Е-услугите во руралните општини се уште далеку од светлото на денот – реформата на јавната администрација на локално ниво нужно потребна


34% од населението во руралните средини немаат информација дали нивната општина има активна веб страна, а над 40% услугите ги добиваат со посета на општините, додека пак 33,5% преку контактирање со познаници/пријатели. Комуникацијата на руралните општини со населението е оценето со средна оцека 3, додека пак дури 51% од населението не знаат кои услуги ги има и ги нуди општината, па често пати се мешаат надлежностите на националните и локалните институции.

Ова се само дел од резултатите на истражувањето кое што Рурална Коалиција го спроведе теренски во периодот јули – август 2021 на територијата на општините Старо Нагоричане, Врапчиште и Кривогаштани со учество на вкупно 155 испитаници, жители на руралните општини.

Само 12% од испитаниците одговориле потврдно на прашањето дали има назначено лице за комуникација со граѓаните, а дури 64.5% никогаш не поднесуваат претставки до општината за да се унапреди квалитетот на услугата од која што не биле задоволни. Во руралните средини сметаат дека дури ни Ковид кризата не го зголеми користењето на е-услугите поради ниското ниво на информираност кај граѓаните, ниската компјутерска писменост кај повозрасното население кое што доминира во руралните средини како и поради ниската доверба во електронското издавање на документи. И општините во руралните средини упатуваат на потребата од дополнителни финансиски, но и човечки ресурси како и воспоставување на информатичко-комуникациска структура која што во поголем број на руралните општини воопшто ја нема, но исто така и поврзување и вклучување во процесите на дигитализација кои што се одвиваат на национално ниво.

За да се надмине ваквата состојба потребно е вложување во информатичка и комуникациска технологија на територијата на целата држава, понатаму, во процесот на воведување на е-услуги, заради обезбедување поголеми придобивки за граѓаните и бизнис-секторот од нивното користење, неопходно е да се направи поедноставување на процедурите, зголемување на степенот на интерактивност и давање повратни информации од страна на јавните власти одговорни за доставување на услугите по традиционален и електронски пат, подобрување на е-вештините како кај вработените во општините, така и кај локалното население, но и зајакнување на свеста кај граѓаните за придобивките од користењето на е-услугите и издавањето на електронските документи.

Проектот “Достапност на локалните е-услуги – чекор напред или чекор назад во реформата на јавната администрација“ е финансиран во рамките на проектот за креирање на овозможувачка околина во земјите од ЗБ за мониторинг на реформите на јавна администрација од страна на граѓанско општество – WeBER 2.0 финансиран од страна на Европската Унија. Проектот WeBER 2.0 се спроведува од Центарот за европски политики – ЦЕП (Србија) како водечки партнер и партнерските организации: Институтот за демократија и медијација (Албанија), Иницијативата за надворешна политика (Босна и Херцеговина), Групата за правно-политички студии (Косово), Институтот Алтернатива (Црна Гора), Институтот за европска политика (EПИ) (Северна Македонија) и Центарот за европска политика (Белгија).

Автор : Рурална Коалиција

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи