Јованоски: ВМРО ДПМНЕ ги побркале сметките, трошев многу помалку од мојот претходник Марјан Ристески

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on email
Email
Share on print
Print

Ако нешто треба да им се признае на челниците на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, е тоа дека 4 години останаа доследни во пласирањето клевети, лаги и невистини, изјави градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски на денешната прес конференција.

Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.

„Меѓутоа, се чини дека во намерата да го дискредитираат моето работење, со вчерашната прес конференција се надминаа себеси.

Анализирајќи го финансиското работење на локалната самоуправа за време на мојот 4-годишен мандат, намерно или случајно, ги побркале сметките.

Првата голема лага, се расходите за репрезентација. Бројките го велат следното:

За време на моето извршување на функцијата градоначалник на општина Прилеп, во периодот од 2018 година, заклучно со 30.09.2021 година, расходите за репрезентација изнесуваат 5.239.000 денари.

Наспроти ова, мојот претходник, Марјан Ристески, за време на неговиот последен мандат, од 2014 до 2017 година за истата намена потрошил 14.670.000 денари, односно трипати повеќе во однос на трошоците за репрезентација во мојот мандат.

Од 2018 до 2021 година, трошоците за течни горива и масла на Општина Прилеп и Територијалната противпожарна единица изнесувале 4.500.000 денари, за разлика од периодот 2014 до 2017, кога претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ за гориво и масла потрошила двојно повеќе, односно 10.000.000 денари.

Потрошените средства за поправки и сервисирање на возила за време на мојот мандат и последниот од трите мандати на Марјан Ристески се речиси идентични: 5.900.000 наспроти 5.200.000 денари.

Она кое што овде треба да се потенцира, е дека во изминатите 4 години набавени се 3 возила за потребите на Територијалната противпожарна единица и дека Општината располага со застарен и амортизиран возен парк. Ќе напоменам дека последната набавка на возило, Општина Прилеп ја направила пред 8 години, односно во 2013 година.

Од 2018 до 2021 година, за рекламирање во медиумите, односно во телевизии, радија, интернет портали и печатени медиуми, како и за разни јавни објави, Општината потрошила 4.000.000 денари. Тоа е речиси трипати помалку од оние 11.360.000 денари, колку што Марјан Ристески потрошил за истата намена од 2014 до 2017 година.

Што се однесува, пак, до средствата за набавка на весници и списанија, од 2018 до 2021 година за оваа цел се потрошени 200.000 денари, за разлика од фрапантните 1.600.000 денари потрошени од локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот градоначалник Марјан Ристески.

Господа од ВМРО-ДПМНЕ, пред фактите молчат и Боговите“, изјави Јованоски.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи