување или какво било ограничување во остварување на правата на граѓаните врз основа на нивните колективни идентитети, при што се загрозува или се оневозможува остварувањето или заштитата на нивните основни човекови права и слободи. Дискриминацијата прави разлика врз основа на некоја лична карактеристика, статус, припадност, јазик, државјанство, пол, род, сексуална ориентација, образование, религија, возраст, семејна или брачна состојба, здравствена состојба и сл. Така, дискриминацијата ја среќаваме секојдневно околу нас без разлика дали повредата е направена од страна на приватно правно лице или некоја институција.

Во суштина, дискриминацијата сеуште е поим кој најчесто ги тангира маргинализираните групи на граѓани, а секоја нејзина манифестација дополнително ги загрозува нивните и онака “кревки“ права гарантирани со националното и меѓународното право. Дискриминацијата е директно поврзана со правото на еднаквост кое е регулирано со Уставот од 1991 година, каде е предвидено дека: „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните, пред Уставот и законите се еднакви.“ Тоа значи дека, еднаквоста како темелен принцип треба да биде земена предвид при донесувањето на домашната правна регулатива, а како резултат на тоа треба да се обезбеди соодветна примена и почитување од страна на институциите и граѓаните.

Нашата законска регулатива предвидува активно почитување на начелото на еднаквост и недискриминација, но и покрај големите заложби на граѓанскиот сектор на ова поле, сеуште се многубројни случаите на утврдена дискриминација по различен основ. Институциите соработуваат со граѓанските организации на сузбивање на оваа појава, но ефектите сеуште се силни и потребен е долг временски период за да се разбуди свеста кај граѓаните, но и кај одделни институции за да се детектираат сите проблеми и пропусти.

Токму поради тоа, а во насока на подобрување на положбата на граѓаните во општеството, Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. од Прилеп постојано и активно работи на едукација на населението, посебно на маргинализираните групи на граѓани (Ромската заедница, граѓаните од руралните средини) во однос на спречување и заштита од дискриминација. Така, во периодот од 1-3 септември 2021 година, се одржа активноста: „Промоција на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и КСЗД во соработка со Мрежата за заштита од дискриминација“, насловена како: „Што и колку знаеме за дискриминацијата“. Целта на активноста беше учесниците да се запознаат со основните поими на дискриминацијата, новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и неговата имплементација, како и механизмите за заштита. На обуката зедоа учество 18 учесници (параправниците на СТАНИЦА П.Е.Т., промоторите во заедницата, како и заинтересирани припадници на маргинализирани заедници). Обуката се одржа под водство на обучувачките Драгана Дрндаревска и Наташа Бошкова од Коалиција Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација.

За време на обуката, учесниците имаа можност да учат за правото на еднаквост, неговата практична примена, правната регулатива со која се заштитуваат граѓаните од сите облици на дискриминација, за нејзиното правилно детектирање, видовите дискриминација и законските можности за заштита и спречување на дискриминација (Народен правобранител, Комисија за спречување и заштита од дискриминација и судовите), како и начините преку кои можат да добијат соодветна правна заштита, користејќи го правото на претставка и тужба до надлежната институција. Посебен осврт беше даден на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација и правните можности за заштита кои им се нудат на граѓаните, како би можеле ефективно и навремено да се заштитат од било која форма на дискриминација. Преку конкретни примери од пракса и ситуации со кои се соочиле учесниците беа дадени основите за идентификување на формите на дискриминација што е дополнителна олеснителна околност за нивно препознавање во иднина кога граѓаните би се соочиле со ваков проблем.

Со ваквиот вид на обуки и работилници за граѓаните би се зголемила свеста кај нив за препознавање, но и пријавување на случаи на дискриминација, а тоа последователно ќе доведе до намалување, но и комплетно елиминирање на сите форми на дискриминација во нашата земја. И покрај фактот, што најголем дел од институциите веќе на големо ги прифаќаат правните прописи поврзани со дискриминација и активно започнуваат со обуки и едукација на кадрите, сепак останува сеуште да се работи на ова поле и да се обезбеди активна примена на законите. И покрај тоа што дискриминацијата е присутна насекаде околу нас, обврска на сите е да се спротивставиме и да се залагаме за нејзино искоренување.

Автор: СТАНИЦА ПЕТ Прилеп

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи