Македонскиот туризам со најслаби бројки во регионот, закрепнување најрано во 2023 година

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Загрижувачко намалување на бројот домашни и странски туристи, како и ноќевања, покажуваат официјалните статистички податоци за периодот јануари – јули 2021 во однос на истиот период во 2019 година, пред корона пандемијата. Ова намалување е најголемо споредбено со сите земји од регионот, оценува Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.

Според Здружението, македонскиот туристички сектор е во лоша сосотојба и се уште има потреба од поддршка. Предвидувањата се дека бавно ќе закрепнува. Се очекува намалувањето на туристи и ноќевања за 2021 година да биде околу 60 %, а во 2022 година да изнесува приближно 40 % доколку не се променат пристапот и политиките. Обновување на пазарот и достигнување на перформансите од 2019 година се очекува најрано во 2023 година, а најдоцна до 2025 година.

За секторот од особено значење е и запознавање на странските партнери со условите, мерките и политиките кои се применуваат во однос на справувањето со пандемијата, додава Здружението. Од тоа зависи каква ќе биде перцепцијата однадвор за Македонија како туристичка дестинација. Потребна е промоција во земјите од регионот, во географски радиус од 600 километри, а одржувањето и зајакнувањето на односите со поголемите странски тур-оператори со кои негуваме традиционална соработка преку директна комуникација на сите нивоа, мора да биде врвен приоритет. Истото се однесува и на односите со авионските компании кои оперираат кон и од земјава.

„Периодот јануари – јули 2021 за разлика од првите седум месеци во 2019 година, бележи просечно намалување на бројот туристи за 80 отсто и 77 проценти на реализираните ноќевања од традиционалните пазари – Австрија, Холандија, Полска, Белгија, Турција. Малку поблаг е падот на туристи и ноќевања од соседните земји, за 57 отсто на бројот туристи и за 51 процент на бројот  ноќевања. Според видот на туристички места, пак, се забележува сличен драматичен пад на прометот при што највисоко намалување на бројот туристи бележи Скопје, 53 отсто, а по него следуваат – езерски туристички места со намалување од 44 проценти и бањски туристички места со пад од 35 отсто. Најмал пад на бројот на туристи е забележан во планинските туристички места кои биле посетени од 22 отсто помалку туристи. Позитивен тренд е забележан само во издавањето куќи и станови за одмор, како и преноќишта“, наведува Здружението.

Според Заводот за статистика, во периодот јануари – јули 2021 споредбено со 2019 година бележиме намалување на бројот туристи за 305.000 или за 50 отсто. Бројот на домашните туристи се намалил за 26.000 или за 12 проценти, а бројот на странски туристи за 280.000 што е пад за 68 проценти.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи