Народниот правобранител со апел до оние што сакаат да патуваат да се информираат за условите за патување

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Народниот правобранител упатува апел до граѓаните пред планираните патувања да се информираат за условите за патување што важат при излез и напуштање на државата, како и за условите и правилата што важат во земјата што е нивна конечна дестинација.

Од канцеларијата на народниот правобранител укажуваат дека доколку граѓаните ги исполнуваат условите за соодветната земја, а не им биде овозможено патување, односно бидат вратени назад, да се обратат во канцеларијата на народниот правобранител со поднесување претставка заедно со документацијата што ја поседуваат како потврда за исполнетост на условите.

Претставката може да се поднесе лично во главната канцеларија во Скопје или по електронски пат, како и во подрачните канцеларии во Тетово, Кичево, Битола, Струмица, Штип и во Куманово.

Овој апел и реакција на народниот правобранител, како што информираат од таму, се по добиени сознанија за постоење индиции за незаконско и дискриминаторско постапување на вработените службеници на „ТАВ аеродроми“, кои неосновано не им дозволуваат на граѓаните Роми да си го чекираат багажот и да им биде издаден бординг-пас за летот за кои имаат купено билети.

Имено, според информациите од народниот правобранител, станува збор за наводна појава на дискриминација во областа на пристапот до добра и услуги по основ на етничка припадност, боја на кожа и расна основа кон етничките Роми, кои се државјани на РСМ и кои имаат уредна документација за патување (патна исправа, сертификат за извршена вакцинација, сертификат за прележан Ковид-19 или, пак, потврда за негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа или брз антиген-тест не постар од 48 часа) поради нееднаквиот третман со другите граѓани на државата што патуваат со авион во странство.

„Доколку добиените сознанија се точни, народниот правобранител го оценува овој чин како срамна дискриминација кон нашите сограѓани Роми поради што го повикува менаџментот на ‘ТАВ аеродроми’ и нивните вработени веднаш и неодложно да го променат нивниот однос кон оваа група патници воспоставувајќи еднаков третман кон сите граѓани на Република Македонија што се упатуваат кон одредена детстинација, а располагаат со сите потребни документи“, стои во писмениот допис од оваа институција.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи