JO: Прегреан кабел на дефибрилатор го предизвикал пожарот во кој изгоре Тетовската модуларна болница

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Во Основното јавно обвинителство Тетово доставен е Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи.

Согласно издадената Наредба од Основното јавно обвинителство Тетово, вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица.

Од извршената анализа на трагите од пожарните оштетувања, динамиката на ширење на пожарот и врз основа на оштетувањата на инвентарот и просторот, земајќи ги предвид и добиените сознанија за дејствијата пред и во текот на настанувањето на пожарот, вештите лица ја утврдија локацијата, како и можната причина за настанување на пожарот.

Имено, со вештачењето се утврдува дека пожарот настанал како последица од електрична куса врска преку висок преоден отпор во приклучниот кабел на дефибрилатор со кој се вршела реанимација на пациент во една од болничките соби. Прегревањето на кабелот предизвикало палење во приклучната кутија од продолжителниот кабел на кој бил приклучен дефибрилаторот, полнач за мобилен телефон и уште еден апарат.

По воочена појава на пламен, присутниот медицински персонал презел обид за гаснење, но настанало бурно ширење на пожарот по целиот објект, простирајќи се по кровните панели кон ниските предели на панелните ѕидови и болничкиот инвентар. Со оглед на тоа што сите хоспитализирани пациенти биле приклучени на централниот довод за кислородна поддршка, а со тоа и процентуалното присуство на кислород во целиот болнички простор било зголемено, како и поради настанато оштетување на кислородната инсталација во текот на пожарот, огнот се проширил по целиот објект за многу краток временски период.

Кон ова придонел и фактот што во поткровниот простор на објектот не постојат прегради помеѓу модулите / просториите и кон ходникот кои би го успориле пренесувањето на огнот.

Ова вештачење е само еден од досега обезбедените докази. Се очекува во Основното јавно обвинителство Тетово да пристигнат извештаите и податоците за кои обвинителството има издадено наредби и насоки и до други надлежни институции, како и вештачењето кое треба да пристигне согласно побараната меѓународна правна помош од експертски тим од Република Германија. Едновремено, обвинителството и натаму интензивно постапува по предметот и се преземаат и други дејствија за целосно расчистување на настанот.

По прибирање на сите вербални и материјални докази, по нивно разгледување и анализа, ќе биде донесена јавнообвинителска одлука за натамошниот тек на постапката.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи