Дали вежбањето може да помогне при анксиозност?

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Секојдневието со себе си носи разни проблеми, предизвици и потешкотии. Тоа пак си носи и чувство на притисок, стрес и анксиозност кај луѓето. Особено анксиозноста и анксиозните растројства се сè позастапени и почести во изминативе години. Се смета дека околу 3,6% од светската популација страда од некакво анксиозно растројство.

Меѓутоа, постојат повеќе начини на кои може да си помогнеме за справување со анксиозноста, а можеби и еден од најефективните е физичката активност. Во едно неодамнешно истражување се потврдува токму поврзаноста меѓу анксиозноста и физичката активност, па затоа во продолжение ќе зборуваме повеќе околу резултатите од истражувањето.

Што е анксиозноста и зошто настанува?

Анксиозноста може најлесно да се опише како чувство на грижа, неспокој, напнатост и вознемиреност. Тоа претставува нормална емотивна состојба кај луѓето, а најчесто е асоцирана со ситуации кои мозокот ги доживува како закана или опасност. Ваквата појава е нормална при доживување на некои стресни ситуации (губење на работата, несреќен случај, расправии и сл.) Таа може да има значително влијание врз нашето здравје, расположение и психичка благосостојба.

Зошто точно доаѓа до појава на анксиозност и зошто таа некогаш преоѓа во растројство, науката сè уште не дала одговор. Се смета дека не постои една, единствена причина за анксиозност, туку станува збор за повеќе фактори кои се во игра (генетика, претходни стресни ситуации, фамилијарна историја поврзана со анксиозноста и сл.).

Важно е да се разграничи разликата меѓу анскиозност и анксиозно растројство. Како што рековме анскиозноста е нормална човекова реакција на дадена стресна ситуација. Кога ваквата реакција преминува во растројство, стресот и стравувањата се прекумерни и не соодвестуваат на ситуацијата, а состојбата влијае и спречува нормално секојдневно функционирање. Физички, луѓето може да осеќаат згрчени и стегнати мускули, забрзано дишење и срцебиење, потење, тресење и сл.

Дали физичката активност може да помогне при анксиозност?

Едно истражување вклучило 395,000 луѓе како испитаници и ги следело во текот на 21 година, со цел да се утврди поврзаноста меѓу физичката активност и анксиозноста. Како тип на физичка активност која била анализирана била земена една трка во скијање која се одвива секоја година во Шведска. Скијачите биле споредени со група од општата популација која не практикувала некоја особена физичка активност. Бидејќи е тешко да се мери степенот на физичка активност кај ваков огромен број на испитаници, студијата се базирала исклучиво на учеството во оваа ски трка, која е долга околу 90 километри. Секако, се смета и дека учесниците во оваа трка се физички активни и преку остатокот од годината, бидејќи мора да се физички и кондиционо подготвени за ваквата долга трка.

Резултатите покажале дека скијачите имале околу 60% помалку шанси да развијат некаков тип на анксиозно растројство, во периодот од 21 година, во кој биле следени. Интересно е што, кај жените се појавила поврзаност меѓу интензитетот и брзината на скијањето и ризикот за појава на анксиозност. Жените кои биле повеќе физички подготвени и ја завршувале трката за пократко време, имале речиси двојно поголем ризик за појава на анксиозност, во споредба со жените кои трката ја завршувале за подолго време. Меѓутоа и кај физички подготвените жени, ризикот за анксиозност бил помал од контролната група – жени кои немаат зналителна физичка активност. Научниците констатирале дека и двата пола имаат значителни бенефити од физичката активност, но постојат разлики за оптималните нивоа на физичка активност.

Физичката активност не е единствената алатка која може да помогне

Анксиозноста и нејзината појава зависи од повеќе фактори – генетски, карактерни, фактори од средината, психолошки и сл. Физичката активност докажано помага при ублажување на симптомите на анксиозност и дури и при нејзина превенција. Но, тешко и речиси е невозможно да се одредат точните, оптимални нивоа на физичка активност кои се потребни за ваквите бенефити.

Некои студии покажуваат дека интензивните тренинзи и вежби се најповолни за анксиозноста. Се смета дека ваквите вежби поради нивниот ефект врз телото (забрзан пулс, задишаност, потење и сл.) симулираат и потсеќаат на анксиозни ситуации, па лицето е изложено и соочено со таквите „симптоми“ подобро. За потврдување на ваквите резултати е потребно повеќе истражување.

Во секој случај, секој тип на вежбање влијае позитивно врз симптомите на анксиозност и тоа на следните начини:

  • Вежбањето претставува еден тип на дистракција што ни го пренасочува вниманието;
  • Движење на телото доведува до намалена тензија и згрченост на мускулите;
  • Забрзаниот пулс и зголемениот крвоток доведува до промени и лачење на одредени хормони, како што е серотонинот, кои допринесуваат кон подобрено расположение;
  • Редовното вежбање се смета дека прави резерви на одредени соединенија кои подоцна може да се покажат како корисни при справувањето со тешки ситуации.

За максимално искористување на придобивките од вежбање:

  • Одберете вежби или физичка активност кои ви се омилени и кои не ви е тешко да ги правите;
  • Целете кон умерено забрзување на пулсот при правење на физичката активност;
  • Вежбајте со пријател или во група (секако доколку е безбедно);
  • Доколку се пријатни временските услови, вежбајте во природа, на отворено или во најблискиот парк. Природата дополнително го намалува стресот и анксиозноста.

Извор: Доктор Митов

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи