Локални избори 2021: Уште 5 дена изборна кампања и ветувања

Facebook
Twitter
Email
Print


Проекти за повеќе можности за напредок на младите, бесплатни оброци за учениците, стипендии за најдобрите, вложувања во екологијата и решавање на сообраќајниот метеж, ветија кандидатите за градоначалници на синоќешните митинзи.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев на митингот во Струга рече дека актуелната власт вложува во сигурни и реално остварливи проекти, додека опозицијата нуди конфузни најави за некакви проекти, кои се неизвесни.

Пораки за создавање на нова иднина и отворање на можности за сите граѓани најави ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на партијата Христијан Мицковски од Прилеп рече дека ќе треба да се поправат многу работи кои изминатите четири години биле погрешни.

Демократската унија за интеграција ја презентираше зелената агенда пред жителите на Сарај каде лидерот на партијата Али Ахмети кој порача дека се работи за агенда на времето.

Од „Беса“ ветија враќање на довербата на граѓаните во општината и соработка помеѓу градоначалникот и советот на општината.

За лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, овие избори се многу важни бидејќи општините се прва врата на која се обраќаат граѓаните кон институциите за секакви потреби.

На една недела до изборите партиите и кандидатите за градоначалници денеска ги продолжуваат предизборните активности. Коалицијата предводена од СДСМ ќе биде во Дебрца, Македонски Брод, Долнени, Прилеп и Крушево, додека коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ги посети Василево, Босилово и Ново Село. Партијата „Левица“ ќе одржи митинг во скопската општина Аеродром, ЛДП и ДОМ во Шуто Оризари и Петровец, а „Твоја партија“ ќе одржи средби со граѓани во Скопје. Демократската унија за интеграција ќе одржи предизборни митинзи во Липково и во Куманово, а БЕСА во Брвеница, Голема Речица.

На полноќ заврши и рокот за пријавување за гласање на болните и немоќните лица, додека рокот за лицата со Ковид -19 или во самоизолација е до утре на полноќ. Овие лица, како и затворениците, лицата во притвор, во стaрските домови и внатрешно-раселените лица ќе гласаат ден пред изборите односно во сабота на 16 октомври. За утврдување на идентитетот и проверката дали веќе гласале, за нив нема да се користат уредите за биометриска идентификација, туку спреј и УВ ламба.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи