Митрески: Прилеп ќе стане огромна соларна енергетска зона, граѓаните ќе може да кофинансираат во соларни системи и да добиваат дивидента

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Интервју со Зоран Митрески, кандидат за градоначалник за Прилеп од партијата Интегра.

Зошто Зоран Митрески, екперт во енергетиката, досега партиски необоен, се одлучи да биде кандидат за градоначалник на Прилеп, предложен од партијата Интегра?

Од осамостојувањето на Македонија сум вклучен во приватниот бизнис во електро дејност, каде во еден период работењето поради транзицијата беше неподнослив и заминав во Британија каде останав скоро 15 години. Каде човек и да оди, никаде не се чувствува така топло како во своето родно место, и како на човек годините му поодминуваат сфаќа дека парите и финансиоскиот комфор не се најважното нешто во животот.

Повторно се вратив овде и од 2013 година сум вклучен со својата фирма во енергетскиот сектор.

Целиот живот го имам посветено во развој и практика на техничката наука во која сфера се чувствувам како енциклопедија од знаење. Желба ми е целото свое знаење да го пренесам кај младите кои се заинтересирани да го превземат, како и да врежам свој белег во целиот овој систем. Духовно сум воспитуван патријархално со правилата на семејните вредности, слободоумен и чесноста ми претставувала водич во мојот живот.

Никогаш не сум бил член ниту симпатизер на ниту една партија, а секогаш сите луѓе околу мене сум ги респектирал без обзир на нивната партиска обоеност, религија и вера.

Отсекогаш сум верувал во чесноста и правдината, меѓутоа случувањата од времето на транзицијата под владение на СДС, потоа 12 години владеењето на ВМРО, кое на крај резултираше од експлозија на незадоволство поради неподносливоста на тогашниот систем.

Според природните закони и жед за правдина спонтано се појавува обоената револуција од која сите ние очекувавме конечно достоинствен живот, слобода и демократија, каде сме сведоци дека од сите овие нешта нема ниту траг ниту глас. Наместо од медиумите да се просветиме и одиме интелектуално напред, испадна дека скоро сите тие сега им припаѓаат или на едните или на другите и секојдневно не бомбардираат со гебелсовата политика, така што секоја лага објавена во нивниот медиумски простор сто пати, веќе се прифаќа како чиста вистина. За жал многумина се веќе подлегнати под дејството на тие лаги и веќе се постанати хипнотизирани послушници на одредени партии.

Сепак околу нас има многу разбудени луѓе кои веќе сфаќаат дека сме во една огромна машинерија манипулирани во нивните лажни ветувања. Последните несреќни настани  поради кои сите ние сериозно страдаме се режирани како во театарска претстава и холивудски судски процеси кои допринесоа мојот ум да експлодира и мојот интелект по нормална линија да јави отпор со желба нешто да промени во корист на нормалноста.

Интегра ја гледам како единствена партија во Македонија чија програма соодејствува со моите визии како треба да функционира еден систем. Веќе подолго време нивниот предлог стоеше на маса, али како што реков последните настани кои ги доживуваме не се ниту нормални, ниту исправни според било која нормална логика, и затоа уверен сум дека со нивната подршка ќе ги реализираме сите енергетски проекти кои се опфатени во нивната програма.

Кој ќе биде фокусот на вашата програма?

Како стручњак во енергетиката ќе се борам да го ставам тој дел на прво место од кое како пирамида се зависни сите останати дејности кои се составен дел од нашето опстојување.

Не постои земја во светот која е зависна од увоз на енергија а да има успешна економија – тоа е невозможно. Македонија увезува околу 40 % за своите потреби а тоа е далеку од независност и далеку од успешен обид за успешен бизнис во приватниот или јавниот сектор. Системски ако имаме достоинствена економија ќе имаме и реална можност за реално вработување. Реториката дека економијата цвета и дека според медиумите нештата се препишуваат како да сме најдобри на целата галаксија е апсурдна лага и некоректно медиумско перење на хипнотизирани мозоци.

Важен факт за поквалитетен начин на живот и подобри услови е секако и екологијата?

Кога го преминуваме Плетвар и го гледаме Прилеп како на дланка, ја гледаме и неговата екологија која сите нас не труе. За што почист воздух неопходно е да се применуваат што повеќе енергенси од обновливи извори. Во програмата од Интегра тоа е многу детално обработено која програма и јас во целост ја прифаќам и со желба и да ја реализирам во потполност, со што во Прилеп ќе се возобнови чистиот воздух.

Каде и како ја гледате економијата во Прилеп?

Постои верување дека Прилеп е сиромашна општина, во кое јас не верувам воопшто во тоа – баш напротив! Постојат подолго време брендирани фирми познати и во светски рамки.

Постои огромен интерес од странски инвеститори кои се спремни да инвестираат во Прилеп во сферата на енергетиката, ИТ технологијата, овоштарството, земјоделството, сточарството, така да потребна е само нивна координација и што подобра бизнис атмосфера. Општината постои од граѓаните, која е воедно сервис на граѓаните и фирмите, така да мора експедитивноста во однос на издавање на соодветна потребна документација за бизнис развојот да биде што поефикасна за да поради лавиринтот во бирократските процедури желбата за инвестирање не замри.

Како до создавање на бизнис клима како за странските, така и за домашните инвеститори?

Прилепската општина е втора по големина во Македонија и имаме огромни природни ресурси кои можат да се стават во функција на бизнисот, а со тоа и паралелно зголемување на стандардот кај сите вработени. Како природни рудни ресурси кои ги имаме во изобилство се неметалните руди како: мермер, гранит, травертин итн.  Мермерот кој доаѓа од Тасос е најдобриот во светот а после него е прилепскиот мермер. Меѓутоа поради тоа што Тасос е грчки остров и ископините се навлезени многу подлабоко отколку морското ниво, грчката влада одлучи да ги редуцира сите натамошни ископини, што сега ни дава шанса прилепскиот мермер да биде на прво место во светот по квалитет. На сите заинтересирани странски и домашни фирми ќе им се овозможи добивање на користење на одредена локација за ископ на овие рудни богатства, со тоа што наместо да ги земаат само како чисти блокови, ќе мора еден дел од нивното производство да се преработи во близина на нивниот рудник или во индустриската зона во Прилеп, со можност да се добијат што повеќе локални вработувања.

Имаме многу заинтересирани странски инвеститори кои сакаат да инвестираат во прилепскиот регион во фотонапонски фарми. Тука исто гледам можност за огромно вработување на многу млади кадри во изградбата на тие системи, како и во нивното техничко одржување после пуштањето во производство. Ние се наоѓаме во перфектна положба каде имаме перфектни услови за тоа. Странските фирми многу добро го знаат тоа и само се чека од нас да им  дадеме позитивен сигнал и тие веднаш доаѓаат за конкретни договори.

Покрај овие дејности го имаме земјоделството, сточарството и овоштарството кое може да го крениме на многу повисоко ниво со производство на еколошка храна која итоа како е барана во светот.

Инфраструктурата е клучна за развојот на економијата. Експресниот пат Прилеп – Градско се прави со години, а скоро и да не е до никаде? Пелагонија е слепо црево за развој на бизнисот на овој план?

Жедта за моќ и политиканство е карактеристика на сите партии кои досега не воделе и како што изгледа дека на жедниот му давале само вода а го хранеле само со лаги. За време на сите 30 години од нашето осамостојување сме имале можности од Прилеп и Македонија да направиме  не само Оаза на Мирот, туку и Оаза на Животот. Имаме огромни природни ресурси, имаме работен народ и останува само да го организираме и му овозможиме што поквалитетен живот. Само со добра економија се постигнува поквалитетен живот, ама без добра инфраструктура не е возможна добра економија. Во периодот на транзиција сите околни земји бевме во слична ситуација и поради несоодветно планирање во секторот на транспорт и врски останавме слепо црево за инвеститорите кои се исклучиво заинтересирани во овој момент само околу трансферзалата север – југ и што е можно поблизу до граничните премини.

Ние сме во централниот дел од земјата каде по природа на нештата многу е тешко да се донесат инвеститори, а како плус негативност се појавува катастрофалниот пат за кои сите досегашни влади и министри само ветуваа а не исполнуваа ништо – а тоа е еднакво на лага.

Патот Прилеп – Битола е граден во времето на социјализмот со Младинската Работна Акција Мариово, каде сум бил и јас учесник во штабот како инструктор на акцијата, каде многу бригади од тогашниот југословенски простор беа во изградбата на овој пат во осумдесеттите години на минатиот век – значи патот не е допрен повеќе од 42 години.

Што ќе им понудите на младите?

Младите се срцето и крвотокот на нашиот живот! Мораме да им дадеме не само надеж – туку и конкретни мерки на кои ќе им веруваат дека функционираат. Веќе со децении сите генерации се манипулирани, задојувани со некакви си политички идеологии кои од нивните животи направија хаос по вертикала и хоризонтала. Кај нив постои тотална безнадежност и како спас го гледале решението да се пишат како бугари се со цел само да избегаат од ова дно кое се повеќе и повеќе пропаѓа а од решенија ниту траг. За жал нивниот спас се претвора во меѓународна политичка игра.

За жал ниту една влада не превзела стратешко решение за привлекување на младите, а преку моите идеи кои се идентични со идеите на Интегра, ние ги гледаме како спас и атрактивно вработување на сите, преку странските инвестиции кои доколку граѓаните на Прилеп ми го дадаат својот глас ве уверувам дека од Прилеп ќе направам огромно градилиште во повеќе дејности.

Како до подобар живот на лицата во трето доба?

За жал сите лица кога заминуваат во пензија го доживуваат шокот на сите возможни социјални промени, и се чувствуваат како отфрлени и некорисни за општеството. Преку организиран културно социјален живот нивните денови се попозитивни. Тука планирам да го воздигнам и унапредам пензионерскиот дом кој некогаш беше на многу повисоко ниво отколку што е денес. На површина од 10 хектари со помош на странско искуство ќе се изградат старски домови како и парк за рекреација и дружење кои на нивнииот остаток од живот ќе им го овозможи секој нов ден да биде благословен ден.

Спортот во Прилеп е на многу незавидно ниво?

Се знае дека во здраво тело има здрав дух, ама изгледа дека на сите претходни владеачки партии здравиот дух не им била целта. Веќе 20 години како спортскиот живот е на изумирање или вегетирање. Прилеп отсекогаш бил спортски град со спортисти кои го прославувале името и на многубројни светски натпревари.

Спортовите како фудбалот, ракометот, кошарката, карате, џудо, велосипедизам, едриличарство, падобранство, стрелаштво итн.  давале имиња на светско ниво, за кое ќе направам огромен напор барем дел од овие спортски дисциплини да се вратат во спортскиот живот на градот.

За овие 30 години кога ќе ги погледнеме програмите се како романчиња за научна фантастика, убави за читање, но од нив не се исполнува 90%. Општината нема реално многу пари, како до повеќе финасии и проекти?

За жал скоро сите предложени кандидати од минатите локални избори доаѓаат од дејности кои немаат ништо заедничко со реалниот бизнис. Општината е како фирма со сите атрибути и мора да се респектираат сите закони како во реалниот бизнис, без да се очекуваат чуда од централната власт во вид на финансиска помош. Користејќи ја нашироко медимската моќ со упорно повторување на нештата кои обичниот смртник сака да ги слушни, му се ветуваат сите тие нешта што тој ги посакува во своите соништа. Единствено не е фер да се објавуваат некои диригирани текстови од повисоко ниво, кои после изборите никој не знае ниту умее како да ги реализира вадејќи се со тоа дека општината нема доволно средства за тоа.

Како вие ќе бидете поразличен? Дали вашата програма е реално остварлива, направена врз реални студии и можности за искористување на сите ресурси или пак е само ветување како и досегашните партии?

Одговор: Секако дека сите мои предлози за што поквалитетен живот на секој поединец во мојот Прилеп се направени со сериозна анализа. Всушност тие идеи веќе нашироко успешно функционираат во разни земји на глобално ниво.

Не ветувам дека во Прилеп ќе изградам 500 хидро централи, не ветувам дека ќе донесам луѓе од Норвашка да не пренесуваат во нивниот систем, ама ќе ветам да бидеме ние своја верзија на Норвешка со сопствен систем каде своите сограѓани ќе ги направиме повторно горди на себе и своето постоење, и средната одамна изгубена и украдена класа да се врати повторно во нашите животи.

Реализација на голем број на проекти на локалната власт се поврзани со помошта или законите на централно ниво, како планирате да се справите со тоа?

Сите општини се како ќерки на централната власт, така да само со квалитетни и финансиски одржливи проекти ќе пробаме да добиеме средства за нивна реализација. Помошта за ценралната власт во комбинација со обезбедување на странски инвеститори кои се веќе спремни за инвестиција во прилепскиот регион ќе бидат финансиски носители за сите проекти преку кои животот на локално ниво ќе биде многукратно подобрен. Ќе се борам за децентрализација на моќта на централната власт во однос на уплата на даночните средства во буџетот. Моменталните 18% со потполно право на централната власт да им помага само на општините према кои има симпатија, да биде 15 плус 3%. Тоа значи да 15% одат во буџетот на државата а 3% во општинската каса, така да во таа ситуација секоја општина ќе се бори да биде што поуспешна и да внеси што поголем буџет во општинската каса за квалитетни проекти во интерес на своите граѓани.

И еве за крај уште еднаш зошто јас како граѓанин да го заокружам вашиот број, што ќе биде поразлично?

Различноста ќе биде во тоа што јас не доаѓам како политичар, туку како менаџер од реалниот сектор кое знаење е многу важно за да се знае и умее како да се планираат и реализираат нештата од почеток до крај без политички флоскули и празни приказни. Различноста ќе биде во оригиналноста на моите предлози кои го опфаќаат секој човек во Прилеп :

  • Изградба на огромна соларна енергетска зона
  • Можност на секој граѓанин во кофинансирање во овие соларни системи. Наместо своите заштедени средства да ги уплаќа во комерцијалните банки и секоја година да губи од нивната реална финансиска моќ, овде ќе им се овозможи исплата и профит на годишно ниво на име дивидента
  • Овозможување на брза постапка за добивање на документација за изведба како на овие системи, така и за сите напредни проекти во интерес на граѓаните од Прилеп.
  • Гасоводниот цевковод кој иако поминува покрај Прилеп, реално нема шанса да се приклучи во сервис на граѓаните за во наредните 10 години, кога се очекува цената на гасот да биде повисока од цената на обновливите енергенси, така да во постоечките парни системи ќе инсталираме комбиниран соларен–водороден систем.
  • Изградба на рудници за неметали и фабрики за полуфабрикати
  • Помош во соларни системи за хидро наводнување во земјоделството и овоштарството со можност за отплата од 1-3 години
  • Помош и отплата на соларни системи до 50 kW изведени на своите покриви, систем кој функционира во сите европски земји како и во нашето опкружување (кое во најскоро време мора да се промени во Законот за Енергетика)
  • Преку фондот за инвестиции формиран од самата општина ќе се помага во инсталирање на системи за електрични возила во јавниот и приватниот сектор.
  • Уште многу други неспомнати содржини кои не ги спомнуваме јавно, али ќе ги реализираме во корист на секого од нас

Нашиот живот е само наш и дозволете со заеднички сили и сериозно подржана локална програма да си го повратиме назад. Тоа не зависи од никој друг, туку само од самите нас!!!

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи