Пристап до климатска правда преку креативни акции насловени „Проект: Дива депонија“ – Општина Кривогаштани и населба Тризла, Прилеп

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print


Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. од Прилеп во соработка со Фондацијата Отворено општество – Македонија, во општините Кривогаштани и Прилеп спроведе Креативни акции за информирање и подигнување на свесноста во однос на опасноста од климатските промени.

Првата акцијата се одржа на ден 24.09.2021 во с.Кривогаштани, м.в. Ливадски пат, а втората акција се одржа денес, 25.09.2021 година во нас. Тризла 2, м.в. Кај Крстот (Дебарца) во Прилеп, во период од 10.00 – 12.00 часот. Целта на акцијата беше подигнување на свесноста и информирање на пошироката јавност во однос на опасноста од климатските промени кои се случуваат глобално, како и свртување на јавното внимание за климатските ризици во кои се наоѓаат маргинализираните граѓани.

Креативните акции се дел од проектот: „Климатска правда за маргинализираните граѓани“, кој го имплементира Здружението СТАНИЦА П.Е.Т. со цел овозможување на пристап до климатска правда за граѓани од маргинализирани заедници, преку идентификување на диви депонии кои ја загрозуваат животната средина, свртување на јавното внимание за климатските ризици во кои се наоѓаат маргинализираните групи на граѓани, од што се очекува да произлезе креирање на партнерство за вклученост на граѓаните и нивните климатски потреби во програма на локалната самоуправа. Акцијата е резултат на претходно спроведено мапирање на диви депонии во с. Кривогаштани и нас. Тризла 2, при што беа идентификувани 5 локации, во Кривогаштани (м.в. Ливадски пат) и во Прилеп, Тризла 2 (Три Багреми, Дебарца, Покрај Касарни и м.в. Кај Крстот), каде се создадени диви депонии кои не ги задоволуваат ниту основните еколошки стандарди и се на штета на здравјето на граѓаните и целокупната животна средина.

Правото на здрава животна средина е универзално загарантирано право на секој човек. Сепак, сведоци сме на неизбежни климатски промени кои се случуваат глобално како последица на непоправливите нарушувања и штети кои се направени врз животната средина. Но, како и за многу други нарушувања во балансот, ниту последиците од климатските промени нема да ги сносат сите граѓани подеднакво. Оттука, потребно е посебен фокус да се стави на климатската правда, која гледа на климатската криза низ призмата на човековите права и на верувањето дека со заедничка работа можеме да создадеме подобра иднина за сегашните и идните генерации.

Едни од најмаргинализираните групи на граѓани кои живеат во нашата држава, а особено во Пелагонискиот регион се Ромите и лицата од руралните средини. Бројни фактори низ годините придонеле овие граѓани да бидат и најизложени на ризиците од климатските промени, а од друга страна да бидат најмалку во можност да се изборат за климатска правда.

Општина Кривогаштани се наоѓа во југозападниот дел на Македонија, и има 12 населени места, во кои живеат околу 6.100 жители. Најголемиот дел од нив својата егзистенција ја обезбедуваат од земјоделството, односно од производството на пиперки, тутун и житни култури. Покрај проблемите од егзистенцијален карактер, жителите од оваа општина се соочуваат и со проблеми во комуналниот сектор, односно немање соодветен регулиран план за прибирање и одлагање на отпад. Истиот во скоро сите населени места се одлага на диви депонии кои се наоѓаат во непосредна близина на населените места. Околу нив се наоѓа обработливо земјиште, ниви и ливади на кои локалното население ја напасува стоката. Од депониите се загадуваат и подземните води, кои можат да остават последици при наводнувањето на земјоделските површини. Дополнително, постојаното согорување на депониите го загадува и воздухот за жителите на овие места.

Ромите во Општина Прилеп официјално бројат околу 4.433 жители и се втора по големина етничка заедница од оваа општина. Тие живеат главно во градот Прилеп, односно на неговата периферија. Населбата во која живеат се состои од четири делови, од кои два се наурбанизирани односно надвор од ДУП на Општина Прилеп. Населбата во која живее ромската заедница се карактеризира со бројни недостатоци во поглед на инфраструктурата, како што се неасфалтирани патишта, немање пристап до вода и сл. Еден од поголемите проблеми е и недостатокот на комунално уредување, недостаток на јавни контејнери за одлагање на отпад и нерегулирано собирање на истиот, особено во неурбанизираните делови. Како последица, во заедницата се содздадени повеќе диви депонии, во кои се одлага и се согорува отпадот, во крајно несоодветни и неконтролирани услови. Сепак, овој проблем иако се заканува да стане „тивок убиец“ на граѓаните, како да не е доволно атрактивен за решавање, па ретко се актуелизира и дискутира.

Перформансот на акциите се состоеше од креативно изработен транспарент кој беше поставен на местото на депонијата на м.в. Ливадски пат и Кај Крстот (Дебарца) кој беше обележан со црвена трака која означува само уште една нова “градежна парцела“ на која се “гради“ и трупа отпад недозволено, а ја уништува животната средина и здравјето на граѓаните континуирано. Исто така, присутните активисти носеа и заштитни шлемови за да се заштитат од неконтролираното расфрлање на “градежниот материјал“ (отпадот).

Преку креативниот активизам се очекува решавање на проблемот со дивите депонии кои произлегуваат како резултат од недостаток на регулирани депонии за одложување преку предвидување на регулирани депонии по стандарди кои ги задоволуваат критериумите за заштита на животната средина. Со ова ќе се придонесе кон зголемување на климатската свест кај граѓаните, но и кај локалните институции за заштита на здравјето на граѓаните, но и актуелизирање на проблемот и нивното штетно влијание, со што ќе се овозможи притисок од јавноста за решавање на истиот.

*Погледнете ја актуелната состојба на депонијата во Кривогаштани на следниот линк, а за состојбата со депонијата во населба Тризла, прилеп погледнете на следниот линк.

*Креативната акција се реализира во рамки на проектот “Климатска правда за најмаргинализираните граѓани” со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија. Содржината е единствена одговорност на СТАНИЦА П.Е.Т. и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на ФООМ.

Автор: СТАНИЦА ПЕТ ПРИЛЕП

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи