Родител на малолетничка обвинува за скандалозни активности на камп – соблекување на облеката, глумење секс пози…

Facebook
Twitter
Email
Print


Родител на средношколка од Скопје, за „Слободен печат“ сведочи дека неговата малолетна ќерка викендов доживеала шок од активности кои се случувале на извиднички камп организиран во близина на Скопје, насловен како „Есенски бакнежи и прегратки, секс скаутс и рок енд рол“.

Според девојчето, кое се обратило до училишниот психолог со писмена изјава, а која родителот ја образложи во аудио разговорот со редакцијата на Слободен печат, активностите биле несоодветни и немаат никаква врска со сексуална едукација.

„Требало да глумат секс пози во пар и со „клецање“ да се пукне надуван кондом. „Клецање“ е зборот што го употребиле. Друга точка било да обојат гол дел од телото и да остават отпечаток на хамер. Секој учесник морал да остави различен дел од телото. Отпечатоците биле бодувани – рака 10 поени, нога 10 поени, стомак 15 поени, задник 40, гради 60, машки полов орган 80, женски полов орган 80 бодови. Децата се соблекувале, само во нивната мала група од четири луѓе, си ги боеле половите органи и го оставале отисокот. Таа видела отисоци од машки и женски полов орган, што значи дека се соблекле, го обоиле половиот орган и го ставиле на хамер пред таа мала група малолетни деца, изјави родителот.

Редакцијата на „Слободен печат“ заради заштита на идентитетот на малолетното дете, не објави информации за идентитетот на родителот . Целото аудио сведочење слушнете го ТУКА.

Од здружението ХЕРА апелираат за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување и разрешување на случајот поврзан со извидничкиот настан.

ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација апелира за итно постапување на институциите по допрен глас и за целосно расветлување и разрешување на случајот поврзан со извидничкиот настан Sex Scouts and Rock n Roll. Според сведоштвото, учесниците на настанот, меѓу кои и малолетни лица биле дел од активности кои се недозволиви и немаат никаква врска со сексуална едукација. Информациите од родителот укажуваат на кршење на малолетнички права и на сексуално вознемирување – однесувања кои се неприфатливи и кои, доколку се утврди дека навистина се случиле, мора да се санкционираат.

Еден од најважните постулати на сексуалното образование е да се гарантира безбедна средина за секој учесник и да постои согласност за учество од страна на учесникот, што е уште поважно кога станува збор за малолетни лица кои немаат законска можност да дадат согласност. Доколку се спроведува правилно, сексуалното образование треба теориски да укажува како да се заштитиме од сексуално преносливите инфекции, сексуалното вознемирување, сексуалното насилство и дискриминацијата и во никој случај не смее да опфаќа активности преку кои учесниците се злоупотребени, доведени во непријатна ситуација или наведени да прават нешто против својата волја.

Оттука, сексуално образование или едукација не може и не смее да предава секој ентузијаст кој смета дека има познавање од тематиката. Сексуалното образование не е импровизација. За да се изведува онака како што треба, мора да се следат насоките на УНЕСКО и на Светската здравствена организација и мора да биде спроведувано и надгледувано од докажани експерти во областа, психолози, доктори и сертифицирани едукатори и институции.

Токму поради вакви ситуации, ХЕРА со години укажува на потребата од квалитетна и докажана програма за сексуално образование која треба да е дел од формалниот образовен систем и проследена со сите потребни стандарди за достоинствена и квалитетна едукација. Едно од основните човекови права е правото на образование и и не смееме да дозволиме младите да ги бараат овие права и информации каде било. Местото за образование е училиштето или неформалната едукација која може да ја спроведуваат единствено искусни, докажани и стручни лица.

Истовремено, ги демантираме информациите кои се појавија на социјалните мрежи дека ХЕРА е организатор или поддржувач на горенаведениот настан. Според интерните политики, во изминатите 20 години ХЕРА обезбедува едукативни и информативни материјали и средства за превенција на ХИВ, кои се бесплатни и достапни во нашите сервиси за сите поединци и организации. Оттука, се оградуваме од каква било одговорност за настани и тренинг-програми во чии подготовки и спроведување не сме учествувале.

Најпосле, апелираме до сите родители и старатели во иднина, пред да дадат согласност за учество на малолетни деца во какви било активности, да побараат детална програма за активностите и информации за одговорните лица кои ќе гарантираат безбедна средина за учесниците. Ги охрабруваме младите кои имаат какво било искуство поврзано со вознемирување, насилство или злоупотреба, да се обратат за бесплатна психолошка поддршка во Првиот семеен центар на ХЕРА секој работен ден, од 10 до 18 часот (контакт: 02/ 3200 007).

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека во полиција настанот е пријавен од страна на родители. Неофицијално дознаваме и дека Јавното Обвинителство отворило предмет за случајот, по што ќе бидат обавувани разговори со сите инволвирани. На кампот насловен „Секс, скаутс и рок енд рол“, присуствувале околу 40 ученици од средните училишта во Скопје, но не биле организирани преку училиштата туку преку извидничкиот одред.

Организацијата организатор на настанот –  Прв Скопски извиднички одред засега немаат дадено одговор на прашањата од Слободен печат за тоа кој е обучувач за сексуалното образование кое го нуделе на младите, од каде добиле дозвола за нејзиното спроведување и сл.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи