Кодексот за фер и демократски локални избори политичките партии го потпишаа вчера во Клубот на пратеници. Со потпишувањето, политичките партии се обврзуваат на демократски изборен процес во кој ќе се почитуваат основните човекови права и слободи, со цел постигнување транспарентни, инклузивни и отчетни избори.
Сите учесници во изборите се обврзаа да го почитуваат законот, да не ги користат државните капацитети и потенцијали коишто им припаѓаат на сите граѓани, за фер натпревар и еднаквост на силите на сите кои учествуваат во кампањата. На овој начин се зацврстуваат фундаменталните вредности на демократијата и се придонесува за градењето на довербата во изборниот систем. Оваа година за прв пат беше воведена потточка за дискриминација по род со што Кодексот се проширува за уште една важна категорија.
Исто така, новинарите, уредниците и раководството на медиумите потпишаа Повелба за етичко известување за изборната кампања, обврзувајќи се на објективно, вистинито и навремено информирање, имајќи целосна одговорност и свесност за нивната улога околу претстојните локални избори во државата.
Премиерот Зоран Заев, изјави дека само со одржување фер и демократски избори сите во земјава можат да бидат победници.
„Го потпишавме Кодексот за фер и демократски избори, бидејќи со избори кои се европски ќе победиме сите. Тоа е најважното затоа што сега нема назад. Неколку избори наназад во овие четири години имаме пример за фер и демократски избори и секои нови се се подобри и подобри. Законските решенија ги имаат во најголем дел имплементирано препораките на ОДИХР и ОБСЕ“, рече Заев.
Изборите ќе се одржат на 17 октомври во недела.