Изложбата „Асоцијации“ од Росица Лазеска во петок во Цепенков

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

На 1 октомври 2021, петок од 18.30 ч. во ликовната галерија на ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена изложбата „Асоцијации“ од уметницата Росица Лазеска.

Текст од Климе Коробар

На оваа изложба Лазеска ни се претставува како автор со инвентивна ликовна имагинација и изразито креативна енергија. Изложбата на цртежи и колажи е вистинска свеченост за окото, во која таа ја напушта класичната претстава за цртежот и со низа од линии и плохи гради еден сопствен свет во кој имагинацијата е нејзин императив. Не случајно Росица Лазеска за оваа 2021 година е носител на наградата заекспериментален цртеж воспоставена од Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Се работи за динамичен сликар – графичар кој преку експресивната композиција ги спротиставува преплетите од линии, кои за момент се дисхармонични, а конечниот резултат е складно единство и хармонија. Композицијата е зрела и сугестивна со јасни потези на линиите и плохите без разлика дали се работи за нијанси во црно-бела техника или во боја.

Композицијата во цртежите збогатени со колаж е фино хармонизирана со магичен распоред на јаки тонови, модерно и фино избалансирана.

Својствено за Лазеска е што нејзините дела имаат еден жив ритам кој ни го доловува нејзиниот асоцијативен и метафоричен јазик, кој не може, а да не ве возбуди. Затоа оваа изложба може дасе следи ислуша како соната која во себе содржи ритмични тонови што ѕвонат во нашите уши, ги честат нашите очи и ја облагодаруваат нашата душа следејќи ги имагинарните пејсажи на Росица Лазеска.

Росица Лазеска, родена 1956 во Скопје. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје 1986, дипломира на Факултетот за ликовни уметности , отсек графика во 1992 во Скопје. Од 1992 е член на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ДЛУМ. Во периодот од 1993-1995 работи на изработка на неколку поштански марки.

Добитник е на Гранд При на 2-то Интернационално графичко триенале во Александрија, Египет во 1996година.

Самостојни изложби

1993      Битола, Уметничка галерија

1994      Скопје, Културно информативен центар, КИЦ

Прилеп, Дом на култура „Марко Цепенков“

Велес, Културен дом

1999      Александрија, Египет, Национален центар за уметност (изложба организирана по повод        добивањето на Гранд При на 2-то Интернационално графичко триенале во 1996)

2004      Нант, Франција, Сент Ерблан, Медиатека Ермеланд

2005      Скопје, Музеј на град Скопје

2006      Скопје, Француски културен центар

2010      Скопје, Дом на АРМ

2013      Скопје, Национална галерија на Македонија

2016      Скопје, NLB галерија, Тутунска Банка,

2020      Скопје, Културен дом  „Коцо Рацин”

2021      Скопје, Културно информативен центар, КИЦ

Групни изложби

Учество на повеќе групни меѓународни и домашни изложби:

1991, Кул-де-арт, Кувин, Белгија, „Мал формат на хартија“; Хавана, Куба;  Фридрекстад, Норвешка; „Меѓународно графичко триенале“, Калифорнија, САД; Лоѓ, Полска;  Мастрихт, Холандија;  Краков, Полска;  „Меѓународно триенале на графика“, Нинберг, Германија;

Штудгарт, Германија;  „Меѓународна награда на графика Бела“, Бела, Италија; „ 2-ро Интернационално триенале на графика“, Александрија, Египет; Меѓународно биенале „Мајстори на графиката“, Гиор, Унгарија; Намур, Белгија; „Триенале на мала светска графика“, Шамалие, Франција; Софија, Бугарија;  Париз, Франција; Меѓународно графичко триенале, Битола, Македонија; „Графичка група 88“, Уметничка галерија, Скопје; учествува на повеќето изложби во организација на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, (ДЛУМ), како и на многубројни домашни изложби во земјата.

Награди

1996  Гранд При на „2-то Интернационално графичко триенале на графика“, Александрија, Египет

1997  Диплома на „Мегународното графичко триенале“, Битола, Македонија

2000  Откупна награда за цртеж на Народна универзитетска библиотека(НУБ) „Св. Климент   Охридски“, Скопје, Македонија

2010  Награда за цртеж на ДЛУМ, „Никола Мартиновски“, Скопје

2010  Награда за цртеж на „Светска галерија на цртеж Остен“ , Скопје

2021  Награда за цртеж на ДЛУМ, Скопје

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи