ВИДЕО – Во Прилеп се одржа традиционалната „Килимијада“ на здружението „Мајка Традиција“

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Килими, дипли, ирамчиња, јамболии, перничиња, англина, решилина и разни други традиционални везеници и плетеници беа дел од годинешната „Килимијада“ која традиционално по повод празникот Рождество на Пресвета Богородица ја организира здружението на жени од Прилеп – „Мајка Традиција“, која се одржа во центарот на Прилеп, на плоштадот „Александрија“.

„И да направиме една атмосфера овде секој да почувствува дека имаме иднина. И дека иднината ќе ни биде уште поубава. Сето е тоа од нашите членки во организацијата, чувано од нашите баби и мајки. Имаме и своја Етно соба и таму чуваме вакви работи во голем број. Во неа се релаксираме и сакаме и денеска да се релаксираме, сите што сме тука собрани“, вели Љубица Петреска, претседателка на здружението на жени од Прилеп – „Мајка Традиција“.

Велат дека за време на пандемијата помалку се дружеле, но секоја пак имала повеќе време да плети и да вези, сега конечно се надеваат дека пандемијата ќе заврши и дека ќе започнат да се дружат повторно како порано.

„И везиме и плетиме, па за време на ковидот жениве си имаа сплетено сите кој вермелчиња, која си плетеше на англе, имаме многу жени кои работат на англе, па решелина што работат, си везат, си плетат. Оваа година ќе славиме и 15 години од формирањето на нашето здружение. И мислам дека ќе се собериме во поголем број и ќе си го прославиме тој јубилеј на наш начин, со зелничиња, како што гледате нашите тршези никогаш не се голи и празни, си имаме зелници, кифли, си имаме сите разни месени работи. И си даваме една релаксација на душата, оти ако сам не си дадеш и ако денот денеска не си го направиш сам, ми се чини нема некој друг да ти го разубави“, додаде Петреска.

Дел од овие експонати кои беа изложени тука се стари и над 100 години, потекуваат од вредните раце на бабите и мајките на овие жени, а дел пак се и нивни творби и креации.

„Овој чаршав за на маса е стар 100 години од мојата баба која се викаше Рајна, јас сум на неа крстена и го чувам за спомен и ќе го оставам на моите деца. А тука имаме уште еден чаршав кој е стар 140 години. Значи запазена е традицијата, спомените од нашите прабаби, баби и мајки“, рече Рајна Оклеска, членка на здружението на жени од Прилеп – „Мајка Традиција“.

Здружението на жени од Прилеп – „Мајка Традиција“ кое брои 40 членки се доста активни и се постојано присутни на сите гастрономски манифестации, етно саеми, и други разни фестивали.

„Овие работи не се за продавање, туку само за изложување. Затоа и нашата организација се вика „Мајка Традиција“. Учествуваме на бројни натпревари и секаде добиваме бројни награди. Одиме и по нашиите манастири, каде сме домаќинки и таму изложуваме вакви работи и даваме на знаење на нашите граѓани дека се занимаваме со традицијата“, вели Драгица Петреска, членка на здружението на жени од Прилеп – „Мајка Традиција“.

Секој традиционален настан не би комплетен ако ја нема и традиционалната македонска кујна и специјалитети.

„Рецептите се од нашите баби, мајки, свекрви, зелници со изварка и јајца, со спанаќ, па кифли, слатки, сите се од нашите претци, а нив ги сакаат и младите“, кажа Павлина Трајкоска, членка на здружението на жени од Прилеп – „Мајка Традиција“.

Како шлаг на тортата секако беше настапот на играорците се традиционална македонска музика.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи